Press "Enter" to skip to content

Дивиот таксист насилник избега од државата и никој не го бара, жртвите малтретирани од полицијата

Таксистот насилник којшто сексуално нападна 19 годишна студентка избега од Македонија од полицијата која и онака не сакаше да го најде. Го гонат само за недолично однесување. Униформираните полицијаци се една од клучните причини зошто многу девојки и жени одлучуваат да не пријават семејно насилство или сексуален напад и вознемирување. Деветнаесет годишната студентка – жртва, за ИРЛ расакажува дека чувствува безнадежност и немоќ, иако уредно се обрати до институциите за да побара правда за себе и да спречи насилникот повторно да нападне. Епилог се уште нема, насилникот е на слобода, а жртвите наместо поддршка добија осуда од јавноста.

Известуваат: Ивана Настескa; Бојан Стојановски; Илустрација: Лука Блажев

Физички нападната жена, сексуално вознемирувана девојка, претепана сопруга – ова е македонската реалност отсликана во секојдневието на полицискиот билтен.  Почетокот на годинава покажува дека полицијата бележела пријави од малтретирани девојки, но без исход дали насилниците се фатени и казнети.

Последен во низата настани кои што ја вознемирија јавноста е кога пред две недели таксист сексуално нападна 19 годишна студентка од Кичево. Тинејџерката случајот го пријави во полиција. Но наместо брза интервенција, таа уште три пати во полициска станица раскажуваше што ѝ се случувало. И додека униформираните полицајци утврдуваа дали тинејџерката е жртва, таксистот избега и не е во земјава. ИРЛ преку овој случај ќе илустрира како жртвите се поистоветуваат со насилниците и како првиот филтер, полицијата, останува речиси рамнодушна на вакви пријави. Прикажуваме реконструкација на настанот од 27 јануари според сведочење на жртвите кои во немоќ дојдоа во редакцијата на ИРЛ барајќи да се чуе целата приказна за виктимизацијата на жртвите од страна на полицијата, за непостапувањето и небезбедноста на македонските млади. Епилог се уште нема, насилникот е на слобода, а жртвите наместо поддршка добија осуда од јавноста.

Реконструкција според сведочењето на жртвите

Датумот е 26 јануари 2023 година, ден четврток. Група млади луѓе, студенти кројат план како да ги искористат последните денови од распустот пред да им започне вториот семестар на факултет. Задоволни од испитната сесија која заврши си дозволуваат малку забава. Подолго време поради испитите не успеале да отидат на некоја од нивните омилени хип-хоп забави кои се одржуваат секој четврток во еден од ноќните клубови во Скопје. Кога главните студентски обврски се завршени, пријателите одлучуваат дека четвртокот 27 јануари ќе го искористат за дружба. Никој не помислува дека овој ден, во првата година од нивните студентски денови ќе се претвори во ноќна мора.

Денот тече нормално. По попладневната прошетка во природа, дружбата продолжува во станот изнајмен за живеење на неколку студентки. Друштвото е разновидно – студенти од различни градови ги раскажуваат своите студентски искуства, кој избрал подобар факултет, кој што би работел откако ќе дипломира, за омилената музика, за најдобриот филм, за симпатиите. Наближува полноќ, друштвото се упатува кон ноќен клуб лоциран во центарот на Скопје.

Забавата се одвива нормално и според очекувањата. Како одминува вечерта еден по еден си одат. На крај остануваат две девојки и едно момче, но и тие се подготвуваат да го напуштат клубот. Сите живеат во населбата Аеродром и како и вообичаено, одлучуваат со едно такси-возило да се упатат дома. Телефонски вртат на повеќе такси-компании, но никој во моментот нема слободно возило. Пред клубот има неколку паркирани таксисти. Одлучуваат да влезат во првото возило со светлечка реклама на која пишува „Јелоу“ (Yellow) бидејќи веруваат дека се возат во легитимна компанија. Едната од девојките седнува напред на совозачкото седиште, а нејзините другар и другарка седнуваат на задното седиште. Воопшто не се сомневаат дека таксистот вози на диво без лиценца, а таблата од компанијата е набавена на црно за да создава превез на легално возило. Часот е 3:50 изутрина, 27 јануари, петок.

04:00; Локација: Бензинска пумпа

Прва дестинација по влегувањето во такси-возилото е бензинска пумпа. Девојката која седи напред излегува да купи нешто од од маркетот во состав на пумпата. Се враќа во возилото и ја продолжуваат својата рута. Се се одвива навидум нормално. Момчето кое седи позади прави фотографија во возилото на која се гледа профилот на лицето на возачот таксист. Фотографијата ја испраќа кај цимерите, со цел да им покаже дека веќе е на пат за дома.

 

Фотографија направена на бензиската пумпа каде што една од жртвите излегува од возилото по куса набавка во маркетот.

 

04:10; Локација: Станбен комплекс „Џеваир“

Иако на возачот му е посочено прво да ги остави девојките, возачот ова барање го игнорира и продолжува да вози кон Џеваир кулите каде прво се симнува момчето. Откако другарот излегува од таксито почнуваат првите непријатности. До нивниот изнајмен стан има една минута возење. Но наместо кон посочената локација, таксистот почнува да ги вози низ темните улички. Наеднаш станува агресивен. Почнува да се соблекува и да го покажува половиот орган, да се самозадоволува, но и да ја допира тинејџерката која седи на предното седиште додека вози. Во скутот и фрла банана и продолжува да ѝ зборува гадости.

04:25; Локација: Некаде во Општина Аеродром

Девојките се преплашени, но даваат отпор. Девојката која седи позади вели дека веќе повикала полиција, по што таксистот застанува. Девојките успеваат да излезат од автомобилот. Излегува и тој. Оди кон нив и продолжува физички да ги малтретира а едната девојка ја гори со цигара во пределот на вратот. Девојките успеваат да се оттргнат од насилникот-таксист и да избегаат.

04:30; Локација: Дома

Конечно стигнуваат дома и повикуваат полиција. Полициските службеници пристигнуваат по 15 минути по повикот. Вознемирените девојки во детали раскажуваат што им се случило. Напоменуваат дека биле премногу исплашени, па не успеале да ја запаметат регистерската таблица на возилото. Како важен сегмент го напоменуваат застанувањето на бензинската пумпа со надеж дека тамошните безбедносни камери ќе откријат кој е насилникот. Полициските службеници им земаат изјави, но со потсмев кон пријавата ги поставуваат и следниве прашања: „А како бевте облечени?“,  „Носевте ли мини сукњи?“, „А зошто вие не го истепавте?“. Го прават записникот и си заминуваат.

Подоцна во текот на денот МВР во полицискиот билтенот ќе го објави настанот со следниве информации:

„На 27.01.2023 во 04.33 часот во Полициска станица Аеродром, 19-годишна кичевчанка пријавила дека околу 04.20 часот додека со такси возило се враќала кон нејзиниот дом на подрачјето на скопски Аеродром, такси возачот започнал да се однесува недолично и да ја допира по телото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.“

Таксистот е надвор од земјава, МВР не го бара 

ИРЛ побара од МВР дополнителни информации дали насилникот-таксист е пронајден, со оглед на тоа дека тој бил снимен и на безбедносни камери и на бензинската пумпа на која застанале, но и дали камерите од „Сејф сити“ биле проверени при постапувањето. МВР кусо одговори дека во селото Арачиново го пронашле сопственикот на возилото кое вечерта се користело како такси-возило. Сопственик е таткото на насилникот и со него полицијата службено разговарала.

„Констатирано е дека на наведениот датум возилото го управувал неговиот син, кој во моментов е надвор од државата. По комплетно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок“, одговорија од прес службата на МВР на прашањето на ИРЛ каква пријава ќе има за насилникот кој вечерта бил во улога на таксист.

На прашањето на ИРЛ дали ќе распишат потерница по него, полицијата откри дека тоа може да го стори само надлежен орган како суд или јавно обвинителство. Во пријавата на полицијата овој случај е заведен едноставно како недолично однесување. Без кривична пријава за соодветното дело, веројатно таксистот ќе се врати дома и ќе продолжи да живее и работи од слобода.

Таксистот од зад грб фотографиран од пријателот на девојките. Фотографијата е направена пред бензиската пумпа со цел да им покаже на цимерите дека е на пат кон дома

 

МВР до жртвите: Што си барала во диско, носеше ли мини сукња

Следниот ден девојките повторно одат во полициска станица за да прашаат како напредува истрагата во пронаоѓање на насилникот, но и да се информираат како може да пријават во Внатрешната контрола при МВР несовесно постапување на полициските службеници. Во полициската станица во која на сите ѕидови може да се видат постери на кои пишува „Пријави семејно насилство“, „Стоп за насилството врз жените“ и слични пораки, овие девојки ќе бидат одвратени од намерата да поднесат претставка до Внатрешна контрола. Но, пак им се поставуваат слични недолични прашања како: што барале во 4 часот изутрина во диско,  и дали носеле мини сукњи?

И покрај обидот да се обесхрабрат, девојките претставката до Внатрешна контрола ја поднесуваат преку електронската форма на веб страницата на МВР. Чекаат одговор дали пријавата е примена од службите.

За лошите пракси при испитување на жени жртви на насилство се алармира со години. Психологот Мирјана Јовановска – Стојановска е децидна дека униформираните полицајци не треба да се првиот филтер кому жртвите би им ја раскажале траумата туку дека жените и девојките треба прво да разговараат со психолог кој ќе запише што се случило, а дури потоа полицијата да изготви записник.

„За жал, тие балкански мачо мажи работат во сите институции, па и во органи на МВР. Би требало Министерството за внатрешни работи да се погрижи за своите луѓе кои работат во полицијата и да им даде дополнителна едукација, тренинг или било што за тие меѓуполови, меѓуродови односи“, вели психологот Јовановска – Стојановска.

Според нејзиното искуство, многу од жртвите не го ни пријавуваат делото, токму поради тоа што ќе бидат изложени на осудувачки однос од оние што ќе ги сослушуваат и што треба да постапуваат.

„Ќе дојдеш во полициска станица, па таму некој ќе треба да запише зошто си се јавил, па потоа ќе дојде некој инспектор да разговараш со него, па тој ќе запише, па ќе дојде друг, па ќе те прашуваат други недолични прашања, дали ти на него му рече не, дали го одби, дали носеше мини сукња, каде беше и како седеше ти, а дали му се смешкаше, дали му правеше муабет. На крајот на краиштата, таа може и да му прави муабет, да флертува со него и да му се смешка, но никој нема право да сексуално да ја злоупотребува“, потенцира Јовановска-Стојановска.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“ која е активна повеќе од една деценија забележале низа на небулозни постапувања од страна на институциите како МВР и Центарот за социјална работа кои се првиот чекор во борбата за правда кога жените пријавуваат насилство.

„Треба да бидат повеќе информирани за тоа што се подведува под семејно и родово базирано насилство, за да може да знаат кои би биле чекорите во постапувањето. Ова е навистина многу важно, од причина што на пример полициските службеници во една полициска станица не беа информирани дека семејно насилство е и доколку доаѓа од блиско лице, вонбрачен партнер или поранешен партнер. Па така, на жената која пријавила насилство од страна на поранешен сопруг, полициските службеници и кажале дека не може да се подведе под семејно насилство, бидејќи истите се разведени 6 години и нејзината пријава ја водат како поплака која подоцна не може да се користи во центар за социјална работа за изрекување на привремени мерки за заштита“, велат од Националната мрежа.

Униформата е првата брана во казнувањето на насилниците

Токму несоодветното постапување на првиот филтер – униформираните полицијаци е една од клучните причини зошто многу девојки и жени одлучуваат да не пријават насилство или сексулано вознемирување. Деветнаесет годишната студентка која беше жртва на насилникот кој се претставуваше како таксист за ИРЛ расакажува дека чувствува безнадежност и немоќ, иако уредно се обрати до институциите за да побара правда за себе и да превенира вакви случаи во иднина од истиот напаѓач.

„Јас ќе треба да ја заборавам ситуацијата, а институтциите да не направат ништо. Да не го пронајдат сторителот и тој да продолжи лажно да се претставува како таксист и во иднина да направи можеби и нешто полошо. Како утре јас како млад човек да се движам слободно низ градот? Чувствувам нервоза, немоќ и безнадежност. И доколку ми се случи нешто слично во иднина обесхрабрена сум да пријавам повторно во полиција. За душегрижниците, да напоменам дека не носев мини сукња туку носев широки фармерки од татко ми стари 20 години, тие се дел од мојата омилена облека што ја поседувам“, вели студентката чиј идентитет е познат на ИРЛ, но нема да го открие со цел да ја заштитиме по бурата недолични коментари на социјалните мрежи и осудата кон неа наместо кон оној кој сексуално ја нападнал.

Цути бизнисот со диви такси-возила

Извор: Град Скопје. Во одделот за патен сообраќај има само четири овластени инспектори кои извршиле 119 контроли заедно со полицијата.

Во последниот период во Скопје навистина е предизвик да се користи јавниот превоз. Бројот на автобуси се преполови поради недоразбирањата на релација Град Скопје со приватните превозници. Уште поголем е предизвикот да се најде превоз во ноќните часови. Поради економската криза и легалните такси-компании функционираат со намален број на возила, па често граѓаните се приморани да влезат во првото слободно такси-возило кое ќе го забележат. Најчесто тоа се нелегални такси-превозници, кои имаат поставено светлечка реклама со бренд, број на возилото, а некои имаат и жолти регистерски таблички што дополнително ги доведува во заблуда муштериите.

Според податоците на Град Скопје, во главниот град има околу 2400 лиценцирани такси-превозници, но нема контретен податок за бројот на нелиценцирани односно диви таксисти. Актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, уште во октомври 2021 година им вети на легалните такси-превозници дека нивните проблеми со нелојалната конкуренција ќе бидат решени.

„Градските инспектори за патен сообраќај значително го зголемија бројот на контроли на терен и отпочнаа со контроли за време на викенди и во ноќните часови кога е посочено дека има зголемено движење на такси возила без изводи од лиценца“, велат од Градот.

Но, од Асоцијацијата за легални-такси превозници сметаат дека инпсекторите се немоќни и бараат построга законска регулација. Дивите таксисти најчесто се наоѓаат на најфрекфентните крстосници како што се Меѓународната автобуска станица и Комплексот клиники. Така полесно доаѓаат до муштерии кои се од внатрешноста на земјава и не се доволно информирани за цените на услугите на легалните таксисти во Скопје. Често диви такси возачи се позиционираат и пред познатите ноќни клубови во обид да уловат муштерии.

„Помоќни се од нас, бидејќи се тројно побројни од нас. Ги бркаат нашите таксисти од станиците и им се закануваат. Имаме загуба во секој поглед, финансисика, дефицит на возачи, уривање на угледот на возачот и легалните такси-компании. Штета ни прават и со крадење на таблите и нивна злоупотреба. Принтаа фолии на плексиглас“, посочуваат од Асоцијацијата на легални такси-превозници.

Таксистот кој ја нападна 19 годишната студентка вози на диво. За да изгледа убедливо, на возилото од неговиот татко поставил обележје од веќе непостоечката такси компанија Јелоу (Yellow) за да делува дека станува збор за лиценциран такси превозник.