Press "Enter" to skip to content

Изземена судијката-тетка на адвокатот на „Фероинвест“ во случајот за наплата на модуларните амбуланти

Судијката Благица Ѓошевска поради сватовската врска со адвокатот Ратко Ѓорѓиевски е изземена од судскиот процес каде фирмата „Енерџи меинтененс солушнс“ (ЕМС) во сопственост на Кочо Анѓушев го тужи Министерството за здравство и бара да му се исплатат пари за три изградени модуларни амбуланти, додека пак министерството бара договорот да се поништи поради незаконски потпишаниот анекс со кој се зголемила сумата на договорот. Овој судски процес сега, според АКМИС системот е прераспределен кај судијката Софија Спасовска Медарска. Судијката Спасовска Медарска конкурираше за член на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и чека нејзиниот мандат да го верификуваат пратениците во Собранието. 

Известува: Ивана Настеска; Илустрација: Лука Блажев

Државното правобранителство кое е застапник на Министерството за здравство во овој случај на почетокот на ноември поднесе барање до Основниот граѓански суд Скопје да се изземе судијката Благица Ѓошевска, бидејќи е тетка на сопругата на адвокатот Ратко Ѓорѓиевски, Мери Младеновска Ѓорѓиевска, која во други судски предмети, исто така, го застапува Кочо Анѓушев и неговите компании. Тогаш, Основниот граѓански суд Скопје со потпис на заменичката на претседателот на судот, Ирена Костадинова Ангелова, го отфрлил ова барање како ненавремено. Иако, поради истото барање на 3 ноември 2023 година се одложи рочиштето на кое требаше да се соопшти пресудата за овој случај. Во меѓувреме, Државното правобранителство поднесе уште едно барање за изземање на судијката Ѓошевска каде на 28 ноември 2023 година Основниот граѓански суд Скопје, со потпис на новоизбраниот претседател на судот, Бесник Авдија, го прифати и донесе одлука со која ја иззема судијката Ѓошевска. 

Од Основниот граѓански суд Скопје за ИРЛ велат дека предметот согласно системот за автоматска распределба на предмети – АКМИС е доделен на друг судија кој постапува во Одделот за трговски спорови, односно предметот е доделен на судијата Софија Спасовска Медарска.

„Судечкиот судија ќе цени кои дејствија ќе ги превзема по однос на понатамошниот тек на постапката по наведениот предмет, а се согласно со одредбите на Законот за парнична постапка (ЗПП)“, одговорија од Основниот граѓански суд Скопје.

Претходно, судот информираше дека за овој предмет расправата е преотворена и дека новото рочиште е закажано за 4 декември 2023 година.

Судијката Спасовска Медарска го помина првиот филтер за член во новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и во моментов чека да биде верификуван нејзиниот мандат кој треба да започне во февруари 2024 година.

Во конкретниот судски процес компанијата „ЕМС“, фирма-ќерка на „Фероинвест“, бара да ѝ се исплатат 1,2 милиони евра за изградени три модуларни амбуланти, додека пак, министерството бара да се поништи договорот, бидејќи по пожарот во модуларната болница во Тетово бил потпишан незаконски анекс за да се подобрат безбедносните стандарди на објектите, а со тоа се зголемила и сумата.

Овој предмет преку судскиот систем бил распределен кај судијката Благица Ѓошевска, која е во роднинска врска, односно тетка на Мери Младеновска – Ѓорѓиевска правен застапник на „Фероинвест“ во повеќе судски спорови и сопруга на Ратко Ѓорѓиевски, адвокат во конкретниот предмет каде „Фероинвест“ го тужи Министерството за здравство.

Законот за парнична постапка предвидува дека судија или судија – поротник не може да ја врши судската должност ако странката или законскиот застапник или полномошникот на странката му е роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен, или му е брачен другар, вонбрачен другар или роднина по сватовство до втори степен, без оглед дали бракот престанал или не.

За оваа роднинска врска до денот на пресудата не реагирала ниту судијката, ниту адвокатот, ниту пак државниот правобранител кој ги застапува интересите на државата, во случајов на Министерството за здравство.

Ратко Ѓорѓиевски освен што е правен застапник на „Фероинвест“, тој беше поставен и на позицијата управител во периодот кога Кочо Анѓушев беше вицепремиер за економски прашања во Владата на Зоран Заев.

ИРЛ на 31 октомври испрати прашања и до Државното правобранителство дали знаеле или дали утврдиле во текот на постапката дека судијката има роднинска врска со адвокатот. Оттаму ни одговорија дека Државното правобранителство не можело да знае за роднински врски, туку според Законот за парнична постапка тоа требало да го пријави самата судијка. 

„Веднаш по приемот на вашите прашања, надлежниот државен правобранител до Претседателот на Основниот граѓански суд во Скопје поднел барање за изземање на судијата по електронски пат, а на ден 3 ноември 2023 година барањето го доставил до приемното одделение во Основниот граѓански суд во Скопје“, рекоа од Државното правобранителство.

Роднинската врска меѓу судијката Ѓошевска и сопружниците адвокати за ИРЛ ја потврди и лично судијката, додека пак Ратко Ѓорѓиевски категорично негираше, а Мери Младеновска Ѓорѓиевска одби да коментира.

Проектот за изградба на модуларни болници почна во мандатот на министерот Венко Филипче, кога беа изградени 19 ковид болници низ цела Македонија. А, потоа со истата техничка документација и истите услови се распиша тендер за изградба на десет модуларни амбуланти во Скопје. Двата тендери ги добија фирми на господинот Кочо Анѓушев. Во двете постапки претседател на комисијата за јавни набавки беше Вања Андонова. 

Кога се случи пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 – ми септември 2021 година, во завршна фаза беа три амбуланти во Скопје. Документите кои ИРЛ ги објави во документарниот филм „Убиство во Тетово“ покажаа дека објектите не нудат минимални безбедносни стандарди од пожари и целиот проект по трагедијата е стопиран. Постои и допис од фирмата изведувач „ЕМС“ до Министерството за здравство испратен една недела по пожарот во кој самоиницијативно бара да се подобрат стандардите за заштита од пожари. Министерот Филипче одобрува дополнителен буџет и незаконски склучува Анекс на договорот со кој се зголемува цената и се пролонгира рокот за изградба на објектите. 

Наследникот на Филипче, Беким Сали, спроведува интерна истрага која треба да даде одговори дали тендерската постапка за замена на старите скопски амбуланти била спроведена законски и дали при изградбата биле запазени сите безбедносни стандарди. 

Изготвен е ревизорски извештај во кој се утврдени сериозни пропусти во проектот за амбулантите, а директна одговорност се лоцира во дејствијата на министерот Филипче, неговата советничка Вања Андонова и изведувачот „Енерџи Меинтененс Солушнс“. Министерот Сали не ги исплаќа фактурите, ниту го раскинува договорот. Овој проблем го наследува актуелниот министер Фатмир Меџити. 

Доколку не сте го гледале документарниот филм „Убиство во Тетово“, го споделуваме на линкот подолу

 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »