Press "Enter" to skip to content

Како Заев на голема врата протнува груевистички рецепт за медиумски поткуп

Новинарските и медиумските организации се противат на идејата на премиерот Зоран Заев да им се дозволи на општините и на нивните јавни претпријатија да трошат пари во локалните и регионалните медиуми, а не ја споделуваат ниту неговата загриженост за решавање на проблемот на финансиската одржливост на медиумите со јавни пари.

Пишува: Насер Селмани

Новинарските и медиумските организации вчера силно се спротивставија на најавата на премиерот Зоран Заев за укинување на членот 102 од Законот за аудио и аудивизулен и медимски услуги, со кој ќе им се дозволи на општините и на јавните претпријатија да трошат пари за огласување во медиумите.

Во вчерашната заедничка реакција, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) велат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири години кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми.

„Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување“, стои во реакцијата на ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ.

Давање одврзани раце на општините за трошење јавни пари во локалните и регионалните медиуми, пред локалните избори наесен, премиерот Заев го најави во понеделникот претставувајќи го четвртиот сет на антикризни мерки.

„Верувам дека во скоро време ќе биде даден предлог од МИОА за укинување на членот 102 односно негова промена за да може да ги помогнеме медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија општини и слично во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните ослуки како што се седниците на управни одбори, на совети“, изјави Заев.

Новинарските и медиумските организации го потсетуват премиерот дека неговата изјава е во спротивност со владините политики, но и со изборни ветувања на СДСМ дека нема да има јавни пари во приватни медиуми.

Ако се укине членот 102 овие организации предупредуваат дека тоа нема да донесе никакво подобрување на состојбата во медиумите и слободата на информирање, туку напротив дополнително ќе го поремети и онака ранливиот медиумски пазар и ќе го засили клиентелизмот.

„Да се потсетиме дека парите на граѓаните завршуваа на приватни сметки, но не се трошеа за подобрување на квалитетот на програмата и содржини од јавен интерес, ниту за поголеми плати на медиумските работници“, се истакнува во реакцијата.

Законската забрана за огласување во медиумите преку членот 102 год Законот за АВМУ и досега не се почитуваше. Здружението на новинари на Македонија трета година по ред следи колку пари општините трошат во медиумите и од истражувањето се покажало дека во 2019 година 43 општини во земјата потрошиле околу 400 илјади евра во локални и регионални медиуми. Овој податок не е конечен затоа што речиси половина од општините кријат податоци за потрошени пари во медиумите. Оттука во ЗНМ се сомневаат дека износот на општински пари во медиуми е поголем.

Од добиените податоци, најмногу пари во медиуми во 2019 година има потрошено општина Битола, со нешто над 60 илјади евра, следи Гевгелија со околу 30 илјади евра, а Гостивар е на трето место со нешто помалку од 20 илјади. По околу десет илјади евра во медиуми лани вложиле Куманово, Карпош и Кисела Вода и други.

Парите за медиуми општините ги трошат претежно на претплата за весници, рекламирање, договор за учество на манифестации, маркетинг услуги. Интересно е што тие на локалните и регионалните медиуми им плаќаат и за објавување на огласи и соопштенија, како и за објавување честитки за државни и врски празници.

Речиси кај сите општини, најголемиот дел од средствата се наменети за најголемата локална телевизија, на која општината и плаќа за пренесување во живо на седниците на Советот. Освен со медиуми, општините потпишуваат договори и со поедини новинари, што е невообичаена практика во демократски земји.

Меѓу општините што во 2019 година не доставувале податоци за потрошени пари во медиуми се вбројуваат Град Скопје и скопските општини, Чаир, Шуто Оризари, Центар и Бутел, како и градовите Охрид, Ресен, Крушево, Дојран, Богданци како и други рурални општини од земјата.

Втора година по ред податоци за потрошени пари во медиуми кријат општините Сарај, Демир Капија, Ранковце, Илинден, Зелениково, Свети Николе, Чашка, Ново Село, Конче, Босилово, Липково, Арачиново и Боговиње.

Три месеци откако дојде на власт, новата влада на премиерот Зоран Заев во септември 2017 година, помпезно преку нивниот портпарол, Миле Бошњаковски, објави дека владата на  Груевски за осум години, од 2008 до 2015 година, има потрошено 38 милиони евра буџетски средства на политичка пропаганда во медиумите.

Претходно, во август 2017 година, владата дури донесе и формална одлука со која трајно ги укина владините реклами, меѓутоа веќе следната година, пред референдумот за името, владата со консензус со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го изменија Изборниот законик, со кои државата презеде обврска да го финансира медиумското претставување на политичките партии и на кандидатите за време на изборната кампања. Со тоа, јавните пари што претходната влада ги трошеше во медиуми директно за политичка пропаганда, сега можност да трошат пари за политичка пропаганда добиваат сите учесници на изборите. Според усвоените измени, за политичката пропаганда за време на избори државата најмногу може да одвои 3.6 милиони евра, што е две евра по глава на гласач.

По основ на политичко огласување во медиумите политичките партии за референдумот за името, претстедателските избори и предвремените парламентарни избори, потрошија околу осум милиони евра од буџетот на политичка пропаганда во сите медиуми.

Плаќање политичка пропаганда во медиумите со јавни пари како појава беше критикувана и од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички однос“, констатира Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во новата Национална стратегија за спречување на корупцијата.

Слична загриженост за трошење јавни пари во медиумите беше нотирана и во последниот извештај на Европската унија.

„Можноста политичките партии да користат државни средства за рекламирање во медиумите, предизвика загриженост кај медиумските здруженија за можно политичко влијание врз уредувачката политика“, се вели во Извештајот.

Освен осумте милиони евра јавни пари за политичка пропаганда на партиите во медиумите во име на антикризни мерки на владата само за два месеца влегле уште околу 200 илјади евра за субвенционирање на платите на новинарите и медиумските работници во висина од 14.500 илјади денари.

А, како антикризна мерка, и во обид да им помогне на радиодифузните медиуми, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги им го прости за две години надоместокот за работа на сите приватни телевизии и радија во земјава, во износ од над еден милион евра. Само јавниот сервис, Македонската радио-телевизија, доби помош од околу половина милион евра.

Освен најавата за давање можност општините да трошат пари во медиуми, Заев завчера зборуваше и за грижата на владата да изнајде модел за финансиска одржливост на медиумите, а со пакетите за државна помош на медиумите требало да се зголеми транспарентноста на државата и информираноста на граѓаните.

Слично оправдување за трошењето на 38 милиони евра на владини кампањи имаше и претходниот премиер Никола Груевски, кој тврдеше дека граѓаните имаат право да знаат какви проекти спроведува владата и кои се резултатите.

И новинарските организации се скептични на загриженоста на владата за финансиската одржливост на медиумите. ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ, во реакцијата јасно потенцираат дека јавни пари во медиумите може да се трошат само за промоција на јавниот интерес на граѓаните и за ништо друго. Според нив, секаков модел за државна помош на медиумите треба да произлезе од претходна јавна дебата водејќи се од начелото – „помош за професионалното новинарство“ и за подобрување на медиумската содржина.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »