Press "Enter" to skip to content

Комисија во Неготино одлучила фирма од Скопје да стане газда на дел од улица во Влае

Сопственикот на објектот на кафулето Кино Влае и на околните објекти станaл газда и на дел од улица за само 285 денари од метар квадратен. 

Постапката е овозможена преку Министерството за финансии. Започнала во 2014 година кога на власт е ВМРО – ДПМНЕ, а завршува шест години подоцна кога со државата управува СДСМ. Подрачна единица при Управата за имотно правни односи, одлучила да го удоволи барањето на фирмата „Аполо Инженеринг“ за приватизација на државно земјиште кое опфаќа и 153 квадрати од улицата Есперанто која се наоѓа пред кафулето Кино Влае без воопшто да излезе на терен и да утврди дека граѓаните остануваат без дел од улица за бизнис интереси.

Известува: Александра Денковска Гоцевска

Пред девет години или на 15 декември 2014 година, барање за приватизација на земјиште од скопската населба Карпош ќе стигне во подрачната единица на Управата за имотно правни односи на Министерство за финансии во Неготино. Скопските општини имаат премногу работа, па дел од барањата за приватизација и денационализација од Скопје се препраќаат во помалите градови. Управата го одбива првото барање и ѝ наложува на компанијата која сака да приватизира државно земјиште, да ги дополни документите и да наведе точни парцели кои бара да преминат од државна во нејзина сопственост. По шест години или дури во 2020 година во време на владата предводена од СДСМ, решението е конечно донесено. Приватизирани се неколку парцели на кое сега се наоѓа кафулето Кино Влае заедно со старите бараки, но и дел од улицата Есперанто која се наоѓа пред кафулето.

Делот од улицата Есперанто кој се приватизираше – КП 13560/9

Основа за приватизација е бидејќи компанијата која сега има назив „Нексос Инженеринг“, а порано беше „Аполо Инженеринг“ на тоа земјиште поседува објекти кои се изградени уште во 1965 година и има право на користење на земјиштето без за тоа да плати некаков надомест. Во решението е наведено дека на парцелите кои се приватизираат во корист на „Аполо Инженеринг“, компанијата имала право на користење и е сопственик на веќе изградени објекти, но на улицата пред Кино Влае нема ниту еден изграден објект, ниту пак некој имал стекнато право на користење на улицата.

Барање за приватизација на туѓ имот

Барањето за приватизација во Неготино пристигнува без потребните документи и со неодредени парцели за кои се бара приватизација. Во моментот кога „Аполо Инженеринг“ го поднесува барањето на 15 декември 2014 година и во наредните осум месеци, сопственик на објектите е компанијата за маркетинг „СВ – РСА“. Ова покажува дека „Аполо Инженеринг“ поднеле барање за приватизација на земјиште за кое немаат никаков документ за сопственост или пак за право на користење.

Договорот меѓу „Аполо Инженеринг“ и „СВ – РСА“ за продажба на објектите бил склучен на 25 август 2015 година.

Деталниот урбанистички план за оваа локација е донесен во 2016 година и на парцелите за кои се бара приватизација предвидено е да се изградат висококатници и трговски центар.

Во решението за приватизација пишува дека „Аполо Инженеринг“ доставиле два геодетски елаборати во пропратната документација за приватизација. Точниот датум кога се доставени елаборатите не е наведна, но може да се види дека елаборатите се изработени по донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП). Едниот е изработен кон крајот на 2016, а другиот во 2017 година. Во оној од 2016 е наведено дека парцелите за кои се бара приватизација се дел од градежна парцела предвидена во планот, додека во оној од 2017 година се другите катастарски парцели кои ја сочинуваат градежната парцела.

Како се приватизираат 153 квадрати од улица

Една од парцелите за кои „Аполо Инженеринг“ побарале приватизација е дел од улицата Есперанто која се наоѓа пред Кино Влае. Според она што го пишува во образложението на Решението за приватизација „Аполо Инженеринг“ успеале да го приватизираат земјиштето затоа што имале право на користење стекнато од претходниот сопственик и затоа што на тоа земјиште тие биле сопственици на објекти изградени уште од 1965 година. Улицата Есперанто се наоѓа веднаш пред кафулето Кино Влае и на неа сè уште нема изградено никаков објект. 

Улица Есперанто и објектот Кино Влае

Ниту еден приватен сопственик немал никакво право на користење на улицата, но во Деталниот урбанистички план (ДУП) за Кино Влае предвидено е 153 квадрати од ова улица да влезат во градежната парцела за висококатниците, а пристапна улица да се направи од задната страна на објектите.

„Од историјатот се гледа дека предметното градежно земјиште има објект изграден уште во 1965 година со градежна дозвола на Друштвото за кинематографија Градски кина дооел Скопје со право на сопственост. Овој имот со Договор за купопродажба во 2016 година бил запишан на Компанијата за СВ-РСА ДОО Скопје, а потоа во 2016 година било запишано на „Аполо Инженеринг“. По извршениот увид во списите Органот констатира дека со Договорот за купопродажба барателот се стекнал со сопственост на објектот и со корисничко право на предметното градежно земјиште. Видно е од имотниот лист дека правното лице е сопственик на објектот и го користи градежното земјиште што служи за редовна употреба на објектот и вршење на дејноста со вкупна површина од 779 метри квадратни и истото се приватизира“, пишува во решението за приватизација.

Но никој од Управата за имотно правни односи на Министерство за финансии во Неготино  не излегол на терен да провери дали навистина на земјиштето има изградено некаков објект, ниту пак било побарано мислење од општина Карпош.

„Кога има приватизација, од нас се бара само извод од урбанистички план, не се бара никакво мислење. Логично е улицата да се приватизира затоа што е предвидено со Детален урбанистички план на таа локација да има некаков објект. Во овој план улицата Есперанто е нацртана исто како и во претходните планови. Таа улица е непрописна и  непрописно се вкрстува. Никој нас не нè прашува како да ја нацрта улицата, тоа е работа на сообраќајните инженери кои го работат планот“, велат од општината.

За приватизацијата „Аполо Инженеринг“ требала да плати 341.202 денари, но бидејќи ја платиле целата сума наеднаш добиле дисконт од 35 проценти, што значи само 285 денари за метар квадратен или нешто повеќе од 3.500 евра. Неколку месеци по приватизацијата компанијата го продала целото приватизирано земјиште на Јонче Спирковски кој е сопственик на „Аполо Инженеринг“. Во купопродажниот договор наведено е дека имотот е продаден за цена од 2.950.000 денари со вклучен ДДВ – сума која Спирковски ќе ја плаќа по пат на компензација.

Приватизираниот дел од улицата Есперанто во населба Влае

ИРЛ испрати прашања до Жарко Јовчевски, управителот на компанијата „Аполо Инженеринг“. Тој ни рече дека во времето кога се правела приватизацијата, не бил вработен во компанијата и од тие причини не може да одговори на нашите прашања. Рече дека ќе се обиде да го добие сопственикот и да обезбеди одговори, но до објавувањето на сторијата одговор од „Аполо Инженеринг“ не добивме.

Инвеститорски урбанизам – сличен модел и во Тафталиџе

Потезите, државно земјиште од Влае да заврши во приватни раце започнуваат речиси во исто време кога започнуваат и плановите за бетонизација на Тафталиџе за која ИРЛ пишуваше пред неколку години. Главниот актер од Влае фирмата „Аполо Инженеринг“, учествувала и во бетонизацијата на населбата Тафталиџе. 

Во Решението за приватизација кое го изготвила подрачната единица на Министерството за финансии од Неготино пишува дека првото барање на Аполо инженеринг за приватизација на парцелите им било вратено затоа што било некомплетно. Од пропратните документи недостигале списи, но исто така не било прецизно напишано за кои катастарски парцели се бара приватизација. Според Решението, барателот во уреден рок ги доставил документите кои недостасувале, а тоа меѓу другото биле и геодетски елаборати изработени во 2016 и 2017 година во кои се гледа дека дел од парцелите за  кои се бара приватизација се дел од градежна парцела предвидена за висококатници во новиот план за населбата.

Деталниот урбанистички план бил донесен во 2016 година, неколку месеци пред „Аполо Инженеринг“ да го достави до подрачната единица во Неготино. Вториот елаборат изработен во 2017 година ги сочинува останатите катастарски парцели на кои треба да се гради новиот станбено-деловен комплекс. Сопственик на дел од овие парцели е „Аполо Инженеринг“. Ги добива со купување од приватни сопственици кои пак во 2016 година побарале државата со денационализација да им го врати имотот.

Процедурата за бетонизацијата на Тафталиџе беше многу слична. Освен градоначалникот Јакимовски во неа улога имаше и лицето Петар Мишиќ кој бил посредник меѓу општината и градежните компании. Мишиќ до 2015 година бил вработен во компанијата „Аполо Инженеринг“. Малата фирма „Аполо Инженеринг“ изгради само една осумкатница во Тафталиџе и не можеше да стане маркантна меѓу бетонските чудовишта на градежните магнати.

Локацијата на која е изградена зградата се наоѓа до основното училиште „Јан Амос Коменски“. Претходно на местото имаше стара куќа, сопственост на Борка Мишиќ, мајката на Петар Мишиќ.

Во 2014 година еден дел од старата куќа му се препишува на „Аполо Инженеринг“ на Јонче Спирковски. Во тој период Мишиќ е вработен во „Аполо Инженеринг“. Управителот на фирмата склучил договор со сопственичката на куќата Борка Мишиќ дека за секој дополнителен кат дозволен со деталниот урбанистички план што таа ќе го издејствува ќе добие екстра стан. Според договорот, таа требало да испрати анкетен лист до Општина Карпош со кој ќе бара да се зголеми катноста на нејзината куќа и да најде други луѓе што ќе го направат истото, за да има што е можно повеќе анкетни листови во кои ќе се бара зголемување на катноста токму на оваа локација.

Овој договор за наводно „лобирање“ во Општина Карпош е предмет на истрага во Основното јавно обвинителство Скопје. Освен поранешниот управител на „Аполо Инженеринг“, Зоран Поповски, со кривичната пријава која е поднесена во декември минатата година опфатени се уште 17 лица што учествувале во бетонизацијата на Тафталиџе, меѓу кои и планерите на деталниот урбанистички план за Тафталиџе, бизнисмени и градоначалникот на Општината.

Трета среќа за ДУП – от во Влае

Во 2016 година, пред да му заврши третиот мандат како градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски и тогашните советници донесоа Детален урбанистички план (ДУП) со кој населбата Влае која е претежно изградена од куќи и ниски згради да се претвори во ново бетонско чудовиште. Планот предвидуваше две висококатници, црква на местото на инклузивно детско игралиште, а спортските терени и игралишта покрај Вардар да се затворат и сместат во затворени објекти.

Наредната година неколку активисти, поднесоа иницијатива до Уставниот суд со која го оспорија донесувањето на неколку скопски детални урбанистички планови меѓу кои и монструозниот план за населбата Влае. Уставниот суд во 2018 година го укина овој план поради грешка во процедурата. Откако Уставниот суд ќе укине Детален урбанистички план, тоа значи дека Општината повеќе не смее да издава одобренија за градење врз основа на тој план и целата процедура за донесување на планот, мора да започне од почеток.

Во времето во кое планот е укинат, Јакимовски повеќе не е градоначалник на Карпош, а на негово место дојде младиот социјалдемократ Стефан Богоев.

Администрацијата на Богоев почнала со подготовка на новиот план. Но во наредните четири години колку што траеше мандатот на Богоев, тој не го стави планот на јавна анкета ниту пак на дневен ред на седница на Советот на општината, па планот мораше да го чека следниот градоначалник.

Влезот на населбата Влае кој води до објектот Кино Влае на улица Есперанто

На локалните избори во 2021 година, Јакимовски повторно ја доби довербата на карпошани и го започна својот четврти мандат како градоначалник на Карпош. Само неколку месеци откако повторно седна во градоначалничката фотелја, планот за Влае со речиси непроменети содржини беше ставен на јавна анкета. Овој потег ги разлути жителите на Влае кои не сакаа нивната населба да се претвори во ново Дебар маало. Тие се мобилизираа и се здружија заедно да се борат против планот во неформалното здружение на граѓани „Борба за Влае“. По една година активизам и административни процедури „Борба за Влае“ ја доби првата битка за спас на населбата. Град Скопје на седница на советот на кој без поддршката на советниците на ДУИ и СДСМ го поништија Регулацискиот план по кој бил правен деталниот урбанистички план што предвидуваше изградба на висококатници.

Но дали политичката и бизнис елитата која сака да го „урбанизира“ Влае ќе застане на ова или пак по трет пат ќе се донесе нов идентичен детален урбанистички план кој ќе им овозможи да ги остварат своите планови.

Од Општина Карпош велат дека ќе направат се што е потребно за да се реализира тоа што е предвидено во деталниот урбаниситчки план.

„На местото на Кино Влае согласно претходниот Генерален урбанистички план (ГУП) беше предвидено трговски центар чиј габарит ја поминуваше сегашната улица Есперанто и преку тревникот доаѓаше до пешачката патека на булеварот. Според новиот ГУП, Кино Влае е зона на домување и согласно тоа ние сме пристапиле кон изработување на ДУП во кој сопственикот има 3.700 метри квадратни земјиште и согласно стандардите ние сме должни да му овозможиме соодветна в исина и габарит на објектот“, велат од Општината.

Од „Борба за Влае“, велат дека нема да се опуштат и дека ќе следат како ќе се одвиваат работите во општината со носењето на новиот план.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.