Press "Enter" to skip to content

Избори 2024: Слушај што ти зборувам, не гледај што правам

Не постои ниту една партија чија програма не содржи копирани проекти од старите програми. Ниту една од програмите не рефлектира одредена визија и се чини дека никој не нуди конкретна и темелна реформа во одреден сектор, а сите бараат доверба дека чесно и квалитетно ќе ги управуваат институциите на граѓаните.  

ИЗБОРИ 2024: Ова ли е тоа?

Пишува: Александар Јанев; Илустрација: Лука Блажев

Политичкиот натпревар е пред крај, но во арената наместо борба на идеи и идеолошко надмудрување, политичарите главно се занимаваа со оцрнување на своите противници со крајно нехумористични досетки, па дури и недолични и опасни закани. 

Од друга страна, партиските програми оддаваат несериозен впечаток – наликуваат на долги романи за идилични општества и се пренатрупани со илјадници проекти кои во голема мера би можеле да бидат спорни. Некои се неизводливи, други непотребни, трети нејасно како би се реализирале.  

Не постои ниту една партија чија програма не содржи копирани проекти од старите програми. Ниту една од програмите не рефлектира одреден визија и се чини дека никој не нуди конкретна и темелна реформа во одреден сектор, а сите бараат доверба дека чесно и квалитетно ќе ги управуваат институциите на граѓаните.  

Главниот впечаток е дека никој не се ни трудел околу овој документ.  Кога е во прашање реализацијата на проектите, таа е спорна од многу аспекти. Прво, голем дел од нив уште на прв поглед делуваат нереално оти партиите не кажуваат од каде воопшто ќе најдат пари за да ги реализираат, а освен тоа, досегашното искуство покажа дека е спорен и капацитетот на државата да направи длабоки реформи.

Наспроти партиските визии низ розови очила, острата диоптрија покажува поразителни факти кога се во прашање трите најголеми грижи на граѓанитe: борбата со корупцијата, животниот стандард и здравството. Земјава бележи нула напредок наместо нула корупција; животниот стандард на населението не го крепат ниту зголемените минимална и просечна плата оти и понатаму, дури 85% од граѓаните имаат пониски месечни примања од просекот, а здравствената заштита е во кадровска и организациона и длабока корупција.

Нула напредок наместо нула корупција

Според последните истражувања на јавното мислење, корупцијата во земјава станала толку распространета што веќе граѓаните ја перципираат како проблем број еден на државата дури и пред економските предизвици како високите цени, невработеноста и сиромаштијата.

„Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, ќе рече американската амбасадорка Анџела Агелер пред неколку месеци откако САД почна постојано да ја надополнува таканаречената „црна листа“ на функционери за кои според нив, постојат цврсти докази за вмешаност во сериозни коруптивни дела.

Особено загрижувачки е што нема никаква реакција од домашните истражни и правосудни органи односно „ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратила до своите колеги во САД да побараат споделување на доказите, со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата кои се на листата“, ќе истакне амбасадорот на САД, Анџела Агелер. 

Претходно сериозни критики за (не)владеење на правото упати и холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп. По сите овие години на значителна меѓународна поддршка и во пари и во обуки на кадри и споделување на добри практики и искуства, тој е целосно разочаран од застојот во земјава. 

„Има стратегија за сѐ, има по два акциски планови за сѐ, сечија свест е веќе трипати зголемена и сите се веќе обучени четирикратно, а, сепак, се е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот“.

Граѓаните реагираа загрижено на пораките од стратешките партнери и се чини дека овој начин на критика, заедно со американските црни листи, не се доживува како мешање во внатрешните работи на земјата од страна мнозинството кои очајно бараат поддршка да се справат со криминалот и корупцијата. За разлика од нив, малцинството во круговите на моќ и одлучување не се „потресе“ по овие критиките од меѓународната заедница.

Патот Кичево-Охрид го правеа две влади и сè уште не е готов и по повеќе од 10 години.  Тој е еден од најилустративните примери како некомпетентноста и корумпираноста на оние кои владеат може да го загрози економскиот и социјалниот напредок на општеството.

И покрај тоа што власта именуваше и специјален вицепремиер за политики за добро владеење, министерката задолжена за ова, Славица Грковска, во повеќе наврати повеќе зборуваше како експерт кој кажува што треба да се направи занемарувајќи го фактот дека е функционер којшто треба повеќе да прави одошто да збори.

„За да се постигнат посакуваните резултати во борбата со корупцијата, потребни се вредносни поместувања во целото општество и консензус меѓу сите политички чинители“, ќе истакне Грковска, на што ќе додаде дека „политичарите треба да бидат пример за однесување со интегритет и професионалност, а потоа таков систем на одговорност да се пренесе во сите сфери на општеството“.

Напротив, во име на меѓупартискиот мир и спокојот на десетина лукративни и моќни поединци од економските и политичките кругови, се донесоа измени на Кривичниот законик со кои голем број судски предмети за високи функционери застареа и де факто значеа амнестија на криминалот.

„Само што почнаа да се појавуваат некои мали знаци на напредок, судскиот систем беше значително „нарушен“ со недемократски направените измени на Кривичниот законик“, ќе наведе Транспаренси Интернешнл во последниот Извештај за перцепција на корупцијата, каде земјава забележа сосема незначителен напредок од два поена.

Но, нивото на корупција во земјава варира во рамките на „статистичка грешка“ веќе една деценија, од 43 поени во 2012 година до 42 поени лани, така што секој скор под 50, е исклучително лош резултат и важи за сериозно ниво на корупција.

„За жал, резултатите од борбата против корупцијата се многу ниски. Корупцијата во земјава е високо исплатлива токму поради неказнивоста. Според последните проценки, на секој трет граѓанин лани му било побарано мито за да добие некоја редовна јавна услуга, а од друга страна имаме само 120 правосилни пресуди за вакви дела. Особено загрижува неказнивоста на високата корупција“, вели Снежана Камиловска Трповска, еден од авторите на Извештајот за проценка на корупцијата во 2023 година на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Тренд на корупција по години, според Индекс на перцепција на корупција на Транспаренси Интернешнл

Европски животен стандард во некој друг живот

Економијата во земјава постојано е во некаква криза, дали е тоа предизвикана од висока инфлација која настана поради геополитичките тензии, или пак ковид пандемијата, но тоа сигурно е алиби на домашните политичари за слабите економски резултати. Оти, дури и во време на криза која несомнено ги погодува и другите земји во Европа и во регионот на Западен Балкан, Македонија остварува меѓу најслабите стапки на економски раст.

Впрочем, од 2008 година до денес, економијата ни растела само по 2,2% годишно, и со тоа македонскиот бруто домашен производ (БДП) по жител од 7.690 евра денес, е само петтина од европскиот просек.

А со ова темпо на економски раст, според пресметките на Светската банка, на земјава ќе и требаат најмалку 75 години за да го достигне европското ниво на економски животен стандард.

Тренд на БДП пo жител по години

Но партиите во предизборието, повторно лицитираат со високи бројки на раст на БДП.

СДСМ, во својата изборна програма напишана на 156 страници, во делот на економијата, истакнува дека од 2024 до 2028 година доколку остане на власт, ќе оствари просечен економски раст од 5,1%, желба што му остана неостварена и на претходниот премиер Зоран Заев којшто ветуваше лекции по економија.

Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ, во својата програма наречена Платформа #1198 според бројот на проектите што ги содржи, предвиделе дека економијата до 2028 година ќе порасне најмногу до 5% и тоа последната година од мандатот, и овие проекции се поблиску до оние на меѓународните финансиски институции.

За разлика од нив, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), не гледаат стапки на раст близу 5% во догледно време. Тукушто објавените пролетни прогнози на ММФ, покажуваат дека економијата на земјава следните пет години ќе порасне најмногу до 3,8%.

Во своите изборни програми, партиите очигледно се натпреварувале и која ќе им даде повеќе пари на граѓаните, од зголемување на минималната и просечната плата, пораст на пензиите, на социјалната помош и субвенциите. Колку овие апетити ги дозволува фискалниот простор којшто веќе е сосема стеснет поради мегаломанските социјални пакети помош за време на пандемијата, е исто така дискутабилно.

Милијарди евра субвенции, а зависни за леб и млеко

За поразителните државни политики кои се водат во континуитет најмалку 20 години, сведочи и феноменот што оваа земја којашто се нарекува земјоделска, и покрај милијарди евра дадени за субвенции, денес е повеќе увозно зависна од земјоделски производи и храна од кога било претходно. Само лани, сме увезле прехранбени и земјоделски производи во вредност од 1,1 милијарди евра, и тоа е повеќе од двојно над увозот по иста основа во 2010 година, кога изнесувал нешто помалку од половина милијарда евра.

Секојдневно пред македонско-српската граница може да се забележат километарски долги колони од транспортни возила со храна. Драматично високите земјоделски и сточарски субвенции не испорачуваат резултати дотаму што Македонија стана зависна од Србија за основни намирници – жито и млеко. Фото: ИРЛ, 21 Април 2024-та година.

И двете програми изобилуваат со километри нови патишта, железнички пруги, проекти за обновливи извори на енергија, инвестиции во здравството и образованието, но во реалноста досега, земјата потфрли и во изградбата на сопствената јавна инфраструктура.

Само во здравството, на пример, податоците од завршните сметки на буџетот од 2010 година до лани, покажуваат дека инвестициите во опрема, изградба на здравствени капацитети и купување на медицински возила, никогаш не се реализирале целосно. Сумите на годишно ниво варираат од 5,8 милиони евра до највисоки 37,6 милиони евра во 2012 година, кога всушност се направи голема набавка на медицински апарати, од кои голем дел останаа нераспакувани. Вкупно за овој период, државата во здравството преку овие три конкретни буџетски ставки, инвестирала 228 милиони евра, што е на пример само третина од еден годишен буџет за плати на јавната администрација.

Тренд на инвестиции во здравство, по години

СМС здравство

„Донирајте за Дамјан, да му го вратиме звукот во неговиот свет, донирајте за првиот збор на Сара, за да може Томче да се исправи на нозе….“, се само дел од пораките што се споделуваат на социјалните мрежи за кои граѓаните се солидаризираат да помогнат.

Во последните години станува сè почеста практика преку СМС пораки или телефонски јавувања да се собираат пари за лекување, оти државата некаде затајува.

Нов Клинички центар во Скопје, повисоки плати и стоп за одлив на белите мантили, ветуваат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои владеат со земјата речиси наизменично од независноста.

Опонентите на ДУИ, од албанскиот опозициски блок, групирани во коалицијата „Vlеn“ на албански, односно „Вреди“ на македонски најавуваат дека сите граѓани, вработени или не, еднаш годишно ќе имаат бесплатна здравствена проверка.

Со субвенции, бесплатно школување и повисоки плати, партиите планираат да ги задржат здравствените работници во земјата. ДУИ пак со закон ќе ги штити од изреволтирани пациенти и граѓани.

Во земјата каде што граѓаните што плаќаат придонеси за здравствено осигурување и за возврат очекуваат пристојна здравствена заштита, дури и во овој сектор, сè уште вработува партијата. Видеоснимка од февруари годинава, покажа дека за вработување во болницата во Гостивар, директорот се слуша како вели дека „не одлучува тој, туку партијата, за тоа кој ќе биде вработен“.

Во оваа земја што се соочува со постојан одлив на лекари, тие што лекуваат други луѓе немаат здравствено осигурување, па мора да го плаќаат од свој џеб во кој не се слеваат многу пари. Специјализантите што неодамна излегоа на протести, се вработени со договор на дело и имаат плата малку повисока од минималната, околу 26 илјади денари. Симболично, на протестот на 22 април пред Министерството за здравство, тие донесоа и куфери, за како што рекоа, лет во еден правец, надвор од државата.

За тоа колку лекари и сестри си заминале од земјата нема точна бројка, но според лекарските комори и здруженија, годишно си одат меѓу 100 и 200 здравствени работници.

Но, колку граѓани, без оглед на нивната професија или социјален статус, потклекнале на предизвиците и се предале, изброи и Државниот завод за статистика на последниот Попис на населението, но и Евростат којшто постојано води евиденции на миграциите.

Додека земјава е заглавена на евроинтеграцискиот пат речиси 20 години откако доби кандидатски статус за членка на ЕУ, многу граѓани го изгубиле трпението, па некои дури и по цена на националното чувство, веќе станале дел од Европа пред тоа да го стори државата.

Вкупно 460 илјади Македонци денес се граѓани на некоја европска држава со документи, трагајќи по европските вредности надвор, на секое поле, особено на економски план.

Од нив, речиси 180 илјади наши граѓани денес се европјани со државјанство, додека пак дури 280 илјади Македонци живеат во некоја европска држава со дозвола за престој. 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.