Press "Enter" to skip to content

Прва пресуда за Мијалков: Три години затвор и назад во Шутка

Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање денеска во Кривичниот суд ја дочека првата пресуда за случајот Титаник 2 на Специјалното јавно обвинителство. Судечкиот совет одлучи Мијалков да биде осуден на три години казна затвор за делата кои му се ставаат на товар. На барање на обвинителката Фатиме Фетаи, судечкиот совет одлучи поради можност за бегство на Мијалков до правосилност на пресудата да му се одреди мерка притвор.

Заедно со Мијалков во овој случај обвинети и осудени се уште пет лица. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи е осуден на три години и два месеца казна затвор. Бедредин Ибраими – поранешниот претставник на ДПА во Државната изборна комисија е осуден на четири и пол години и на барање на Фетаи и тој до правосилност на одлуката ќе биде во притвор. Останатите тројца членови на ДИК претставници на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефанова се осудени на по три години затвор. Освен за Мијалков и Ибраими, Фетаи за останатите обвинети побара како мерка на претпазливост тие повремено да се јавуваат во суд.

Обвинителката барањето за притвор за Мијалков го оправда со можноста тој да избега од државата, додека пак за Ибраими рече според неговото однесување можело да се види дека тој не го признава СЈО судот и не го почитува, а тоа однесување давало сомнеж дека нема да ја почитува ниту пресудата.

Мијалков на ова рече дека тврдењето оти постои опасност од бегство е шпекулација и не е поткрепено со докази.

Ако се осврнеме ретроспективно на изминативе години можеме да заклучиме дека наративот на моето однесување од тој период со ниеден гест не даде индиција дека сум помислил, а камоли да планирам такво нешто. Јас во неколку наврати ја кажав филозофијата на моето размислување, со бегање проблемите не се решаваат. Стилот на моето живеење не е бегањето. Доколку Апелациониот суд потврди, тоа ќе го решам со извршување казна, никако со бегање“, рече Мијалков.

Титаник 2: Осудените поништиле легално гласање во Струмица

Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство, Сашо Мијалков, користејќи ја својата моќ што ја имал во општеството и блиските односи со Мендух Тачи, во 2013 година се јавил кај Тачи и побарал од него членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на гласањето во избирачко место во Струмица, иако за тоа немало основ.

Тачи се јавил кај Ибраими и тој гласал за поништување, а останатите тројца членови Срцев, Сајковски и Стефанова исто така гласале да се поништи гласањето, иако бројот на запишани избирачи и бројот на гласачки ливчиња бил ист. Со тоа, противзаконски му овозможиле на кандидатот за градоначалник на Струмица од ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев да ја продолжи изборната битка во втор круг.

Ваквата одлука на членовите на ДИК придонела да има прегласување со што била нанесена штета на буџетот.

Во снимените телефонски разговори, една од „бомбите“ е и разговорот меѓу Мијалков и Тачи и меѓу Тачи и Ибраими, од кои се слуша како Мијалков од Тачи бара да се гласа за приговорот на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, а ова веднаш му било пренесено на Ибраими.

Судијата Огнен Ставрев при изрекувањето на пресудата рече дека никој нема право да ја узурпира правната држава за интереси на поединци и групи и дека со умисла ги сториле кривичните дела.

Во предметот беа обвинети и 5 управни судии, Апелациониот суд ги спаси од кривичен прогон. Првото рочиште за овој предмет се одржа на 24 април 2018 година.

Освен овој случај во кој Мијалков ја дочека првата пресуда од три години затвор тој е обвинет во уште три случаи Таргет-Тврдина, Тортура и Трезор. Во случајот Империја заедно со бизнисменот  Орце Камчев се обвинети за финансиски малверзации.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »