Press "Enter" to skip to content

Одговор на реакцијата на Аџибадем Систина за текст на ИРЛ

По повод вчерашниот текст објавен на страницата на ИРЛ, болницата „Аџибадем Систина” испрати реакција во којашто бара да се извиниме и да ја објавиме реакцијата во целост, во спротивно ќе не тужи. Тие тврдат дека ги наоѓаат за неточни фактите изнесени во текстот, без притоа да ги посочат кои се неточните наоди. Во реакцијата на приватната болница, помеѓу другото, се вели следново:

„Можеме да заклучиме дека исклучително добро располагате со терминот ‘профитерство’ што ни дава за право за помислиме дека можеби тоа е и единствената ваша цел со овие постапки, а не би било ни малку зачудувачки со оглед на угледот во фелата и јавноста кој го имате, а е сличен на некои луѓе кои ги гледавме во блиското минато кои исто така тврдеа и се именуваа себеси како ‘истражувачки новинари’, па исто преку лажни лиценци од ‘Инсајдер’ најавуваа афери во продолженија“, пишува во дописот.

На реакцијата гледаме како на обид за заплашување и спречување на наше понатамошно истражување, со оглед на тоа што во истиот текст најавивме и второ продолжение, а компанијата инсистира да го избришеме текстот од нашата страница. ИРЛ укажува дека е наша должност и  огромна обврска во време на пандемија да се известува за КОВИД-19. Тоа мора да можеме да продолжиме да го правиме безбедно и без притисоци кои имаат цел да ги замолчат критичните гласови во време на вонредна состојба.

Редакцијата на ИРЛ е отворена во секое време за цивилизиран разговор меѓу нашите новинари и вклучените страни во нашето известување за КОВИД-19. За таа цел, добронамерно му посочуваме на менаџментот да обрне внимане на речникот што го користат одговорните во Службата за односи со јавност во „Аџибадем Систина“. Нивната задача носи и голема одговорност, бидејќи тие вербално ги комунуцираат пораките на компанијата со медиумите и со граѓаните. Ваква непримерна комуникација може погрешно да ја отслика деловната и општата култура во компанијата.

Ве покануваме да испратите демант во којшто аргументирано ќе ни ги посочите неточните работи во овој текст. Дописот којшто го добивме е наречен „Реакција“ и не оспорува факти, тврдења и изјави, туку прави обид да ја дискредитира редакцијата. Сторијата која што ја спорите е работена согласно сите врвни етички меѓународни стандарди по кои што нашата организација е препознаена. Во приказната ги имаме сите релевантни страни, вклучени се меѓународни експерти со име, презиме и видео линк, имаме потврда од официјална институција и изјава од министерот дека посочените тестови одговараат на описот во нашиот текст.

ИРЛ е препознаена по известување за организиран криминал и корупција, за што потврда се и нашите бројни меѓународни признанија. Ние сме и единствената организација  посветена на тренинг преку работа на идните истражувачи во оваа земја и го прифативме предизвикот да инвестираме во младите. Во време кога новинарството се соочува со огромен недостаток од кадар на пазарот на труд, ваквите ситуации влијаат негативно на нашите обиди да ги охрабриме младите да продолжат да работат за јавниот интерес. Имајќи на ум дека вашата компанија вложува за да гради бренд на општествено одговорен чинител и учествува во хумани акции, очекуваме дека ќе го разберете значењето на поттикнувањето на културата на медиуми во државата.

Овој случај ИРЛ ќе го пријави во Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и во Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција. За ситуацијата ќе ги известиме и клучните развојни партнери на Република Северна Македонија кои што ценат и поттикнуваат култура на почитување на фундамателните права и слободи и безбеден амбиент за работа на медиумите, особено во време на криза кога во речиси сите држави има ограничувања по слободата на медиумите. Во оваа нова и тешка реалност, не смееме да заборавиме дека улогата на медиумите е клучна, затоа што токму големите кризи можат да се претворат во можности на одредени интересни групи со моќ и ресурси.

На овој линк проследете избор од нашето известување за КОВИД-19:

Од Филипче до Жан Митрев: Сè што треба да знаеме за кризата со тестови за КОВИД-19