Press "Enter" to skip to content

Пет илјади граѓани на „игнор“: Пратениците немаат храброст да започнат надзорна расправа за Кочани, Тетово и автобуските несреќи

ИРЛ ги праша пратениците како ќе постапат по повикот за акција во кој 5 000 граѓани побараа надзорна расправа за системските пропусти кои водат до несреќите. Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дадоа шокантни изјави – дека тие не одговараат пред избирачите, туку пред партијата. Некои поднесоа и пријави за нарушување на приватноста од страна на ИРЛ поради споделување на нивните службени мејлови, други никогаш го немаат ниту отворено службениот мејл – дури цели 20 години, додека повеќето ќе чекаат инструкции од партијата.

По речиси два месеца по ужасното злосторство во Кочани, пратениците редовно си ги извршуваат работните обврски – одат на работа, требуваат патни трошоци, членуваат во собраниски комисии. Учествуваат на пленарни седници, гласаат кога треба и не гласаат кога не треба, поставуваат пратенички прашања, но никако да започнат надзорна расправа во парламентот за трагедијата во дивото кабаре „Пулс“.

Тие дури отидоа на пролетен распуст непосредно по пожарот.

И наместо да ја оправдаат доделената улога – избраници на народот, а не на партијата – тие се тивки кога треба да бидат гласни. Партиските калкулации во Собранието ги препознаа и семејствата на настраданите и повредените во „Пулс“.

„Ако не бил партиски допрен глас, значи нашиот глас не се важи?! Партијата не ве плаќа! Ние ве плаќаме! Ако не ве бива, ако е тешко – марш!“, гласеше една од пораките на родителите.

На протестот во Скопје на 29 април, кој го организираа родители и роднини на загинатите, присутните упатија остри тонови кон пратениците, извршната власт и државните институции.

Но, иницијативата за свикување собраниска надзорна расправа за трагедијата остана заглавена меѓу изговори, неизвршени обврски и чекање партиски инструкции. Ниту 20-те пратеници од изборната единица 3, во чии рамки се наоѓа и Кочани, не одлучија поразлично од партиската база и не побараа надзорна расправа во име на своите гласачи.

Во оваа изборна единица ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 14 пратеници, СДСМ и коалицијата четири, а ЗНАМ и Левица по еден пратеник.

Граѓаните бараат надзорна расправа

По пожарот во кој животите ги загубија 62 лица, а беа повредени 196, ИРЛ иницира повик за акција. Апелиравме до граѓаните да им се обратат на дваесетте пратеници од изборната единица 3 испраќајќи им исти пораки на нивните службени електронски адреси. Во нив бараа пратениците да иницираат итна надзорна расправа за расветлување на системските пропусти кои доведоа до големиот број загинати во Кочани.

За да се закаже надзорна расправа, според Законот за Собранието, потребни се најмалку 15 пратеници кои ќе поднесат таква иницијатива до собраниските служби. Потоа спикерот е должен веднаш да ја стави на дневен ред.

Член 20

 (1) Надзорна расправа се одржува со цел да се добијат информации и стручни мислења за прашањата од делокруг на матичното работно тело во врска со со утврдувањето и спроведувањето на политиката, извршувањето на законите и другите активности на Владата и на органите на државната управа.

(2) Надзорната расправа ја спроведува матичното работно тело на Собранието кое може на седница да покани овластени претставници на Владата или на органите на државната управа и да побара од нив информации и појаснувања што се предмет на надзорната расправа.

(3) На надзорната расправа можат да бидат поканети и други лица кои можат да дадат информации за прашањата што се предмет на надзорната расправа.

(4) Поканетите овластени претставници имаат обврска да присуствуваат на седницата на која ќе се одржи надзорната расправа.

(5) За одржувањето на надзорната расправа, претседателот на работното тело го известува претседателот на Собранието. Претседателот на Собранието за одржувањето на надзорната расправа писмено ја известува Владата. Со известувањето претседателот на Собранието ќе побара Владата да определи овластен претставник (претставници) за прашањата што се предмет на надзорната расправа.

(6) Претседателот на матичното работно тело овластениот претставник на Владата или на органите на државната управа, писмено го поканува на седницата на работното тело на која ќе се одржи надзорната расправа и го известува за прашањето кое е предмет на расправата и може од него да побара информациите, мислењата и ставовите да ги достави и во писмена форма најдоцна три дена пред денот на одржувањето на седницата на телото.

(7) Средства за одржување на надзорни расправи се обезбедуваат од средствата на Собранието предвидени во Буџетот на Република Македонија.

(8) За одржувањето на надзорната расправа јавноста се информира преку веб страницата на Собранието и Собранискиот канал.

Член 21 

(1) Иницијатива за одржување на надзорна расправа може да покрене еден член од матичното работно тело.

(2) За одржување на надзорна расправа работното тело одлучува со мнозинство гласови од присутниот број членови, а најмалку со една третина од вкупниот број членови.

(3) Доколку 15 пратеници во писмена форма побараат одржување на надзорна расправа, преку претседателот на Собранието до претседателот на работното тело, тогаш претседателот на работното тело е должен веднаш да свика нејзино одржување.

(4) Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи може до претседателот и членовите на работното тело да даде препорака за одржување на определени надзорни расправи.

Член 22 

(1) Во текот на надзорната расправа, членовите на матичното работно тело и пратеници кои не се членови на матичното работно тело можат да поставуваат прашања до овластените претставници на Владата или на органите на државната 5 управа поканети на расправата, само во врска со прашањето кое е предмет на расправата.

(2) Во текот на надзорната расправа, со повиканите лица кои ги обезбедуваат информациите може да се води дискусија само ако е неопходно да се усогласат или појаснат конкретни прашања и факти.

(3) Матичното работно тело одлучува за времетраењето на расправата при што се обезбедува учество на секој член на матичното работно тело во расправата.

Член 23 

(1) Надзорната расправа, по правило, се снима фонографски и за истата се води записник, а технички и други исправки можат да се направат во договор и во согласност со лицето чија изјава е во прашање.

(2) Работното тело до Собранието доставува извештај за одржаната надзорна расправа во кој е внесена суштината на излагањата, а може да предложи и заклучоци кои се доставуваат и до Владата на Република Македонија.

(3) Заклучоците од надзорната расправа се објавуваат на веб страницата на Собранието.

Надзорни расправи граѓаните побараа и за пожарот во модуларната болница во Тетово, како и за двете автобуски сообраќајни несреќи кај Ласкарци и во Бугарија.

Надзорната расправа е еден од клучните механизми преку кој Собранието може да спроведе контрола врз извршната и судската власт. Ваквата расправа е јавна, се емитува во живо на Собранискиот канал и нејзините заклучоци се задолжителни. Таа може да послужи како основа за понатамошни постапки, вклучително и кривична одговорност.

Во рамки на надзорна расправа пратениците имаат право да повикаат сведоци, функционери, експерти и граѓани, да ги анализираат системските пропусти и да утврдат дали институциите постапувале законски.

Преку надзорните расправи може да се отвори прашањето за квалитетот на законите и функционирањето на јавната администрација. Но, поради нивниот јавен карактер и правната обврзаност, пратениците често се одлучуваат за алтернативни форми – како што се собраниските анкетни комисии.

Меѓутоа, за разлика од надзорните расправи, состаноците на анкетните комисиите не се јавни. Тие не вклучуваат надворешни експерти, немаат правна тежина и нивната работа може да трае неопределено долго.

Но, и покрај тоа што речиси пет илјади граѓани одговорија на повикот на ИРЛ и им пратија електронска пошта на дваесетте пратеници со барање токму тие да иницираат итна надзорна расправа за Кочани, досега не се случи тоа.

Некои од пратениците, како што подоцна кажаа за ИРЛ, не ги ни отвориле пораките. Друг ја пријавил акцијата на ИРЛ во Агенцијата за заштита на личните податоци оти проценил дека му биле загрозени личните податоци. Трет пратеник ни тврдеше дека не добил ниту една порака, а поголемиот дел рекоа дека чекаат да заврши истрагата.

Сите „за“, но никој не се потпишува

ИРЛ контактираше 19 од 20 пратеници од изборната единица 3 до кои граѓаните испратија мејлови. Пратениците од различни партии, независно од тоа дали се од власта или опозицијата, во разговорите со новинарите изразија генерална поддршка за надзорна расправа. На повиците на новинарите на ИРЛ единствено не одговори пратеникот на ЗНАМ, Павле Арсоски.

Ниту еден од оние со кои зборувавме, со исклучок на пратениците од Левица, не го стави својот потпис на пратеничката иницијатива за надзорна расправа. Во најголемиот број случаи тврдеа дека сѐ уште не било време за таква расправа.

Речиси и да немаше разлика во одговорите на пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие беа исти и личеа како да имале меѓупартиски договор, односно прво да се чека да заврши истрагата, а дури потоа да има надзорна расправа.

Сања Лукаревска од СДСМ ни рече дека став на партијата е оти треба да се почека да заврши предистражната постапка. 

„Штом завршат предистражната и истражната постапка, ќе ставиме потпис затоа што и ние сакаме да добиеме одговори на многу прашања. Во овој период институциите не би можеле многу да зборуваат отворено како што би сакале ние“, ни изјави Лукаревска.

Љупчо Николовски, исто така од СДСМ, вели дека добил многу мејлови, но ќе се потпишел кога ќе се создаделе услови. 

„Секако дека сме за надзорна расправа, но треба и да има услови за таа расправа да има суштина. Јас како Љупчо Николовски ќе се потпишам на тоа барање кога ќе се создадат услови“, вели пратеникот од редовите на опозицијата.

Благој Бочварски го повтори истото што и неговите сопартијци – став има, но не и потпис:

„Апсолутно би се потпишал и нема да бидам против тоа, но тајмингот го одредуваме заедно со колегите на координација.“

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, Миле Лефков, Емил Спасовски, Игор Здравковски, Душко Иванов, Драгана Бојковска и Никола Мицевски, сите беа согласни дека треба да има надзорна расправа, но никој не беше подготвен лично да застане зад една таква иницијатива.

Пратеникот Душко Иванов во разговорот со новинарите на ИРЛ, освен за можна надзорна расправа, зборуваше и за електронските пораки што ги добил од граѓаните кои од него бараа да иницира ваква расправа во Собранието.

Имено, тој добил преку три илјади такви пораки, но, како што рече, потоа од неговата електронска адреса пораките биле препратени до неговите колеги од изборната единица 3. Тој ни нагласи дека бидејќи доаѓал од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) се посомневал дека преку акцијата на ИРЛ и граѓаните му биле злоупотребени личните податоци.

Сега ќе ви кажам, јас добив меjл од едно, мислам дека беа околу три и пол илјади на број, што беа преку агрегатот на ИРЛ. Но, не знам како воопшто успеале преку агрегатот на ИРЛ од мојот мејл да испратат мејл на пратениците од трета изборна единица“, ни рече Иванов и додаде дека ќе се потпише на иницијатива за надзорна расправа иницирана од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Неговата сопартијка Драгана Бојковска ни изјави дека поддржува и анкетна и надзорна расправа:

„Штом заврши истрагата за Кочани, ќе иницираме сеопфатна расправа.“

Александар Јамалов, исто така пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, а по професија полицаец, смета дека не треба ништо да се презема додека трае истрагата.

„Ви тврдам како полицаец по струка, додека трае истражната постапка, пратениците не треба ништо да преземаат,“ изјави тој за ИРЛ.

Користат службен мејл – понекогаш

Неколку пратеници велат дека не ги прочитале пораките од неколкуте илјади граѓаните бидејќи не го користеле службениот мејл.

Горан Мисовски од Новата социјалдемократска партија ни рече:

„Службениот мејл не го користам 20 години.“

Според него, иницијативата треба да биде заедничка и потпишана од сите 120 пратеници.

„Не знам зошто барате индивидуално некој нешто да иницира… Треба сите 120 пратеници заедно да се потпишат на каква било иницијатива“, изјави Мисовски.

Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ни изјави дека не добила никакви пораки.

„Јас немам добиено ниту еден мејл. Можете слободно да дојдете кај мене во канцеларија и да го проверите“, и додаде дека е тенденциозно кога новинарите на ИРЛ ѝ предочија дека можеби пораките од граѓаните ѝ пристигнале во полето „спам“ на нејзината електронска пошта.  

На прашањето дали би дала потпис за иницијатива, таа одговори дека е за надзорна расправа за сите несреќи со голем број жртви во минатото, а не конкретно само за Кочани.

„Верувам дека до крајот на денот ќе добиете информација од Собранието“, ни рече Мизрахи на 23 април избегнувајќи директен одговор.

Но, ниту тој ден ниту до објавувањето на овој материјал од Собранието не добивме никаква информација во врска со евентуална надзорна расправа за кој било од споменатите случаи.

Никој не иницира лично – сите чекаат некој друг

Некои пратеници отвораат врата за можноста за надзорна расправа, но секогаш со дополнителен услов или очекување дека некој друг треба да ја покрене иницијативата.

Никола Коњановски од Социјалистичката партија ни изјави: 

„Да, значи мора да се решат проблемите, сите ќе одат во пакет.“ 

Меѓутоа, на прашањето дали лично ќе иницира нешто, одговори:

„Сега вака… ние сите сме заедно и сето тоа ќе оди заедно.“

Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека надзорната расправа е значаен инструмент, но исто така додаде:

„Добро е да им дадеме простор на органите да си ја завршат работата.“

На сличен начин пратеничките Драгана Арсова и Даниела Христова од ВМРО-ДПМНЕ изразија поддршка за идејата за надзорна расправа, но најавија дека ќе чекаат истрагата да заврши пред да преземат каква било акција:

„Сега ќе ги оставиме надлежните органи да си завршат работата, откако истрагата ќе заврши, ќе преземеме сѐ што е во наша надлежност“, изјави Арсова за ИРЛ. 

„Во моментов трае истрагата, се надевам дека истражните органи што побрзо ќе си ја завршат работата, па потоа и ние како пратеници ќе можеме да преземеме конкретни чекори“, рече Христова.

Надзорна расправа поддржува и Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Освен за трагедијата во Кочани, според него, пратениците треба да дискутираат и за пожарот во модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа кај Ласкарци и во Бугарија.

„Трагедијата во Кочани, како и останатите, ќе бидат предмет на отворена и аргументирана расправа, веднаш по завршување на постапките и објавувањето на наодите од надлежните институции“, изјави Ковачки.

Потписите од Левица, недоволни

На 3 април пратеникот Борис Крмов од Левица изјави дека сите шест пратеници од неговата партија ставиле потпис за иницијатива за надзорна расправа. 

„Ние како пратеници и Собрание, посебно пратениците од изборна единица 3, мора да понесеме морална одговорност и поради тоа поднесувам иницијатива за надзорна расправа околу катастрофата што ни се случи во Кочани“, изјави Крмов на прес-конференција.

Потребни се уште девет потписи, но ниту еден пратеник од другите партии не ја поддржа иницијативата.

„Ние одговоривме на повикот. Се потпишавме шестмина и бараме уште минимум девет. Ако никој не се потпише, тогаш, за жал, толку ни е можноста“, рече Крмов.

Инаку, во рамките на истрагата опфатени се неколку високи државни функционери, меѓу кои и поранешните министри за економија Крешник Бектеши, Беким Незири и Ваљон Сарачини, кои беа приведени. Уапсен беше и Шабан Салиу, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, како и Размена Ѓуровиќ, поранешна државна секретарка во Министерството за економија. Приведен беше и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, како и поголем број полициски службеници и други физички лица.

Некои се осомничени за фалсификување, издавање или овозможување на дискотеката да работи, иако таа не ги исполнувала потребните безбедносни стандарди, а други за пропусти во надзорот и одобрувањето на противпожарната безбедност на објектот.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.