Press "Enter" to skip to content

Кого не го интересира случајот со лажни КОВИД маски и тестови на пазарот во Македонија

Во Македонија не само што нема истраги, туку дел од институциите ги спречуваат напорите на новинарите да откријат што се случило и дали земјата има силни механизми да ги заштити граѓаните од оние кои би можеле да профитираат на сметка на здравјето на граѓаните. Низата настани кои следуваат се дел од макотрпниот институционален пат на ИРЛ да ги добие одговорите за кои што надлежните не се заинтересирани

Пишува: Давид Илиески, Александра Денковска
Илустрација: Лука Блажев

Од почетокот на пандемијата, европскиот пазар се преплави со милиони парчиња лажна или субстандардна заштитна опрема, па дури и лажни КОВИД тестови. Жртви на големиот број профитери кои видоа шанса во кризата со набавка на маски и тестови беа многу држави во светот, и богати и сиромашни. Една од тие држави беше и Македонија. Двете големи глобални истражувања на кои што ИРЛ работеше со партнерите од Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција предизвикаа лавина од реакции низ светот. Истраги води европската ОЛАФ и половина светски влади, а во некои од државите се одржaa и парламентари сослушувања (Индонезија). 

ИРЛ и партнерите разговараа со истражни органи од многу европски држави. Во дел од разговорите сите посочија една заедничка работa: „Ова се дела против здравјето на граѓаните, ние имаме врвна одговорност да откриеме докрај како ова се случило“.

Истрага по допрен глас: ОЛАФ може, ОЈО не може

ОЛАФ води истрага во Европа за заштитните маски со лажни и невалидни сертификати кои и очајните директори на македонските клиники ги купувале за да ги заштитат здравствените работници од новиот вирус. 

Овие маски ги увезувале веледрогерии, но и компании кои досега воопшто не работеле со ваков вид опрема. Сите имале одобренија од Агенцијата за лекови МАЛМЕД иако имало официјални предупредувања од страна на Европската федерација дека во промет се пуштени маски со фалсификувани сертификати. 

Овие и многу други важни детали, докази и документи поткрепени со интервјуа од клучните актери, во подробности беа раскажани во меѓунардното истражување кое беше објавено на десетина јазици. По објавеното истражување, Министерството за здравство истиот ден побара итна истрага од надлежните институции. Веднаш потоа се јави и Лекарската комора со исто барање и со објаснување до јавноста колку е важно да се расветли овој случај бидејќи претстаува опасност по здравјето на луѓето и здравствените работници кои се во првата борбена линија против овој вирус. 

Повеќе од три месеци, Јавното обвинителство не покренало никаква истрага со образложение дека институциите не им пријавиле ништо. 

„До Јавното обвинителство до овој момент не е пристигната кривична пријава или известување за настанот за кој покажувате интерес. Но, обвинителството ги следи сите информации во јавноста и доколку бидат утврдени елементи на сторено кривично дело, ќе постапи согласно своите надлежности.“, ни рекоа од Јавното Обивнителство

Обвинителството има на располагање законски механизам којшто се нарекува “истрага по допрен глас”. Овој механизам е особено во употреба кога станува збор за крупни афери и повици од највисоки државни органи и лекарскиот еснаф. Всушност, истрагата на ОЛАФ почнува во допрен глас следејќи ги известувањата во медиумите. 

На прашањето до Министерството за здравство дали освен јавниот повик презеле некои други чекори за откривање на виновникот кој дозволил да се увезат овие маски,  ни одговорија дека „очекуваат надлежните институции да превеземат активност во насока на расчистување на случајот“.

Во меѓувреме, тимот новинари на ИРЛ продолжи да го истражува случајот. На пример, на еден од сертификатите од маските кои влегле во Македонија, пишува само дека сертификатот е издаден од извесен Тоби без презиме. Од МАЛМЕД се оградуваат од одговорност за маските увезени со лажни сертификати и велат дека КН95 маските се индустриски, а нивната институција не е надлежна да го провери квалитетот, туку издава одобренија само за да можат да поминат на Царина.

Од тука сакавме да провериме дали некој во МАЛМЕД воопшто прави било каква проверка на документите на медицинските маски и дали некој ги следи предупредувањата кои европските институции секојдневно ги објавуваат на веб страниците.

Нетранспарентноста на МАЛМЕД

Последните истражувања за лажните рапид тестови и маските со лажни сертификати врзани со КОВИД пандемијата, ги отворија „раните“ на институциите и нивната неспособност и инертност кога станува збор за заштита на здравјето на луѓето. 

Низата настани кои следуваат се дел од макотрпниот институционален пат на ИРЛ да ги добие одговорите за кои што надлежните не се заинтересирани. Ова патешествие покажа нефункционалност и нетранспарентност на институцијата која треба да е прв филтер на квалитетот на она што се носи на пазарот со здравје. Тоа е агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. 

На 24-ти август, до редакцијата на ИРЛ пристигна одговор на Барањето за пристап до информации од јавен карактер испратено две недели претходно до Агенцијата за лекови и медицински средства.

Во одговорот кој го добивме од МАЛМЕД не беше наведено дали тие го одбиваат или прифаќаат нашето барање. Туку беа поставени две отворени прашања, дали документацијата е класифицирана и дали тие или Царинската управа се одговорни за овие документи. 

Маилот во кој го добивме овој одговорот на нашето Барањето пристигна од контактот за информации од јавен карактер во МАЛМЕД, Драган Димитров, а одговорот го подготвила Елеонора Панодова, службеник во Агенцијата, оговорна за управување со EXIM системот. 

EXIM системот на Царинаската управа овозможува електронско поднесување на барањата за дозволи за увоз, извоз и транзит од страна на фирмите, како и електронско издавање на дозволите од страна на надлежните институции. Но, затоа што МАЛМЕД е одговорна за издавање на дозволи за увоз на сите медицински продукти и тие имаат директен пристап до овој систем.

Со цел да можеме да добиеме одговор на нашето Барање или да бидеме одбиени, за да може да ја продолжиме процедурата во други институции се обидовме да стапивме во контакт со Димитров, но тој бил на одмор, а дека додека се врати од одмор, во институцијата никој официјално не ја презема неговата работа. 

Следниот човек кој се обидовме да го добиеме беше Пандова. На нејзиниот службен број ѕвоневме неколку пати во различен период од денот и од различни телефонски броеви, но секој пат сигналот беше дека телефонската линија е зафатена. 

Истпративме и меил, во кој детално и го објаснивме нашиот проблем и повторно побаравме барем да добиеме одговор со кој ќе го одбијат нашето барање, со цел да може да постапиме по следните правни механизми. По ова, од Пандова добивме одговор идентичен на првиот.

Со сите исцрпени опции, ни преостана да стапиме во контакт со директорката на МАЛМЕД, Висара Риза. Која при работењето на првите две истражувања комуницираше и соработуваше со новинарите на ИРЛ. Но овој пат, Риза не успеавме да ја добиеме ниту на службениот телефон, ниту одговори на пораките кои ги остававме кај нејзината секретарка. За новинварите на ИРЛ таа секогаш беше на состанок.

Последниот обид за контакт со директорката на МАЛМЕД беше во петок на 11 септември. Кон крајот на работниот ден, откако не добивме повратен повик, повторно се јавивме на фиксниот телефон. На прашањето дали нашите пораки и се пренесени на директорката и дали да очекуваме повик, од лицето кое тој ден ја заменувало секретатката на Риза добивме одговор дека ова не е негов пробелм и со навреда кон новинарот линијата беше прекината.

Иако директорката Висара Риза беше формално информирана за сите овие настани на нејзиниот маил, таа до денот на на објавување на овој текст одби да не исконтактира и да одговори на нашите прашања, како и на Барањето за пристап до информации од јавен карактер.

Цела комуникација со надлежните во МАЛМЕД:
Прв одговор на Барањето
Маилови со службеници Елеонора Панодова и Драган Димитров
Маил до директорката Висара Ризa

Истражувања:

Маски со лажни сертификати за заштита од корона завршиле низ болниците во Македонија, ОЛАФ води меѓународна истрага

Несигурни дијагнози: Како лажно декларирани холандски тестови за КОВИД од Кина завршија во Македонија, САД и земјите на ЕУ