Од гонетите 23 полициски службеници, во моментот кога избувнал пожарот во „Пулс“ биле присутни десетмина. Ниту еден од нив не го спречил палењето на пиротехниката иако биле должни да го сторат тоа. Обвинителството за гонење организиран криминал каде што се водеше втора, засебна истрага за одговорноста на полицијата, денеска соопшти дека поднело три обвиненија. И во оваа истрага обвинителството се соочило со проблематични закони за кривично гонење со кои некои дела застаруваат и отсуство на правилници во МВР за постапување при акциска контрола – фактори кои ја отежнуваат правдата и работата на правосудните органи.
За девет полицајци што вечерта на 16 март влегле во импровизираната дискотека да прават акциска контрола, но и за четири началници што ја наредиле, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска поднесе обвинителен акт со којшто ги товари за тешки дела против општата сигурност.
Обвинителката Ивана Алексова Трајчева, на денешниот брифинг со новинарите, објасни дека овие девет полицајци коишто влегле во Пулс во 2.20 часот по полноќ, не презеле соодветни мерки за спречување на употребата на пиротехниката, чие користење не било пријавено во МВР, иако сведочеле на тој момент. Со тоа не ги заштитиле луѓето присутни во дискотеката.
Обвинителката посочи дека поради отсуство на правилници за постапување при акциски контроли, не постоела правна основа за да им се стави на товар одговорност за непрекинување на концертот и со тоа спречување на пожарот.
„Како последица на несоодветната акциска контрола, настанал пожар, при што починаа 63 луѓе и 223 се здобија со тешки телесни повреди“, изјави обвинителката Алексова Трајчева.
Освен овој обвинителен акт којшто ги опфаќа инволвираните полицајци вечерта на пожарот, таа денеска поднела уште еден обвинителен предлог против девет полицајци кои во 2022 и 2023 година со позитивна согласност овозможиле клубот Пулс да добие лиценца иако не ги исполнувал условите што тие требало да ги проверат – најмалку 20 паркинг места. За ова, таа ги товари со делото Злоупотреба на службена положба и овластување.
Врз основа на доказите прибрани во истрагата, обвинителката утврдила дека двајца од обвинетите, како и уште еден полициски службеник кој не е опфатен со обвинението, утврдените прекршоци во клубот „Пулс“ ги евидентирале на фирма која веќе не била активна, наместо на актуелната фирма што управувала со клубот.
Во однос на други седум полициски службеници што правеле проверки од аспект на безбедност во сообраќајот, односно број на паркинг места, и јавен ред и мир во периодот од 2012 до почетокот на 2022, истражната постапка во ова обвинителство е запрена. Односно, за непостапувањето во 2019 година, обвинителството утвгрдило дека има застареност на предвиденото дело – злоупотреба на службената положба и овластувања. За инволвираните од 2012 до 2018, случајот е препратен во Основното јавно обвинителство Кочани, бидејќи надлежноста на специјализираното одделение во ОЈО ГОКК почнува од 2018 година, но доколку кочанскиот обвинител одлучи дека и тие ќе се товарат за истото дело, исто така веќе е застарено.
Претходно Основното јавно обвинителство веќе поднесе обвинение за трагедијата во Кочани во кое се судат 35 луѓе и 3 фирми.
Но, по истражувањето на ИРЛ „КОЧАНИ – Нашиот морален компромис“, се отвори истрага за одговорност и кај инспектори од Управата за јавни приходи, кои беа поштедени и изоставени во првичното обвинение.
Откривме дека двајца даночни инспектори од Управата за јавни приходи биле изоставени од првичното обвинение, иако обвинителите располагале со докази против нив. Едниот од нив, Драган Паунов – Дацо, е брат на в.д. претседателка на Кривичниот суд, Даниела Димовска.
Инспекторите биле во комуникација со синот на сопственикот на клубот „Пулс“, обвинетиот Михајло Јованов, кого го предупредувале за претстојни инспекциски контроли од Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи. За возврат, добивале скапи подароци.
По објавувањето на документарецот, кој достигна над еден милион прегледи на Јутјуб, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Во рок од една недела беа уапсени двајцата даночни инспектори откриени во истражувањето, како и други службеници од Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат. Сите се под истрага за поткуп и злоупотреба на службената положба. Михајло Јованов дополнително беше осомничен за кривично дело давање поткуп.
Второто истражување, „Пулс“ како гасна комора од чад и цијаниден гас – како навистина умреле жртвите во Кочани“, објавено на 23 декември 2025 година, откри пропусти во утврдувањето на причините за смртта на жртвите од страна на Јавното обвинителство и Судска медицина.
Обдукциските извештаи покажаа дека кај ниту една од жртвите кај кои како причина за смрт е наведено задушување со јаглерод моноксид не биле утврдени фатални нивоа на овој гас. Хемиското и градежното вештачење, кои се дел од доказите од официјалната истрага, како и сведоштва од лица присутни ноќта на пожарот, укажаа дека во клубот „Пулс“ гореле токсични и лесно запаливи материјали, меѓу кои и полиуретански сунѓер, кој при горење ослободува смртоносни гасови, како водороден цијанид.
Иако обвинителите и судските вештаци биле запознаени со овие наоди, во текот на истрагата не било испитано присуството на цијанид во крвта на починатите.




