Press "Enter" to skip to content

Општинските претседатели на СДСМ за метлата на Заев – сè за шефот, па и оставка

31.03.2020

Заев ги бира, Заев ги разрешува. Речиси сите претседатели на општински организации вршат дополнителни функции како директори во јавни претпријатија и членови во управни и надзорни одбори. ИРЛ  разговараше со неколкумина. 

Известуваат: Сашка Цветковска и Александра Денковска Гоцевска

„Ги поддржувам сите одлуки на претседателот. Ако се покаже дека претседателите на општинските организации имаат вина за она што се случи на изборите, тогаш треба да бидат разрешени. Ја прифаќам одлуката иако формално се уште не сум ја добил“, вели Душко Весковски, директор на ЈП Водовод и претседател на општинаската организацја во Карпош, Скопје.

Партискиот претседател, Зоран Заев, вчера разреши 78 претседатели на општинските организации на СДСМ и така, според него, почнува кадровското проветрување. Ќе продолжи со разрешување на директори на јавни институциии и претпријатија, министри и високи партиски фунцкионери. ИРЛ поразговара со општинските претседатели на неколку поголеми општини. Сите се чувствуваат задоволни и ќе го прават она што од нив го побарал лидерот.

„Бескрајно му верувам на лидерот на партијата и го поддржувам во овој потег и ќе стојам на располагање за се што е потребно“, вели претседателот на општинската организација на СДСМ во Куманово Мартин Костовски.

Речиси без исклучок, првите партиски луѓе низ општините се именувани и назначувани за директори на јавни претпријатија, заменици министри и членуваат по управните и надзорни одбори. На прашањето што ако метлата, покрај нивните партиски ги опфати и другите функции кои ги извршуваат, повеќето ќе сторат она што ќе им биде кажано, но сите се задоволни од она што го направиле.

„Воопшто не се плашам бидејќи Службен весник  со мене доживеа ренесанса. Стана сериозна институција“, вели Костовски.

За неговиот колега од Гази Баба, нема двоумење – ако лидерот нешто побара, тоа ќе се направи. Но,  сепак, и тој смета дека не треба да се мешаат партиската и државната функција, иако и двете ги доделува човекот во Владата.

„Што се однесува на тоа дали планирам да поднесам оставка од мојата функција како директор на Државниот студентски центар, дали ќе го направам тоа ќе соопштам ако некој побара такво нешто од мене. Ако се незадоволни од мене како претседател на Општинската организација не мора да значи дека не се задоволни и од мојата работа како директор на Државен студенски центар. Ако сум лош претседател на општинска организација, не мора да значи дека сум лош директор“, рече Дарио Николовски, претседател на општинската организација на СДСМ во Гази Баба и директор на Државниот студентски центар.

Неговиот колега Костовски се фалеше со пет изборни победи, а особено среќен го правела победата во последните избори за претседател. Зоран Заев порача дека оние кои имале добри резултатии на изборите, а не се плашат и да се кандидираат повторно за претседатели. Никој од прашаните не сакаше да каже дали повторно ќе се кандидира. Но, во Струмица имаат друг  критериум за тоа што е победа.

„Струмица беше најдобра, таа победи во големите градови, Куманово има  и албански гласови во својата победа на пример, а  Струмица има победа со чисти македонски гласови“, рече претседателот на општинската организација на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски. На прашањето зошто е атрактиквна оваа позиција и дали тој како претседател има збор во вработувањата во институции на локално ниво, Даскаловски рече „Немам коментар“.

Како се бираат претседателите на општини

Од оние со кои разговаравме, малкумина го познаваа партискиот статут. Александар Бајдевски, претседател на градска организација на СДСМ и заменик министер за информатичко општество ни ги објасни правилата. Порано претседателите се бирале на избори, но откако Конгресот одобрил промена на Статутот во 2013 година кога Заев станува претседател, тие се бираат од него по објавен оглас.

Статутарно, се отвара конкурс за избор на општински претседател. Тече оглас, членови аплицираат. Од оние кои се номинирале, претседателот на партијата го бира и назначува општинските претседатели. Откако ќе добијат решенија од претседателот, тие одат на општинска конференција каде што делегатите треба да го одобрат. Делегатите се бираат од месните заедници, а во нив членуваат членови на поранешни извршни одбори. До  2013 претседателите се бираа на општински избори, се одеше и се гласаше.  Но, Конгресот на СДСМ на тој конгрес одлучи да се промени статутот и тие да се бираат од претседателот, вели Бајдевски.

Конгресот на СДСМ го чинат : по еден делегат на определен број членови од општинските организации на СДСМ, утврден со одлуката за свикување на Конгресот; претседателот на СДСМ; заменик претседателот на СДСМ; генералниот секретар на СДСМ; членовите на Централниот одбор на СДСМ и на Надзорниот одбор на СДСМ; претседателите на општинските организации, членовите на Градски одбор на Градската организација на СДСМ – Скопје, претседателот на СДММ и координаторот на Форум на жени на СДСМ, односно вршителите на овие функции во моментот на одржувањето на Конгресот; членовите на Пратеничката група на СДСМ, министрите и замениците-министри избрани од листата на СДСМ и градоначалниците од редовите на СДСМ.