Press "Enter" to skip to content

Малата депонија со токсичен линдан во Охис ќе се чисти 2 години

Во дворот на хемискиот гигант Охис, во општина Кисела Вода, со децении се закопани илјадници тони токсичен линдан, распоредени во две депониии. Познати како големата и малата депонија, тие заедно заземаат околу 60.000 тони контаминирана почва. Овој месец Организацијата за индустриски развој на Обединетите Нации распиша меѓународен тендер за чистење на малата депонија. Од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи – ПОПС при Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека депонијата треба да биде исчистена отприлика во рок од 2 години. Технологијата и начинот на кој ќе се чисти, односно дали ќе се донесе технологија на лице место, или пак ќе се пакува и изнесе отпадот надвор од државата, е се уште непознато.

На само 6 километри од строгиот центар на градот, се наоѓа најжешката точка во државата по загаденост. Отровниот линдан, закопан неколку метри под земја во дворот на поранешната фабрика Охис, со децении наназад бавно, но неспорно го труе скопското население.

Од Булеварот „Борис Трајковски“ поранешниот хемиски гигант Охис, изгледа како и секоја друга запуштена и заборавена фабрика од времето на социјализмот. Распаднати бетонски зданија  и двор кој се протега на површина од речиси 100 хектари. Набљудувајќи од улицата, имате чувство дека нема ништо особено околу оваа локација. Се додека киселкастиот мирис на линданот не ви продре во ноздрите. Единствениот показател дека неколку метри под обрасната трева во дворот на Охис, се крие неприметниот убиец.

Линданот во минатото се користел како пестицид во земјоделството. Но, со негово одвојување од другите соединенија се создала огромна количина токсичен отпад. Отпад, кој наместо безбедно да биде отстранет, било полесно да се пикне под „тепихот“, односно тенка земјена покривка. Со закопувањето, не само што проблемот не бил решен, туку се создал уште поголем и покатастрофален проблем. Линданот контаминирал огромна површина на почва, а ги контаминирал и подземните води. Од 1977 година кога Охис го запрел производството на линдан, до денес забранетиот пестицид метастазира во скопското подрачје.

Истражувањата на УНИДО (Организацијата за индустриски развој на Обединетите Нации) покажуваат дека 470.000 жители на Скопје се засегнати од отровниот канцероген линдан. Пестицидот кој се пренесува преку воздухот, почвата и подземните води, предизвикува огромен вид на заболувања, хормонални нарушувања и повеќе видови на канцер. Поради недоволна информираност на локалното население кое во голем дел се бави со земјоделство, токсичниот линдан често завршува во нашите стомаци.

Големата депонија во дворот на Охис
Големата депонија во дворот на Охис

Иако за размерот на овој проблем и неговите последици, се знае со децении, ниедна влада досега не го стави чистењето на линданот на приоритетна листа. Изминативе неколку години бавно се одвиваа подготовките за распишување на меѓународен тендер за фирма која ќе го чисти линданот од малата депонија. Се очекува малата депонија која е околу 10.000 тони, да биде санирана за 2 години. За големата депонија, чијшто размер е околу 40.000 тони и постојано се зголемува, периодот на чистење би траел значително подолго.

Со сигурност не може да биде потврдено за колку точно тони контаминирана земја станува збор, поради тоа што контаминацијата постојано се шири. Истражувањата кои се спроведени на лице место, покажуваат колку е загадена почвата над подземното бетонското корито каде е закопан отпадот, како и самото корито. Но, дали и колку е и почвата под коритото загадена, ќе се дознае откако ќе започнат со ископување и чистење.

Дел од големата депонија со токсичен отпад

Како ќе се чисти најжешката точка во државата

Со чистење требаше да се започне уште пролетта, но меѓународниот тендер од страна на УНИДО (Организацијата за индустриски развој на ОН), беше распишан дури минатата недела. За малата депонија од меѓународни фондови беа собрани околу 6 милиони долари, а поради недостаток на искуство и ресурси во државата, ќе се донесе технологија од државите на Европска Унија. На малата депонија се гледа како на проба, за поголемиот проблем, големата депонија. Се очекува истата фирма која ќе го добие овој тендер, доколу успешно и навремено се справи со помалата депонија, потоа да биде задолжена и за деконтаминација на големата депонија.

Малата депонија во дворот на Охис

Во тендерската спецификација објавена од УНИДО стои дека со оглед на тоа што не постои една единствена технологија која може економично и практично да го отстрани линданот, може да се користи комбинација на технологии за чистење на депонијата.

Од канцеларијата на ПОПС (Неразградливи органски загадувачи) при МЖСПП велат дека според истражувањата кои беа направени во текот на 2017-2018, еден дел од контаминираната почва е со високи концентрации на HCH (хексахлорциклохексан) и таа ќе биде ископана, безбедно спакувана и транспортирана надвор од земјата, каде потоа ќе биде уништена.

„Останатиот дел од контаминираната почва, која има пониски концентрации од HCH (хексахлорциклохексан) може да биде третирана, на самата локација или повторно надвор од земјата, со некоја од достапните технологии, зависно од тоа која технологија ќе биде понудена“, потврдуваат од ПОПС.

Дали почвата ќе се чисти на лице место, надвор од државата или пак комбинирано, од ПОПС велат дека се очекува процесот на чистење да биде успешен со оглед на високите критериуми поставени во тендерот.

Во тендерската спецификација е нагласено дека под ниедна околност не смее да се случи контаминиран воздух кој настанал за време на чистењето, да ја напушти локацијата каде ќе се изведува акцијата. Па така, фирмата која ќе го добие тендерот ќе има обврска да изгради хала по највисоки стандарди со специјална вентилација и прочистувач на воздух, која би можела да издржи и земјотрес од 9 степени според Рихтерова скала. 

Како дел од мерките на претпазливост, исто така е строго забрането и најмала количина на контаминирана вода да биде испуштена. На пример, водата која ќе се користи за чистење на контаминираната опрема или водата која ќе се насобере од дождови мора да биде испитана. Доколку се потврди дека водата не е загадена, таа може да се испушти во атмосферската канализација која води до реката Вардар, а во спротивно водата мора да биде прочистена.

Професорот по хемија на Природно-математички факултет Трајче Стафилов за ИРЛ вели дека изборот на технологија и фирма ќе го вршат меѓународни експерти кои имаат големо искуство во ова подрачје. Но, работата не завршува тука.

„По чистење на малата и големата депонија, треба да се преземат дополнителнимерки за чистење на почвите во Охис и околината, како и подземните води  кои се исто така загадени. Ова ќе чини многу пари, но во зависност од средствата, такви мерки ќе мора да бидат преземени“, додава Стафилов.

Испитување на контаминација на почвата

По пристигнување на понудите на меѓународниот тендер, ќе се формира комисија од УНИДО која ќе биде составена од домашни и меѓународни експерти, кои треба да ја изберат најдобрата технологија и фирма. Пред да се започне со чистење, просторот ќе биде обезбеден и ќе се преземат дополнителни мерки за заштита на непосредното подрачје до депониите.

 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »