Press "Enter" to skip to content

Менче Точи доби награда за животно дело, новинарите Ирена Мулачка и Сунај Сабриоски добија награди за истражувачки стории

Новинарката Менче Точи од порталот Нова тв, денеска од Здружението на новинари на Македонија доби награда за животно дело „Крсте Петков Мисирков“. На денешното одбележување на 73 годишнината од работењето на здружението беа доделени и наградата за истражувачко новинарство Јашар Еребара.

Слобданка Јовановска од Управниот одбор на ЗНМ рече дека Точи секогаш во своите стории на прво место се пациентите и граѓанскиот интерес.

Таа веќе со години ги разобличува состојбите во здравството, конфликтот на интереси и грешките на системот. Нејзините истражувачки стории го урнаа тендерот за реагенси и нејзината упорност да ги иостражи сите детаљи е школски пример што треба да го следат идните новинари. Ја охрабруваме Менче да продолжи да пишува и натаму, рече Јовановска.

Наградата за најдобра истражувачка сторија ја добија новинарите Ирена Мулачка од Фокус за серијалот за приватната установа за заштита на возрасни лица во Радишани и новинарот од ТВ 24 Сунај Сабриоски за серијалот на прилози за продажбата на атрактивното земјиште спроти Градскиот трговски центар.

Оваа година за прв пат ЗНМ додели и две награди за новинарски стории од локален и регионален карактер со цел да се поттикне истражувачкото новинарство во локалните медиуми.

Наградите ги добија новинарките Светлана Дарудова, дописник за „МИА“ за нејзината сторија за недоволната грижа за децата со пречки во развојот во Неготино и Сузана Мицева за прилозите кои за раководителот на хидросистемот Ѓавато во Богданци кој боледуваше во канцеларија, објавени на телевизија „Телма“.

На годинешниот конкурс на ЗНМ имало 27 апликации. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски истакна дека предизвици со кои се соочува новинарската фела и на кои треба да се работи се дезинформациите во медиумите и подигнувањето на професионалните стандарди во новинарството.

За професионалното известување не треба да има компромис“, порача Чадиковски. Фондот за првите четири награди е две илјади евра кои се обезбедени со поддршка на Стопанската комора на Македонија.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »