Press "Enter" to skip to content

МВР: „Дали носеше мини сукња“ е забрането прашање за полицаjците

Сторијата на ИРЛ за непостапувањето на полицијата и секундарната виктимизација на 19 годишните девојки кои беа нападнати од див таксист покрена протести и јавна дебата за прашањето за безбедноста на девојките и жените во земјава и неможноста да добијат институционална правда. Од МВР за ИРЛ велат дека таквото однесување на полицијата е недозволено. МВР бара и измени во Кривичниот законик каде што ќе има посебно кривично дело за полово вознемирување. Лани од околу четири илјади кривични пријави, само четири пријави за силување на жени и деца биле процесуирани до обвинителството.

Сексуалното вознимирување како социјален феномен е тренд кој зачестува. Секундарната виктимизација врз жени и девојки кои пријавуваат ваков тип на насилство, често обесхрабрува и жртвите ја преиспитуваат одлуката дали вреди институционално да се стигне до правда а насилниците да бидат казнети. Ова беше тема на последниот поткаст на ИРЛ којшто можете да го погледнете на овој линк.

Доколку добиете правда ако сте биле сексуално нападнати, првиот филтер се униформираните полицајци кои треба да ја слушнат, препознаат и процесуираат траумата низ која поминале жртвите на сексуално вознимирување. Искуствата на психолозите и социјалните работници покажуваат дека често дел од полицијаците ги одвраќале жените и девојките да пријавуваат ваков тип на насилство – пракса која најмногу ја препознале во полошкиот регион. Дел од единаесетиот поткаст „Разговор во Редакција“ се психологот Мирјана Јовановска – Стојановска и социјалната работничка Моника Чекаловиќ.

17 фебруари, петок. Протест на жени и девојки пред Министерството за внатрешни работи против несоодветното постапување на полицијата во случаите на сексуални напади и сексуално вознемирување на жени

Бројот на жени и девојки, жртви на семејно насилство или сексуално вознимирување се зголемува, а стигматизацијата, јавното обeлежување и срамот се најчестите причини зошто насилството се премолчува. Психологот Мирјана Јовановска – Стојановска во разговор со девојки и жени, препознала дека стравот е клучен елемент да нема санкција на овој тип на вознимирување а досегашното искуство и покажало дека често жртвите вината за насилството врз нив, препознаваат кај самите нив.

ПРЕД ДА ПРОДОЛЖИШ СО ЧИТАЊЕ, ДОКОЛКУ ТИ СЕ ДОПАЃА НАШАТА РАБОТА И САКАШ ДА ГО ПОМОГНЕШ НЕЗАВИСНОТО И ЧЕСНО НОВИНАРСТВО МОЖЕШ ДА ДОНИРАШ ОВДЕ.

„Многу од жртвите и не го препознаваат насилството. Пред неколку години имаше случаи со млади девојки на 15 и 16 години кои шамарот од дечкото насилнички чин, туку напад од љубомора и љубов. Исто се перцепираат и насилствата од сопруг: ако еднаш ја удрил не е ништо тоа, ама ете и она си била виновна. Потоа има економско емоционално насилство и сите овие не се препознаваат како насилство туку како дел од нашата култура како секојдневно живеење, тоа е најниското ниво на свесност“, вели психологот Мирјана Јовновска – Стојановска која беше дел од поткастот „Разговор во Редакција“.

За социјалната работничка Моника Чекаловиќ неразбирлив е бруталниот линч на жртвите од јавноста и говорот на омраза на социјалните мрежи.

„За жал, во нашето општество наместо да ги елиминираме стигматизирањата ние ги надградуваме. Стигмата, предрасудите и јавниот линч кај нас излегуваат буквално од секоја пора на ова општество. Непотребно е да дебатираме како треба да биде облечена една девојка, во колку часот треба да се врати навечер, од каде доаѓа или каде оди. Ние како општество треба да гарантираме нечија безбедност и слободно движење, а не да наоѓаме оправдувања за сторителите. Но, кај нас почесто се наоѓа оправдание за сторителот отколку мерки на заштита на жртвите“, посочи Моника Чеклаловиќ, социјална работничка и семејна и системска советничка.

Пристапот на полицијата е несоодветен, потребни се обуки

Истражувачката репортерска лабараторија (ИРЛ) пред една недела објави сторија „Дивиот таксист насилник избега од државата и никој не не го бара, жртвите малтретирани од полицијата“  каде откри како 19 годишна студентка откако била нападната во четири наутро се соочила со несоодветни прашања од униформираните полицијаци – „носеше ли мини сукња“, „зошто не го истепавте таксистот“. Дополнително, по првичната изјава, сексуално нападнатата девојка била уште неколку пати во полициска станица каде одново ја раскажувала траумата низ која поминала. И додека полицијата ја утврдуваше вистинитоста на изјавата на студентката и дали настанот се случил, насилникот избега, а првичната пријава на полицијата за дивиот таксист заврши со прекршочна пријава за „недолично однесување“.

„Од моето едногодишно искуство во женскиот Центар против семејно насилство и насилство против жени и деца во Тетово посведочив на ситуации каде што жените честопати беа одвраќани од тоа да пријават насилство со изговор дека тоа се семејни проблеми и ги има секој. Полициските службеници едноставно влегуваат во улога на медијатори и со тоа се изместуваат многу работи“, раскажа Моника Чекаловиќ од искуството се жени и девојки жртви на семејно и сексуално насилство.

И психологот Мирјана Јовановска – Стојановска вели дека често не се почитуваат протоколите како МВР треба да постапи во случаи кога до нив пристига пријава за семејно насилство, малтретирана или тепана жена или девојка или пак пријава за сексуално вознимирување.

„Жртвите во такви случаи треба да ја раскажат траумата што им се случила и во тие случаи најчесто треба да се употребат и зборови кои ние во секојдневието не ги употребуваме, меѓутоа е важно да се кажат за да се објасни што точно се случило, каков бил актот, на кој начин е изведен, што точно ѝ направиле, дали имало или немало пенетрација. Овие работи во секојдневниот речник ние не ги употребуваме, а жртвата треба после една таква траума да го раскаже и тоа е тешко. Секој раскажување е ретрауматизација, бидејќи одново се навраќаат кон она што се случило, се враќа доживувањето, сликите во целост“, посочи психологот Јовановска – Стојановска.

Лани само четири пријави за силување на жени и деца процесуирани обвинителството

Во 2022 година до Обвинителството биле адресирани 4.192 пријави. Фрапантно, само четири биле за силување жени и четири за полов напад врз дете. Од четирите приави за силување, една била отфрлена. За една имало обвинителен акт, а за преостанатите две пријави истрагата била во тек. Обвинителката Наташа Гоџоска, која воедно е магистер на науки во делот на процесна заштита на деца жртви и сведоци на семејно насилство, вели дека бројот на пријави е многу мал, а причина е тоа што жртвите најчесто се обесхрабрени да пријават ваков тип на насилство.

„Би сакала да упатам апел до жртвите да ги пријавуваат сите настани без разлика дали се недолично однесување. Јазот можеби е до степенот на традиционални вредности, се уште постои тој срам од пријавување, од стигматизирање на жртвите, меѓутоа ред е да се поттикне и пријавувањето, а особено да се зголеми професионалната свест и професионалната сензибилност на сите вклучени органи, како полицијата, Центарот за социјална работа, Обвинителството и Судот. Во нашите законодавства инкорпорирани се меѓународните стандарди и самиот закон за кривична постапка овозможува процесна заштита на тие жртви. Постапувањето на професионалците и подигнување на нивната образованост, обучувањето и сензитивност е особено значајна за овој тип на кривични дела. Знам дека се одвиваа обуки и на полицијата и на колеги обвинители во делот на постапување на ваков тип на кривични дела. Важно е да се поминат обуките, важно е да се стекнат знаењата, меѓутоа уште поважно е тие да се имплементираат во конкретни предмети“, вели обвинителката Гоџоска и додава дека никој не смее да биде нападнат бидејќи се шета по сукња во 4 часот наутро.

И Габриела Гајдова, судијка во основниот суд во Велес е со став дека жени и девојки често се жртви на насилство. Поради неинформираност пријавите најчесто оделе до полицијата иако можело да се пријави во обвинителството. Според Гајдова, полицијаците мора да бидат родово сенизитивни, бидејќи од нивниот пристап ќе зависи колку ќе биде ефикасна постапката.

„Кажав дека пријавата може да биде поднесена и до Јавното обвинителство, меѓутоа очигледно жртвите не се доволно едуцирани дека е тоа така. Ја споменав Истанбулската конвенција таа кажува дека прво треба да се работи на превенција меѓудругото тоа подразбира и кампањи со коиќе се запознае населението како се постапува во тие случаи. Обврска е на полицијата, законска. Значи не полицијата да треба, туку обврска е на полицијата веднаш откако ќе биде пријавен настанот да започне со преземање на истражни дејствија откако претходно ќе го извести јавниот обвинител затоа што тој е тој кој раководи со истрагата и полицијата работи по негови насоки. Ова е најбитната фаза во постапката, првото излегување на увид на лице место, прибирањето на траги, прибирањето на биолошки траги, преглед на жртвата, преглед на насилникот. Тоа е нешто што се прави веднаш откако жртвата ќе го пријави настанот. Верувајте ми, искуствено зборувам, ако тука се направат пропусти тогаш настануваат последици кои воопшто или многу тешко ќе можат да се отстранат во текот на постапката“, вели судијката Габриела Гајдова.

МВР: „Дали носеше мини сукња“ е забрането прашање за полициајците

Нападот над 19 годишната студентка од див таксист, прикажа како одредени полицијаци постапуваат кога ќе се пријави ваков тип на сексуално постапување. Тинејџерката за ИРЛ сведочеше дека ноќта на 27 јануари од кога пријавила дека била сексуално нападната, униформирани полицијаци ја прашувале: „Дали носеше мини сукња“, „Зошто не го истепавте таксистот“ и слично. Токму овој сет на прашања, МВР вели дека се забранети и нерелевантни за полициското постапување. Дополнително, соодветен процент имале обуки за работа по пријави од родово базирано насилство, а клучните критериуми во алгоритмот за вакви интервенции било – Сигурност на жртвата и интервју со жртвата, начин на водење разговор со жртвата со акцент на ризиците за секундарна виктимизација или ревиктимизација.

„Наведените прашања на полицајците се апсолутно забранети и нерелевантни за полициското постапување. Во таа смисла и Кодексот во членот 21 (5) е недвосмислен „Работниците не треба да демонстрираат неетичко однесување или друго несоодветно однесување кога се на должност и не треба да воспоставуваат и одржуваат неморална или емотивна врска со лицата со кои се во службен контакт додека ги извршуваат службените задачи. Препознавајќи, дека жените и девојчињата често се изложени на сериозни форми на насилство како што е домашно насилство и сексуално вознемирување, цениме дека измените на Кривичниот законик и воведувањето на посебно кривично дело за полово вознемирување значително ќе помогне во делот на правилното насочување и водење на целокупната постапка“, велат од МВР на прашањето на ИРЛ, дали униформираните полицајци постапувале несоодветни прашања до тинејџерките.

МВР додава дека етичкото однесување на полициските службеници е клучно. Не смее да има дискриминација по ниеден основ.

„Работата со жртви кои претрпеле траума бара поголема сензитивност, емпатија и внимателност при водењето на разговорот. Имено, потребно е да се внимава на почитување на личниот физички и психички интегритет на жртвата, да се избегнуваат прашања кои дополнително ќе ја трауматизираат или пак ќе создадат чувство на вина или страв кај жртвата. Од тие причини односот на инспекторот/ката  и жртвата е многу значаен за спречување на секундарна виктимизација на жртвата и истиот се темели на доверба“, објаснуваат од МВР.

Од МВР посочија дека воведувањето ново дело „полово вознимирување“ во голема мера ќе значи подобрување на можностите за заштита на жртвите и соодветно документирање на настанот.

.