Обвинителството за организиран криминал и корупција води истражна постапка за организаторите на насилните протести на 27 април пред две години.
Во соопштението кое пред малку го објави обвинителството не се посочени ниту имињата, ниту иницијалите на осомничените, но претходно од Обвинителството неофицијално потврдија дека се приведени се поранешниот спикер на Собранието Трајко Вељаноски и поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески. Од извори од Обвинителството ИРЛ дознава дека се трага по поранешниот премиер Никола Груевски кој е во егзил во Унгарија, и ексразузнавачот Никола Бошковски кој бара азил во Грција.
Според Обвинителството сите се сомничат за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За сите осомничени Обвинителството до Кривичниот суд доставило Предлог да се определи притвор.
Како што пишува во соопштението на Обвинителството, додека во Собранието се одвивало насилството, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје.
Според Обвинителството, организаторите уште по завршување на парламентарните избори во декември 2016 година, планирале да не дозволат друга партија мирно да ја преземе власта.
„Наодите од предистражната постапка укажуваат дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите“, пишува во соопштението на Обвинителството.
Според Обвинителството за организиран криминал, осомничените со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, на 27 април овозможиле насобраниот народ да влезе во Собрание, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство.
Како што беше посочено и во дел од сведочењата во текот на судската постапка за 27 април, од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови.