Press "Enter" to skip to content

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж денеска е уапсен во Лондон

Британската полиција денеска го упаси основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, откако Еквадор го повлече азилот кој му беше даден. Тој е притворен во централната полициска станица во Лондон, каде што ќе остане до појавувањето пред судот во Вестминстер што е можно побргу, се вели во соопштението на полицијата.

Во видеото од апсењето кое го објавија светските медиуми, Асанж извикува „Велика Британија мора да даде отпор на администрацијата на Трамп“.

Адвокатот на Асанж, Пер Самуелсон изјавил дека постои можност неговиот клиент да биде екстрадиран во САД.

Секако дека ова е целосно неприфатливо. Постојат јасни знаци кои укажуваат дека Американците сакаат да го осудат или веќе го осудиле Асанж. Да видиме дали неговата загриженост е оправдана или претерана. До денес, САД можеа тајно да ги играат своите карти, но тоа веќе нема да биде можно“, рече Самуелсон.

Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, во видео обраќање рече дека Велика Британија гарантирала дека Асанж, нема да го екстрадира во земја, каде би можел да биде мачен или осуден на смртна казна.

Водејќи се од нашите силни заложби за човекови права и меѓународно право, побарав од Велика Британија да гарантира дека господинот Асанж нема да биде екстрадиран во земја каде би можел да се соочи со тортура и смртна казна. Британската Влада ми го потврди тоа написмено, во согласност со нивните закони“, рече Морено.

Тој претходно изјави дека Еквадор одлучил да му го укине азилот на Асанж затоа што повеќе пати го прекршил протоколот и меѓународните конвенции.

Апсењето на Асанж на „Твитер“ го прокоментира и свиркачот Едвард Сноуден, кој се наоѓа во азил во Русија.

Во учебниците по историја ќе влезе дека амбасадорот на Еквадор ја повикал тајната полиција на Велика Британија да го извлече од зградата издавачот, кој, сакале или не, е наградуван за новинарство. Критичарите на Асанж може да се радуваат, но ова е мрачен момент за слободата не печатот“, напиша Сноуден.

Кристоф Делоар, генерален секретар на „Репортери без граници“ на „Твитер“ напиша дека апсењето на Асанж е опасен преседан за новинарите.

Тагетирањето на Асанж поради информациите од јавен интерес што „Викиликс“ им ги доставуваше на новинарите ќе биде казнена мерка и ќе претставува опасен преседан за новинарите или за нивните извори што САД можеби ќе посакаат да ги следат во иднина“, напиша Делоар.

Од Центарот за истражувчко новинарство со голема загриженост гледаат на апсењето на Асанж. Од таму велат дека организацијата која тој ја води е пионер во објавувањето на класифицирани содржини.

Материјалите на Викиликс од Ирак, Авганистан и од други места станаа уникатен, непроценлив извор за истражувачките новинари и научници од целиот свет. Викиликс е издавач и сите обвиненија што сега се донесени во врска со тој материјал, или било каков обид за екстрадиција на Асанж во САД за гонење под длабоко дефектната шуплина на Законот за шпионажа 1917, е напад врз сите нас. Асанж заслужува солидарност на заедницата на истражувачки новинари. Светот сега гледа“, реагираат од Центарот за истржаувачко новинарство.

Инаку, Асанж во 2012 година најде прибежиште во амбасадата на Еквадор во Лондон, откако британскиот суд наложи да биде испорачен на Шведска, каде беше обвинет за сексуален напад. Тоа обвинение во меѓувреме беше отфрлено, но тој и понатаму стравува дека може да биде испорачан на САД, каде се бара за објавување на тајни дипломатски документи.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »