Каде бил Митко Чавков од 18 до 20 часот на 27 април минатата година додека насилници тепаа пратеници во Собранието? Ова е клучното прашање за командната одговорност за насилните протести, односно од каде давал наредби тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност. Од приватни канцеларии во зградата на „Технометал Вардар“ или од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Во секој случај не бил во командниот штаб на МВР.
Сведоци на одбраната во судскиот процес тврдат дека Митко Чавков бил во приватни канцеларии во „Технометал Вардар“, зграда која се наоѓа на 20 метри од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, пак, изјави дека Чавков во најкритичните моменти бил на 8-от кат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Билјана Бришковска Бошковска, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Нинџа во судот рече дека наместо во МВР, командата била превземена од врвот на партијата.
Ова тврдење на Нинџа се обиде да го демантира обезбедувањето на Чавков, Никола Димитриевски, кој во судот сведочеше дека директорот на БЈБ во 18 часот го одвел во канцеларија во „Технометал Вардар“ и таму останал два часа. Според Димитриевски, тој бил надвор од канцеларијата, но го слушал Чавков како речиси два часа оттаму издавал команди на началниците. И возачот на Чавков потврди дека го довезол до „Технометал Вардар“ во 18 часот, каде останал до 20 часот.
Со кого разговарал Чавков, кој во тој период бил носител на „златна команда“ во МВР, во тие два часа е неразјаснето. Но, сигурно е дека не му кревал телефон на тогашниот министер Агим Нухиу.
“Помеѓу 18 и 19 часот му пратив неколку смс пораки на директорот на БЈБ и го прашав дали ситуацијата во Собранието може да ескалира. Тој ми рече дека се’ е под контрола. Кога ситуацијата ескалираше му пишав дека во Собранието нема доволно полиција. Но одговор не добив“. Ова Нухиу го посведочи во судот.
Екипата на ИРЛ денеска беше во катната гаража „Беко“ која се наоѓа веднаш до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Во десниот подземен дел и на горните катови се паркираат приватни возила и плаќаат пари на ЈП „Градски паркинг“. Но, автомобилите кои влегуваат по патеката и вртат лево во подземјето се возила кои користат службен или приватен паркинг. Таму има посебен дел за вработените од „Технометал Вардар“, кој се наоѓа под нивната управна зграда и со лифт се качуваат нагоре кон канцелариите.
Сопствени паркинг места имаат и членови на ВМРО-ДПМНЕ. Репортерот на ИРЛ додека правеше фотографии и снимки од подземниот паркинг се сретна со висок функционер од партијата, кој го паркираше своето возило. Потоа пристигна уште едно возило кое влезе во посебен паркинг простор ограден со метална врата која се крева и спушта.
Откако забележаа дека новинар се шета низ паркингот и прави фотографии, оттаму излезе лице кое ни рече: „Отстранете се од овде“.
Зградата на „Технометал Вардар“ се наоѓа веднаш до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Таму ги побаравме приватните канцеларии за кои сведоци во судот тврдат дека се на Чавков. На адреса во оваа зграда се води фирмата на ќерката на обвинетиот Чавков – Зорица Чавкова. На интернет страната на „Фидем консалтинг“ пишува дека адресата е „Ѓуро Стругар“ бр. 5. Во „Технометал Вардар“ ни рекоа дека фирмата е отселена пред повеќе од една година. Оваа фирма на Зорица Чавкова сега се води на друга адреса – „Кресна“ бр. 23 во скопската населба Лисиче. Но, нема никаков телефон за контакт.
Подземниот паркинг под плоштадот ВМРО беше едно од местата каде се трагаше по поранешниот премиер во бегство Никола Груевски. МВР кога судот распиша потерница по Груевски го бараше во возила што излегуваа од паркингот.
Засега останува непознаница од која зграда излегол Чавков на 27 април во 20 часот – од „Технометал Вардар“ или од ВМРО-ДПМНЕ. Тој во МВР се појавил во 20 часот и 7 минути.
„Го прашав зошто не ми одговори а тој со дрско однесување кон мене рече, па што ако ме праша? Што мислиш што се случува? Се случува народ”, рече Нухиу во судницата раскажувајќи што му одговорил Чавков кога конечно го видел во МВР.
Министерот Нухиу пред да дојде Чавков се обидел лично да издаде команда да се евакуираат пратениците од Собранието, но останатите членови на Штабот одбиле да го послушаат. Се’ до доаѓањето на Чавков кој издал наредба за спасување на претепаните пратеници.
Обезбедувањето на Чавков изјави дека тој потоа заминал во штабот на ВМРО-ДПМНЕ да се сретне со Никола Тодоров. Но, вечерта од ВМРО-ДПМНЕ ни изјавија дека Тодоров немал средба со Чавков, туку и тој бил дојден на седница на Извршен одбор на партијата кој се состанал вечерта после 23 часот.
Каде бил Митко Чавков од 18 до 20 часот и од каде и кому издавал наредби ќе се утврдува низ судска постапка.