Press "Enter" to skip to content

КОВИД-19: Инфициран бугарски милионер ги крши правилата за изолација

Откако се тестираше позитивен на тестот за Ковид-19, бугарскиот олигарх и бизнисмен Кирил Домушиев, 50, во средата изврши преглед во приватна болница во главниот град Софија, кршејќи ги правилата на националната работна група за корона вирусот, загрозувајќи 350 пациенти и болнички персонал.

Пишува: Атанас Чобанов, Бивол Бугарија; адаптираше за ИРЛ: Ива Јовановска

Работната група определи четири државни болници во Софија за хоспитализација и третман на Ковид-19, но Домушиев и неговата сопруга беа прегледани во болницата Софијамед, ставајќи  во карантин 180 члена на медицинскиот персонал и 170 пациенти, предизвикувајќи екстензивни мерки за тестирање и дезинфекција.

Полицијата ја чува болницата и спречува влегување и излегување од неа.

Домушиев, објави дека истиот ден кога бил хоспитализиран му било кажано дека ја има болеста предизивикана од корона вирусот. Неговата објава на Фејсбук го претстави како да е дисциплиниран граѓанин според пропишаните правила.

„Драги пријатели, по првичниот тест за Ковид-19, почуствував омалаксаност и направив втор тест кој беше позитивен“, репе Домушиев. „Ги почитувам сите ограничувања на карантинот во моментов, јас сум изолиран и заздравувам.“, додаде тој, повикувајќи ги луѓето да не се плашат, да се чуваат и да се придржуваат кон сите правила.

„Ние ќе го надминеме овој вирус“, заклучи тој.

Болницата Софијамед потврди дека е примен пациент со Ковид-19 и симптоми случни на оние на сезонски грип, заедно со придружник.

На прашањето за овој случај, генералот Венцислав Мутафчијски, кој е на чело на работната група назначена од владата, тврди дека никој не може да ги спречи пациентите да одат во различни болници и дека многу приватни клиники наскоро ќе бидат вклучени во националната стратегија одговорна за справување со корона вирусот.

Но, епидемиологот Атанас Мангаров имаше едноставно објаснување кога интернет страницата „Факти.бг“ праша како Домушиев ги прескокна сите пропишани мерки од властите.

„Бидејќи тој е милионер“, рече лекарот.

Домушиев е исто така сопственик на фудбалскиот клуб „Лудогорец“, осумкратен бугарски шампион, како и на телевизискиот канал Нова ТВ. Бизнисменот е и претседател на Конфедерацијата на работодавци и индустријалци во Бугарија (КРИБ). Огромниот број на вработени, фудбалери и познаници, го вклучуваат во голем дел од политичката и деловна елита во Бугарија.

Милионерот вети дека ќе донира лекови, кои наводно се ефикасни во борбата против озогласениот вирус.

 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »