Press "Enter" to skip to content

Македонија на 95 место на Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници

Во  последниот извештај на „Репортери без граници“ за Индексот за слобода на медиумите, од 180 држави, Македонија годинава е на 95 место или 14 места подобра од минатата година.

На првото место оваа година повторно се најде Норвешка, а во првите пет најслободни земји за новинарите се наоѓаат и Финска, Шведска, Холандија и Данска.

Македонија се наоѓа во друштво на африканските држави Либерија, Мавританија и Бенин, а и покрај големото подобрување останува меѓу најлошите држави од регионот според слободата на медиумите. Земјава е полошо рангирана од Словенија (34-то место), Босна и Херцеговина (63), Хрватска (64), Грција (65), Косово (75), Албанија (82) и Србија (90). Полошо позиционирани од Северна Македонија на индексот се Црна Гора (104-то место) и Бугарија (111).

Ситуацијата во Македонија во извештајот е насловена со „мало подобрување“. Од „Репортери без граници“ посочуваат дека и покрај што во 2018 година слободата на медиумите била сабилизирана новата Влада сè уште го нема донесено законот за аудио и аудиовизуелни услуги и покрај ветувањата по доаѓањето на власт.

„Во меѓувреме, јавниот медиумски сервис продолжува да служи на интересите на поранешната владејачка конзервативна партија ВМРО-ДПМНЕ. Легислативата околу клеветата и достапноста до јавни информации треба да претрпи измени. Контроверзните законски одредби со кои на Државната изборна комисија им се овозможува да го следи изборниот процес на електронските медиуми беше донесен беа донесени без дебата и консултации. Исто така е загрижувачки што високи владини функционери воспоставиле пракса на навреди или закани кон новинари. Сепак прогрес е направен во поглед на безбедноста на новинарите – бројот на напади на новинари во 2018 година била само една третина од бројката во 2017. Сепак, вкоренета е културата на неказнивост и само два од 59-те напади врз новинари регистрирани во последните години биле истражени и решени. Ова е далеку од потребното ниво за да се обесхрабрат оние кои се одговорни за ваквите напади“, наведуваат од Репортери без граници.

КРУГ НА СТРАВ 

Индексот за слобода на медиумите од оваа година е насловен „круг на страв“ и покажува како омразата кон новинарите прераснала во насилство и придонела за зголемување на стравот. Бројот на земји кои се означени како безбедни, во кои новинарите можат да работат целосно безбедно, продолжува да се намалува, додека авторитарните режими продолжуваат да го стегаат обрачот околу медимите.

Фотка:

На дното на листата според „Репортери без граници“ е Туркменистан, а во најлошите пет држави за медиумите се уште и Северна Кореја, Еритреја, Кина и Виетнам.

Силви Аренс-Урбанек, раководител на комуникацискиот тим на „Репортери без граници“ за „Дојче Веле“ вели дека климата за новинарите во светот е влошена.

„Сега зборуваме за клима на страв“, додава таа.

Особено е впечатливо вербалното подбуцнување против новинарите – светски феномен кој е особено засилен во Европа и САД. И, не секогаш се останува само на зборови. Овој надолен тренд меѓу земјите на ЕУ е особено забележлив за Малта, која падна за 12 места на 77, и Словачка, која падна за осум места и сега е на 35 место.

Истражувачката новинарка од Малта,  Дафне Каруана Галиција беше убиена во октомври 2017 година, а истрагата за решавање на нејзиното убиство прави мал напредок. Во Словачка, истражниот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова беа убиени во февруари 2018 година. Едно лице го призна убиството, а словачките власти држат уште тројца осомничени во притвор, вклучувајќи и влијателен бизнисмен чии сомнителни практики го истражувал Куцијак. Сепак, Аренс-Урбанек вели дека „Репортери без граници“ сé уште се „незадоволени од начинот на кој се води постапката“.

Бруталното убиство на Џамал ​​Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул се случи минатата година.

Аренс-Урбанек вели дека иако турската влада велеше дека има јасна намера да го расветли ова убиство, оваа држава не беше пријател на печатот.

„Турција е земја каде што повеќето новинари се уште се во затвор за нивната работа“, вели Аренс-Урбанек.

Во рангирањето оваа година Турција останува на 157 место.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »