Press "Enter" to skip to content

Полициските документи за убиството на Јан Куцијак ќе бидат отворени за новинарите

Бруталното убиство на новинарот Јан Куцијак и неговата вереница Мартина Кушнирова, кое се случи на 21 февруари минатата година, ги шокираше новинарите ширум светот.

По убиството, „Мрежата за известување за организиран криминал и корупција“ (OCCRP), Истражниот центар на Јан Куцијак „Актуелноста.ск“ и многу други медиумски организации започнаа проект со кој ја продолжија истражувачката работа на Куцијак, а истовремено и го истражуваа убиството на младиот пар, обидувајќи се да ги  пронајдат одговорните.

Полициската истрага заклучи дека словачкиот олигарх Маријан Кочнер го наредил на убиството на Куцијак со цел да го замолчи и да ги заплаши сите други словачки новинари кои би помислиле да ги истражуваат нелегалните активности на Кочнер. Тој беше обвинет во март, а судењето за случајот треба да започне на 19 декември.

За време на полициската истрага за убиствата, словачката полиција собра најмалку 57 терабајти електронски податоци. Откако истрагата заврши, „Мрежата за известување за организиран криминал и корупција“ (OCCRP) доби копија од поголемиот дел на официјални досиеја, вклучувајќи и необработени докази запленети и собрани од полицијата. Податоците им беа обезбедени на „OCCRP“ со надеж дека организацијата може да изврши притисок на словачкиот правосуден систем и да се осигура дека ќе има правда за Куцијак.

Во моментов „OCCRP“ работи на безбедно архивирање, складирање и обработка на податоците, со цел да се осигураат дека тие се употребливи и ќе бидат достапни за идна анализа. Во наредните месеци, сите архивирани податоци ќе им бидат ставени на располагање на одговорни медиуми што ги исполнуваат највисоките етички и новинарски стандарди и работат во интерес на јавноста.

Од Мрежата за известување велат дека е возможно, во пресрет на изборите во Словачка следната година, корумпираните медиуми лажно да тврдат дека имаат пристап до полициската истрага и податоците. Но, Мрежата гарантира дека нивната архива ќе послужи како доверливо јавно складиште кое ќе ги потврди вистинските тврдења и ќе ги побие дезинформациите и лагите во врска со истрагата.

Читајте повеќе:

Манекенката, мафијата и убијците на Јан Куцијак

Повеќе од Меѓународни истражувањаПовеќе теми во Меѓународни истражувања »