Press "Enter" to skip to content

Откажана кампањата на владата од 325 илјади евра за промоција на европските вредности

01.11.2019

Владата одлучила да го рекламира успехот за добиениот датум за преговори и за тоа да потроши 325 илјади евра, но откако датумот се загуби, кампањата се откажала.

Членовите на владиниот кабинет биле оптимисти дека Европа ќе одлучи позитивно по препораката на Европскиот парламент за конечно започнување преговори за членство, па на 8 октомври годинава на 156 тата владина седница одлучиле да спроведат кампања за промоција на европските вредности вредна 20 милиони денари или 325 илјади евра.

Владата ќе организира и спроведе серија активности за подигање на јавната свест и промоција на европските вредности и придобивките кои државата ќе ги почувствува од членството во Европската Унија, за време на преговорите. Преку серијата комуникациски активности ќе се испрати пораката дека за Република Северна Македонија оваа одлука претставува национален успех на сите генерации од независноста до денес, успех преку кој ќе може да се постигне подолготрајна мотивација на граѓаните и особено на младите да бидат ангажирани во процесите на подобрување на општественото живеење и мотивација граѓаните и младите да ја видат шансата во својата држава, се вели во записникот од 156-тата седница на Владата на Република Северна Македонија.

Министрите, премиерот и неговите заменици заклучиле дека нема време за губење бидејќи одлуката ќе била позната за само 10 дена од седницата, па одлучиле да спроведат итна набавка, без објавување и спроведување оглас и за тоа ја задолжиле Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Од Министерството за финансии побарале да ги обезбеди парите и истите да и ги префли на Службата. Директорот на СОЗР Пеце Мирчевски за ИРЛ потврди дека набавката пропаднала бидејќи датумот не е добиен. Прашавме кои компании ги контактирале или планирале да ги контактираат за да им побараат понуди за изработка на кампањта за подигање на свеста за европските вредности.

Можам да ви кажам едниствено дека контактираме етаблирани домашни компании. Сепак, зборуваме за нешто што не се случи, вели Мирчевски за ИРЛ.

Поради отпорот на Франција, Република Северна Македонија не доби датум за почеток на преговори на 18 октомври што ја втурна земјата во предведени избори и уште една политичка криза.