Press "Enter" to skip to content

Од бум со фотоволтаици до „бум“ на мрежата

Известува: Пелагија Стојанчова; Графика: Лука Блажев 

Изминатите три години е забележан бум со фотоволтаици поради енергетската криза. Фотоволтаични централи со моќност колку што би имале 20 централи РЕК Битола чекаат приклучок во мрежа, а таа нема капацитет да прифати толку. Досега се поднесени барања за нови 8 000 мегавати соларни извори, трипати повеќе од што може да поднесе дотраената мрежа.

До државната компанија МЕПСО, која се грижи за преносот на електричната енергија, досега се пристигнати повеќе од 70 апликации за приклучување на нови 8 000 мегавати од обновливи извори на енергија во преносната мрежа. Но, тоа е трипати поголем капацитет од оној што веќе постои во Македонија. Сите термоцентрали, хидроцентрали, ветерни и фотонапонски централи заедно имаат капацитет од околу 2 700 мегавати. 

Но, интересот е многу поголем од тоа колку може да се интегрира во мрежата. Државата си зацртала до 2040 година да инсталира 1 400 МW од фотоволтаични централи, покажува Националната стратегија на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за развој на енергетиката. Досега се инсталирани над 800 мегавати, па остануваат уште 600 мегавати. Тоа значи дека интересот за приклучување на мрежата веќе е за 13 пати поголем од максимумот што државата си испланирала да го инсталира од фотоволтаици во наредните 15 години.

Сепак, експертите со кои разговаравме велат дека голем дел од подносителите на овие барања се несериозни и се откажуваат во текот на постапката.

„Ако е повеќе отколку што е потребно, струјата нема да може да се продава и проектите ќе банкротираат. Кога ќе падне цената, каков ќар ќе имаат“, вели Куштрим Рамадани. Тој беше генерален директор на МЕПСО токму во времето на енергетската криза во 2021 година, кога почна и големиот интерес за фотоволтаичните централи низ Македонија.

Тогаш дел од домашните енергетски трговци, поради недостиг на струја на пазарот, повлекуваа струја од европската мрежа и генерираа милионски долгови кон МЕПСО. Една од таквите компании беше и „У-пауер“ на Аријанит Џафери, син на високиот функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Муса Џафери.

Едновремената моќност на мрежата според сегашната изграденост е од 2 000 до 3 000 MW, објаснува професор Антон Чаушевски од Електротехничкиот факултет во Скопје. Мрежата толку може едновремено да прифати енергија од сите извори – термоцентрали, хидроцентрали, сонце, ветер, биомаса и биогас. Па ако, хипотетички речено, им се дозволи пристап кон мрежата на сите оние што бараат, односно да се вклучат сите 8 000 MW од фотоволтаични централи, тоа би значело дека неколкукратно се надминува капацитетот на националната мрежа.

„Секако, со сегашната изграденост на преносната и дистрибутивната мрежа не може да се издржи вака високата едновремена моќност, односно кога има сонце сите фотоволтаици даваат моќност и енергија во мрежата“, вели професорот Чаушевски од Институтот за електрични централи и разводни постројки при Факултетот за електротехника во Скопје.

За илустрација, моќноста на фотоволтаиците кои чекаат да бидат вклучени во мрежата е како истовремено да работат речиси 20 термоцентрали како РЕК „Битола“. Вкупната моќност на РЕК е 700 MW, но поради старост и честите испади, реалната моќност е меѓу 450 и 480 MW. Мрежата во Македонија не може да издржи толку струја одеднаш, па во таков случај тие би морало да се исклучуваат за да не направат поголема штета.

„За да не се случат несакани последици, мора да има координираност помеѓу изградбата на нови производни капацитети и изградба и проширување на преносната и дистрибутивната мрежа“, вели професор Чаушевски.

Во МЕПСО велат дека преносната мрежа на краткорочен период може да интегрира до 1 500 мегавати од фотоволтаици.

„Струјата од обновливи извори е променлива, па за да се интегрира во системот треба да се обезбедат системските резерви за регулација на оптоварувањето и фреквенцијата (секундарна и терцијарна резерва) и да се решат проблемите со балансирање на производството и потрошувачката“, писмено одговорија до ИРЛ од МЕПСО.

Просечната старост на македонскиот преносен систем е 42 години, заклучува МЕПСО во Планот за развој на електропреносниот систем 2023-2032 година. Земјава е поврзана со речиси сите соседи, освен со Албанија. Поврзувањето со Албанија запнало поради нерешени имотноправни односи.

МЕПСО во моментов работи на истражувањата на проекти за зголемување капацитети за системски резерви, како инсталирање батериски системи или управување со потрошувачката на струја.

Во последните три години во Македонија се случи инвестициски бум, па од скромни 45,3 MW во 2021 година, сега се издадени лиценци за фотонапонски централи со инсталирана моќност од околу 800 МW. Веќе од 2022 година се издадени лиценци за 152,2 MW, во 2023 – 399 MW, а годинава заклучно со октомври се издадени лиценци за 272 MW. Лиценци за вршење енергетска дејност дава Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Поради кризата, потера по сонцето

Во 2011 година по првпат е евидентирано производство од соларна енергија од 1 GWh. Заклучно со 2023 година, според Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во Македонија има 1 003 фотоцентрали, a вкупното производство е 298 GWh.

Производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали во периодот од 2020 до 2023 година. Извор: Годишен извештај за работа на Регулаторна комисија за енергетика.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на 16 октомври изјави дека очекува до крајот на 2024 година инсталираната моќност на фотоволтаиците да изнесува меѓу 950 и 1 000 MW.

Вкупниот инсталиран капацитет на сите електроцентрали во Македонија во 2023 г. изнесува 2 632,7 MW. Тука спаѓаат и термоцентралите, хидроцентралите и централите што работат на сонце, ветер, биомаса и биогас.

Удел и инсталиран капацитет на одделни технологии во производството на струја во 2023. Извор: Годишен извештај за работа на Регулаторна комисија за енергетика.

Но, едно е инсталираната моќност, а друго е колку струја се произведува од одделни извори на енергија. Инсталирана моќност значи колку струја може да произведе одредена централа ако работи со полн капацитет. Но, соларните не може да работат со полн капацитет 24 часа, затоа што зависат од сонцето. Ноќно време не работат воопшто, а кога е облачно капацитетот значително им се намалува.

Така, во 2023 г. продолжиле да доминираат термоцентралите, а уделот на струјата произведена од сонце (фотоелектрични централи – ФЕЦ) е сè уште мал.

Професорот Чаушевски нагласува дека ако сакаме повеќе соларна енергија мора да се инвестира во доградба – и на преносната и на дистрибутивната мрежа. А, треба да се инсталираат и батериски системи за складирање на енергијата.

„Без разлика колкава е инсталираноста на фотоволтаици и обновливите извори, сепак, ни требаат и базни термоелектрани, односно нови гасни централи за системот да биде стабилен, особено во вечерните часови и секако во зимскиот период во годината“, објаснува Чаушевски.

Во МЕПСО велат дека во наредните десет години планираат 100 милиони евра инвестиции заради поголема интеграција на обновливите извори на енергија.

„Приоритет имаат проектите во регионите со голем потенцијал за обновливи извори на енергија“, појаснуваат од МЕПСО. 

Експертите посочуваат неколку насоки на кои треба да се работи за да се дојде до одржливо решение – постепена замена на централите што работат на јаглен и мазут, изградба на нови хидроцентрали, модернизација на електропреносната и дистрибутивната мрежа за да може да прифати повеќе капацитети од обновливи извори и да се подобри поврзаноста со соседите.

Македонија е потписничка на меѓународните договори според кои треба да ја напушти енергијата произведена од јаглен и мазут. Базната енергија што ќе ја изгуби од термоелектраните треба да ја замени со друга, како на пример, со изградба на големи државни хидроцентрали или когенеративни постројки. Но, во земјава со години нема инвестиција во големи државни капитални енергетски проекти. Последната таква е ХЕЦ „Света Петка“ изградена во 2012 година. Другите државни капацитети се стари со децении или се нови, но со помала моќност.

Дека работите на патот на зеленото сценарио се одвиваат без план, бавно и со административни пречки, забележа и Државниот завод за ревизија во ланската ревизија на успешноста енергетскиот сектор да се справи со кризата.

„Интересот за инвестиции во обновливи извори е огромен, но недостигаат точни информации за постапката и чинењето, па инвеститорите може и да се откажат“, забележа државниот ревизор.

 Сонце „на батерии“

Македонија има во просек по 280 сончеви дена годишно и е многу погодна за изградба на фотонапонски централи. Но, тоа што нема да се потроши пропаѓа. Решение се гледаше во батерии за складирање на струјата произведена од сонце. Кон крајот на минатата година тогашната власт предводена од СДСМ подготви нов предлог-закон за енергетика, како и предлог-закон за обновливи извори на енергија, во кои, меѓу другото, се регулира и складирањето на струјата. Сегашната власт повторно го актуализира предлог-законот за енергетика кон крајот на октомври, ставајќи го на Електронскиот регистар на закони (ЕНЕР).

Новите предлози предвидуваат прецизна, поедноставна и недискриминаторна постапка за развој на проектите за обновливи извори. Овластувањето за градба на енергетски објекти за производство на електрична енергија ќе биде проследено со банкарска гаранција. На тој начин на сите сериозни инвеститори ќе им се овозможи брза реализација на проектите, а државата ќе ги препознае и поддржи најдобрите инвестиции, велат од писмен одговор од МЕПСО. 

 

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.