Миле Зечевиќ, функционер на СДСМ и советник на премиерот Зоран Заев, и официјално стана дел од раководството на Стопанска банка – Битола. Тој на денешното Собрание на акционери е избран за независен член во Надзорниот одбор на банката како предлог на „Пелистерка“. Зечевиќ за овој ангажман ќе добива по 50.000 денари.
Заедно со Зечевиќ се избрани и Дејан Панделески, Иванчо Велјановски, Александра Радевска, Илија Тозија и Игор Камбовски.
Миле Зечевиќ работи како адвокат и е организационен секретар на СДСМ. Премиерот Зоран Заев го именуваше и за надворешен советник во Владата за адвокатски услуги.
Кога беше именуван за член на Надзорен одбор на Стопанска банка – Битола тој за ИРЛ рече дека тоа е во име на долгогодишното пријателство со Дејан Панделески, сопственикот на „Пелистерка“, а одамна е адвокат на фирмата ќерка на „Пелистерка“ – „Еуро дистрибуција“.
Панделески е кумашин на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и син на Цветан Панделески, кој е директор на ЗИК „Пелагонија“ и е осомничен во случајот „Империја“ на СЈО.
Според организациската поставеност на банката највисок орган е Собранието на акционери, а потоа доаѓа Надзорниот одбор во кој треба да влезе Зечевиќ и кој ќе ја контролира работата на Управниот одбор. Според Статутот, Надзорниот одбор го одобрува годишниот извештај за работењето на банката, именува и разрешува членови на УО, го одобрува буџетот, програмата и плановите на банката.
Во акционерската структура на Стопанска банка Битола во 2011 година акционер стана оф-шор фирма „Ексико“ преку Земјоделскиот комбинат Пелагонија, како и фирмата „Тимох“ која е под дистрага на СЈО во случајот „Империја“.