Во текот на 12 години колку што дискотеката Пулс од Кочани работела, се смениле три градоначалници – двајца од ВМРО-ДПМНЕ и еден од СДСМ. Еден од нив бизнисменот и поранешен градоначалник Ратко Димитровски дури и живее на 100 метри од објектот. Сите тројца, заедно со полициски началници, претседатели на локални судови, пратеници од власта и опозицијата, обвинители и инспектори членувале во локален совет за превенција кои требало да ја кренат безбедноста и сигурноста на граѓаните на Кочани.
Известуваат: Иван Блажевски; Пелагија Стојанчова
Графика:Лука Блажев
Луѓе на важни позиции во Кочани во текот на 12 години откако постои дискотеката „Пулс“ можеле да знаат дека таа е „буре барут“ и работи на диво. Пратеници од власта и опозицијата, полицискиот началник, јавниот кочански обвинител, локалниот претседател на судот, градоначалникот и претседателот на Советот на општината биле членови на Локалниот совет за превенција надлежен да ја подигне сигурноста и безбедноста на граѓаните на Кочани. Некои од нив не знаат ни дека се членови, други никогаш не се појавиле на седница, а дел од нив велат дека сето ова е „про-форма“. И покрај извештаите и препораките кои ги добивале министрите за локална самоуправа, повеќе од една деценија, никој не се погрижил волонтерските локални совети за превенција да ги уреди во закон, особено оние кои се директно поврзани со квалитетот на живот на граѓанинот во неговото секојдневие.
Членувале во локални совети за превенција за кои не знаеле дека постојат
Локалната власт во Општина Кочани во изминатите години имала можност преку повеќе механизми да спречи да дојде до загрозување на безбедноста и животите на граѓаните доколку сериозно се работело преку Локалниот совет за превенција кого го формирале пред многу години врз основа на Законот за локална самоуправа.
Целта на таквиот совет е да ги детектира можните опасности за локалните граѓани, вклучително и за нивната безбедност.
Имал задача да ги анализира работите кои загрижуваат од поглед на безбедноста.
Но, откако ИРЛ стапи во контакт со дел од членовите на овој совет во Кочани, некои од нив воопшто и не знаеја дека членуваат во него.

Според информациите до кои дојдовме, сѐ започнало од 2002 година кога низ повеќето општини во државата по сугестија на ОБСЕ почнале да се формираат т.н. Локални совети за превенција (ЛСП).
Општините немаат законска обврска да формираат ваков совет, туку само можност, односно ако сакаат. Сепак, од вкупно 80 општини во Македонија, околу 50 од нив во минатото формирале таков совет за да ги детектираат опасностите со кои би можеле да се соочат граѓаните. Меѓу нив била и Општина Кочани.
Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) за ИРЛ појаснија дека од овие 50 општини, во околу 30 ваквите совети се активни, а во 20 други општини тие формално постојат, но не функционираат.
Советите за превенција можат само да даваат совети. Најчесто се практикува претседавач да биде градоначалникот, потоа да има претставници од полицијата, од Советот на општината, од администрацијата, од образованието, социјалата, здравството, па дури и од локалните верски заедници, невладините организации, стопанството и други субјекти.
„Советот на општината донесува одлука за формирање Локален совет за превенција како советодавно и координативно тело заради остварување на соработка и зацврстување на влијанието на јавноста во работата на полицијата со цел да се изградат заеднички препораки за подобрување на јавната безбедност на подрачјето на општината и на градот Скопје, градење доверба и партнерски односи во превенирањето на појавите што влијаат на безбедноста“, одговорија од ЗЕЛС за ИРЛ.
Безбедноста им била клучен приоритет на кочанските власти, но само на хартија
Подигнување на сигурноста, безбедноста и квалитетот на живот во заедницата е еден од клучните приоритети на Локалниот совет за превенција. Последниот состав на ЛСП во Општина Кочани бил конституиран пред 15 месеци, односно на 15 декември 2023 година.
Според кажувања на дел од актуелните членови, овој Совет во Кочани бил формиран уште во времето кога со општината во два мандати раководел градоначалникот Љубомир Јанев од СДСМ (2000-2002 година и 2005-2009 година).
Но, дел од актуелните членови на Советот чии имиња се наведени на интернет страницата на Општината, ниту чуле за такво нешто, ниту некогаш присуствувале на седница на ЛСП.
Други, пак, кои учествувале на средбите, велат дека таму се зборувало за проблемите со депонијата во Кочани, за справување со пожари. Но, не се сеќаваат оти некогаш се говорело за дискотеката на смртта. Не можат да потврдат ниту дали некогаш полициски началници, судии, обвинители, градоначалникот, вработени во општината се посомневале дека „Пулс“ работи на диво со оглед на тоа што изминатата 2024 година воопшто не уплатиле дел од парите за лиценца (50%) кои мора да завршат во општинскиот буџет.
Во Локалниот совет за превенција во Кочани, според податоците на интернет-страницата на Општината, членуваат и пратениците Миле Лефков од ВМРО -ДПМНЕ и Марија Ангелова СДСM. Ангеловска беше пратеничка до лани, а полицискиот началник и претседателот на судот се сменети откако ВМРО–ДПМНЕ ја презеде централната власт минатата година. Освен основното тело, има и втора и трета работна група сочинета од советници во општината, инспектори, пожарникари, претставници на граѓански организации.
ИРЛ неделава електронски испрати повеќе прашања до градоначалникот во Кочани, полицијата и обвинителството. Одговори не добивме. Потоа контактиравме со дел од членовите на ЛСП.
Пратеникот Миле Лефков прво ни рече дека бил дел од Советот за време на пандемијата со КОВИД-19 и енергетската криза. Подоцна ни рече дека бил повикан на конститутивната седница на ЛСП, но не отишол бидејќи тој ден имал работа во Собранието. „Учествував на состаноци за проблеми со депонијата“, се присети актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Неговата поранешна колешка, Марија Ангелова од СДСМ, која беше дел од Собранието во периодот 2020-2024, беше изнeнaдена што ја поврзуваме со ЛСП, иако нејзиното име сѐ уште стои на општинската веб-станица. „Сѐ е само на хартија“, ни рече таа.
И судијката Сузана Милевска, која е поранешна претседателка на судот во Кочани, ни рече дека воопшто не чула за таков совет, ниту пак некој ја известил дека е членка.
„Првпат сега слушам од вас за тоа. Јас со овој градоначалник не сум комуницирала. Добро ќе било ако тоа тело профункционирало оти ние имаме проблеми и со комуникација и со начинот на кој постапуваат службени лица“, ни одговори Милевска.
Биле побарани зачестени инспекции во угостителските објекти
На општинската интернет-страница на Кочани има три вести поврзани со работата на овој Совет. Општината издала и брошура во која детално се објаснува улогата на ЛСП.
Заседавале за проблеми со депонијата, биле дадени препораки за заштита од пожари, а на една седница одржана во јануари минатата година било побарано инспекциите „зачестено да вршат контрола во угостителските објекти“.

Жаклина Пановска -Ангелковиќ, вработена во Општината и членка на втората работна група на Локалниот советот за превенција, за ИРЛ изјави дека за опожарената дискотека зборувале само во контекст на паркингот.
„За оваа дискотека, зимската, не можам да ви кажам, не сум присуствувала и не сум била, освен нешто последно што ја имаме споменато, затоа што ‘Стокомак’ го среди паркинг-просторот, па имаме споменато дека по затворањето на дисконтот, паркингот ќе може да се користи и за дискотеката“, ни изјави таа.
Истражување за (не)работењето на Локалните совети за превенција
Во октомври 2023 година Центарот за европски стратегии ЕВРОТИНК со поддршка од амбасадата на САД објавил резултати од едно истражување токму за функционирањето на Локалните совети за превенција низ општините.
Истражиле дали и колку работат. Тоа го сториле преку три одбрани општини: Кисела Вода, Гостивар и Струмица, а подготвеност за соработка во истражувањето искажале 34 општини.
Во извештајот до кој дојде ИРЛ може да се прочита дека советите биле нефункционални.
„И покрај долгогодишните заложби за воспоставување на ЛСП во општините, концептот сè уште е на маргините на активностите на локалните власти и интересот за неговата разработка е низок“, се наведува во документот.
Сепак и покрај тоа што била констатирана незаинтересираност кај општините, проектниот тим нагласил дека Локалните совети за превенција претставуваат клучна алатка во синџирот механизми за ефективно менаџирање со локалните проблеми, меѓу кои и безбедноста.
Во истражувањето биле идентификувани повеќе слабости во функционирањето на локалните совети:

Проектниот тим во анализата констатирал дека главната кочница во работењето на Локалните совети за превенција се нивната поставеност на доброволна основа. Поради тоа било препорачано формирањето и активното функционирање на овие совети да се регулира како обврска, а не само како можност.
„Ова би било најлесно и најбрзо регулирано преку интервенција во Законот за локална самоуправа“, се заклучува во анализата.
„Пулс“ со фалсификувана лиценца, го толерирале сите власти
Дури по трагедијата во Кочани се утврди дека единственото, како што го знаат во Кочани, зимско диско, нема официјално лиценца, туку работи со фалсификувана. Кабарето, според податоците на Министерството за економија работи од 2012 година, а лиценца според регистарот во изминативе 13 години имале само во 2021 и 2023 година.

Ова илустрира дека пред пропустите замижувале сите – централната и локалната власт, полицијата, инспекциите, а кабарето работело непречено затоа што имале поддршка од сите структури кои требало да ги контролираат, казнуваат или да утврдат дека работат незаконски со години и да ги затворат.
Во пожарот кој се случи рано утрото на 16 март загинаа 59 лица, а речиси 200 се повредени. Од повредените 178 се на болничко лекување. Од нив 101 се лекуват на клиниките низ Европа, во најголем дел во соседните Србија, Бугарија и Грција. На државните клиники во Македонија се лекувааат 64 пациенти, а на приватните 13.
Возраста на починатите е од 16 до 48 години.
По пожарот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека дискотеката „Пулс“ во Кочани работела со фалсификувана лиценца, а немала ниту важечка согласнот што ја издава МВР дека објектот исполнува услови за заштитата на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот. Објектот е регистриран за вршење лесна индустрија и никогаш не бил пренаменет во угостителски објект.
Обвинителскиот тим составен од девет обвинители, а предводен од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски утврди дека во „дискотеката“ немало хидрант што работи, имало само два ПП апарати, немало две излезни врати пропишани за евакуација, до објектот немало ниту пристап за противпожарни возила од двете страни на улицата. Сето ова е наведено во Правилникот за мерките за заштита од пожари донесен од Дирекцијата за заштита и спасување.
Гипс картонот со кој била обложена внатрешноста не бил огноотпорен, а ниту таванот, ниту вратата имале противпожарна отпорност. Дискотеката немала ниту систем за известување за настанат пожар. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина без соодветна дозвола.
Судот одлучи 18 осомничени да добијат краткотраен притвор зашто за нив сѐ уште трае прибирањето докази. Меѓу нив се поранешниот министер за економија Крешник Бектеши од ДУИ и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски, кадар на СДСМ. За седум полициски службеници има истрага и за нив притворот е 30 дена. Тие се осомничени дека сториле тешки дела против општата сигурност, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови. Полициските службеници изготвиле, потпишале и одобриле позитивна согласност за лиценца дека кабарето во Кочани може да врши угостителска дејност, иако не ги исполнувало условите.






















