Press "Enter" to skip to content

Избори 2024: Како системот спречува фер натпревар

Во теорија повеќе партии би значеле и поголем избор, но наместо различни политички идеи, впечатокот на граѓаните за етаблираните партии е дека тие работат за да и овозможат на мала група на луѓе да се збогатат што е можно повеќе и да останат на власт што е можно подолго. Одлуките кои ги носеле политичките елити во минатите 20 години покажуваат дека тие смислено и сложно креирале закони кои ќе ја елиминираат шансата за нови опции и нивни конкуренти.

ИЗБОРИ 2024: Ова ли е тоа?

Пишува: Александра Денковска Гоцевска; Графика: Лука Блажев

Во јавниот дискурс неизбежен е впечатокот дека веќе долго време голем број граѓани не гласаат за подобрата опција, туку за помалото зло. Истите политички опции наизменично ја водат државата, а во пракса покажуваат дека веќе не се ни грижат за тоа дали се одговорни пред своите граѓани. Оттука, легитимен е впечатокот на граѓаните дека секој се бори за власт поради личната, а не заедничката корист.

Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за овие парламентарни избори ја сочинуваат и 20 помали партии, додека пак „Коалиција за Европска иднина“ предводена од СДСМ вклучува и 12 помали политички партии. Поради начинот на кој е напишано изборното законодавство,тешко е помали политички партии сами да настапат на избори. А, пак, шансата за појава на нова политичка сила која би ги повела граѓаните кон реформи станува речиси невозможна. Законодавството изградено од актуелните политички опции е една од посилните пречки за остварување на желбата за вистинска промена на граѓаните кои веќе масовно се уморни од оние од оние кои наизменично водат.

За ова, се погрижија големите партии во текот на изминатите години кога на лидерски средби сложно ја договараа, а потоа и ја менуваа изборната регулатива. Иако со години наназад се зборува за воведување на една наместо досегашните шест изборни единици со што и малите партии ќе добијат можност да освојат повеќе пратеници во Собранието, досега тоа е останато само на декларативни изјави и заложби од страна на големите играчи како ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Владејачката ДУИ дури и јавно е против воведување на овој модел затоа што смета дека на тој начин помалку ќе бидат застапени гласачите Албанци. Граѓаните пак имаат поразличен став од политичките партии. На анкета која во 2023 година ја спровеле Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Центар за управување со промени (ЦУП) дури 79% од испитаниците одговориле дека пратениците се целосно или делумно зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Малку повеќе од половина од испитаниците (52%) се согласуваат дека промената на изборниот модел може да придонесе кон намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери.

Предизборна „реформа“ на изборното законодавство

2024 година е изборна година. Предвидено е да се одржат претседателски и парламентарни избори. За да се подобри изборната регулатива и да се намали можноста за корупција за изборите во мај минатата година, министерството за правда формираше работна група. Оваа група составена од невладини организации, политички партии и експерти имаа задача да направат измени на Изборниот законик и во него да ги вметнат препораките и забелешките кои ОБСЕ/ОДИХР ги имаа во претходните изборни циклуси.

Помалите партии од кои дел од владејачката коалиција, а дел во опозицијата на заедничка прес-конференција во Собранието побараа со измените да се воведе и една изборна единица. Но, министерот за правда Кренар Лога рече дека тоа не е приоритет во моментот и прашањето за една изборна единица беше затворено.

Невоведувањето на една изборна единица не е единственото нешто со кое големите партии само си ја потврдуваат својата позиција пред помалите или новоформираните политички партии. Во текот на годините донесени се клучни законски измени или пак напишани се закони кои им одговараат само на неколкумина одбрани кои имаат привилегија да ги договараат и гласаат овие решенија. Со секоја од овие измени си предвидоа повеќе пари и простор за промоција за веќе етаблираните политички елити, а се доуништија и онака малите шанси за влез во Собранието на помали, независни или нови политички партии. Клучни законски измени со кои се отежнуваат условите на малите политички партии и се создаваат повеќе можности за корупција се направени во 2015, 2018 и 2024 година.

2015 година – Пари за четири партиско аналитички центри

Во 2015 година, пратениците едногласно го изгласаа законот за Партиско аналитички центри со кој требаше да се изгради структурирана и квалификувана дебата за политички процеси. Партиските аналитички центри треба да спроведуваат аналитика, истражувања, обуки, трибини, семинари и работилници за потребите на политичките партии. Според законот, секоја година министерството за правда исплаќа вкупно 320.000 евра на четирите политички партии со најмногу пратеници во Собранието. Парите се исплаќаат на посебни сметки на партиско аналитичките центри и не смеат да се трошат за ниту една друга намена, но партиите немаат обврска да даваат отчет кога и како ги потрошиле парите. Минатата година, државни пари добија центрите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. По 10.000 евра за обука добива секоја од четирите партии, додека остатокот од 280.000 евра се дели по друг принцип. Околу 60 проценти од парите се делат еднакво на сите четири партии, додека останатите 40 проценти се делат нерамномерно според тоа која партија освоила најмногу пратеници.

Партиите овие средства би требало да ги трошат за унапредување на нивните капацитети и за експертски анализи и обуки на кадарот. Но, работата на овие центри останува мистериозна и никој точно не знае како функционираат. Според законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, партиите не се обврзани да даваат отчет за тоа како се трошат овие средства и покрај тоа што станува збор за буџетски пари.

2018 година – Измена на Законот за финансирање на политичките партии

Со измената на Законот за финансирање на политичките партии за кои во 2018 година гласаа 101 пратеник, партиите си предвидоа наместо дотогашните 1.8 милиони евра од државниот буџет да добиваат 4.5 милиони евра. И овие пари кои доаѓаат од граѓаните не се распоредуваат сразмерно на сите партии. Помалиот дел или 30% од овие пари одат за партиите кои добиле најмалку 1% од вкупниот број на гласови, а останатите 70% се распределуваат на партиите според освоените мандати во Собранието. Новите партии или независни пратенички листи кои не учествувале на претходните избори не добиваат ништо од овие пари.

Со овој закон се дозволи политичките партии да поседуваат земјиште и недвижен имот, а се ограничи бројот на донации кои партиите смеат да го примаат од граѓани и фирми.

2018 година – Платено политичко рекламирање од државен буџет

Клучни забелешки кои ОБСЕ/ОДИХР ги даваа во претходните изборни циклуси, а требаше да се решат со овогодишните измени на Изборниот законик се оние за финансирање на политичките партии, платеното политичко рекламирање, како и регулирањето на интернет порталите доколку сакаат да добијат реклами за избори. До 2016 година, партиите сами си го плаќаа рекламирањето за избори во медиумите, но летото 2018 година, на лидерска средба која се одржа во Клубот на пратеници, а на која присуствуваа Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами договорија измени на Изборниот законик со кои државата ќе плаќа за рекламирањето на партиите за време на избори. За овие измени на Изборниот законик гласаа 101 пратеник. Според измените во законот, за секоја партија може да се одвојат најмногу две евра по запишан гласач. Но овие пари не се распределуваат рамномерно на сите учесници во изборната кампања, што е уште една поволност која поголемите партии ја имаат пред малите партии или пак независните учесници во изборната кампања.

Измените на Изборниот законик направени во јули 2018 година кои ги договорија Зоран Заев, Христијан Мицкоски,Али Ахмети и Биљал Касами на лидерска средба во Клубот на пратеници

Според овие измени на Изборниот законик партиите можат да искористат максимум девет минути и 30 секунди за „платено претставување“ во рамките на 60 минути програма. Но и оваа распределба е на штета на малите или на партиите кои се незастапени во Собранието.

Со измените на Изборниот законик направени во јули 2018 година независните или партиите кои не учествувале на претходните избори речиси и да немаат право на застапување

2024 година – Три пати повеќе потписи за независните

Со последните измени на Изборниот законик кој беше усвоен од Собранието во март оваа година и со кои им се дозволи на граѓаните да гласаат без документи на кои пишува Северна Македонија се протна уште една измена. Оваа измена не била договорена со работната група од невладини и експерти. Ова е нешто што политичките партии на своја рака го направиле. Слично како со носењето на Кривичниот законик со кој досега од прогон се спасија десетици функционери. Со новите измени на Изборниот законик големите политички играчи предвидоа дека доколку некој нов сака да влезе во политиката ќе мора да се потруди многу повеќе од досега. Наместо досегашните 1000 потписи кои беа потребни за да се поднесе независна пратеничка листа, сега независните мора да соберат потписи од 1 отсто од вкупниот број на запишани гласачи.

Овие измени во Собранието ги предложија координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците, а за нив без никаква дискусија гласаа 84 пратеника, двајца беа воздржани

Според измените на Изборниот законик донесени во март 2024 година, независните ќе треба да собираат тродупло повеќе потписи од порано.

Со измените на Изборниот законик требаше да се донесат и препораките на ОБСЕ/ОДИХР од претходните избори. Тие вклучуваа и регулација на порталите кои добиваат реклами за избори. Оваа препорака не беше вметната во новата регулатива, а еснафските здруженија еден месец пред одржувањето на изборите предупредија дека законските решенија повторно се на штета на граѓаните и професионалните медиуми

Според сегашните критериуми за да може еден интернет портал да влезе во регистарот на ДИК и добие пари од државата потребно е само да приложи тековна состојба која нема да биде постара од 30 дена. Максималната сума која може еден интернет портал да ја добие од еден учесник на изборите е 15.000 евра.

За претседателските и парламентарните избори кои се одржуваат оваа година предвидени се вкупно 17 милиони, а од овие пари дури 10.6 милиони евра се наменети за платеното политичко рекламирање.

Поголемиот дел или 75% се наменети за телевизиите и радијата, додека 25% за весниците и интернет порталите.

Во регистарот на ДИК моментално се впишани 249 интернет портали. Некои од овие портали воопшто немаат регистрирано македонски домејн, некои немаат ни функционален сајт на кој можат да се прочитаат текстови, ниту пак податоци за сопствеништво и импресум, а дел се во сопственост на иста фирма, што значи дека еден сопственик може да инкасира многу повеќе од законски дозволениот лимит за еден портал. На овие претседателски и парламентарни избори досега има пријавено 249 интернет портали.

Забелешки за медиумското рекламирање за време на изборите имаше и Државниот завод за ревизија. Со овие забелешки кои беа објавени во извештајот од 2023 година, ревизорите побараа доуредување на изборниот законик и дефинирање на институција за следење и известување за изборното медиумско претставување на интернет порталите.

Исто така во извештајот посочено е и дека треба да се прецизираат условите и критериумите кои треба да ги исполнат порталите за да имаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во ДИК.

Партиите треба да работат на транспарентноста

Според извештајот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) објавен во 2023 година, дел од политичките партии во Македонија ја зголемиле активната транспарентност, но ниту една партија сè уште нема постигнато одлична активна транспарентност.

Во делот кој се однесува на препораките е наведено дека политичките партии треба да ја зголемат транспарентноста во однос на сопственото лидерство и партиските структури со објавување на информации за структурата, надлежностите, членовите и нивните биографии и контакти.

„Политичките партии треба да го зголемат обемот на информации кои се однесуваат на нивното програмско работење преку редовно објавување на партиските и изборните програми и програмските определби. Политичките партии, особено, треба да ја унапредат транспарентноста со објавување на сите финансиски документи за своето работење (финансиски извештаи, завршни сметки, извештаи и регистри за донации) групирани и по години и изборни циклуси, ревизорски извештаи, извештаи за спроведување на Законот за пристап до информации од јавен карактер“, наведено е во извештајот.

Активната транспарентност ИРИ ја мери со набљудување на веб страниците на партиите од парламентарниот состав 2020 – 2024 година во периодот од 1 до 31 октомври 2023 година. Прашањата биле структурирани во 4 категории: Основни информации за партијата, пристап до информации од јавен карактер, финансиска транспарентност и комуникација или отвореност кон членството.

Според измените Законот за слободен пристап до информации информациите на политичките партии се иматели на информации од јавен карактер, но само во делот на приходите и расходите. Но бидејќи сите пари и од донации и од државата и од членарина им легнуваат на исти сметки партиите најчесто се правдаат дека не знаат како точно се потрошени парите од државата.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.