Обвинителството за организиран криминал и корупција до Кривичниот суд поднесе обвинение против поранешниот претседател на Собранието трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и против поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста како организатори на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.
За Никола Груевски и Никола Бошковски, кои во моментов се недостапни на органите на прогонот, постапката е запрена до нивно пронаоѓање.
Според обвинението, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање влада, обвинетите со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, тие ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.
Критичниот ден, на 27 април 2017, организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиште на политичка партија двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.
Во исто време, еден од осомничените, за кого постапката е прекината поради недостапност, со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена Борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во да ги извадат хард дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди.
Обвинителството бара Кривичниот суд да му ја продолжи мерката притвор на Миле Јанакиески, а мерката притвор на Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски да им се замени со куќен притвор.