Press "Enter" to skip to content

Нова истрага за Бојан Јовановски, вмешан и функционер

Јавното обвинителство отвори нова истрага за Бојан Јовановски во која вклучени се пет физички и едно правно лице за перење пари, измама и помагање.

Како што соопштија од Обвинителството, Бојан Јовановски како првоосомничен во новата истрага сторил кривично дело „измама“ како и „перење пари“. Останатите се осомничени дека помагале при извршувањето на измамата, а тројца од нив се сомничат дека помагале и при перење пари.

Правното лице осомничено во случајот, Меѓународниот сојуз се товари за „измама“.

Во рамки на истрагата било утврдено дека во периодот од јули 2017 до април 2018 година, Јовановски искористувајќи документи од Меѓународниот сојуз довел и ги одржувал во заблуда Силјан Мицевски , сопственик на градежната компанија „Пелистер“ од Битола и Ардијан Амзоски, сопственик на фирмата „Дрим Билдинг“ од Струга, кои веќе дадоа исказ пред обвинителката Вилма Русковско во рамки на истрагата за случајот „Рекет“.

„Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Еден од осомничените во новата истрага е функционер, кој заедно со првоосомничениот присуствувал на средби и го користел својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

„Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување на мерки за обезбедување на присуство на осомничените, надлежниот јавен обвинител до судијата на предходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје во текот на денот ќе достави Предлог за определување на мерка притвор за едно лице и мерки на претпазливост за останатите осомничени лица“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Случајот „Рекет“ Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева.

Бојан Јовановски и Зоран Милевски се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари.

Според обвинителството, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисменот Орце Камчев за да биде олеснета постапката што се води против него.

Јовановски и Јанева се во притвор во затворот „Скопје“, а Зоран Милески – Кичеец со одлука на судот е во домашен притвор.

Обвинителен акт за т.н случај „Рекет“ од страна на обвинителката Вилма Русковска, ќе биде покренат утре.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »