Press "Enter" to skip to content

Интервју со Чадиковски и Наумов, кандидати за претседател на ЗНМ

Младен Чадиковски и Столе Наумов, едниот главен и одговорен уредник на „Телевизија 24“, вториот e новинар во радиото „Канал 77“ се двајцата кандидати кои утре ќе се борат да ја добијат довербата на новинарите за наредните четири години да го водат Здружението на новинари на Македонија. 30 тите избори на ЗНМ ќе се одржат во салата „Борис Трајковски“. Освен претседател, новинарите од своите редови утре ќе избираат и членови на Управен и Надзорен одбор, како и членови на Совет на честа.

Наместо да одиме кон подобро изминатиов период сите бевме сведоци на уништувањето на редакциите. Затворањето на дневните весници на МПМ допринесе за влошување на и онака лоша медиумска атмосфера и поделеноста меѓу новинарите. Реформите во јавниот сервис се уште чекаат, носењето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е на стенд бај. Пропагандата и лажните вести земаат се поголем замав и ја девалвираат и онака малата доверба која новинарите ја имаат кај граѓаните.

Какви се решенијата кои Чадиковски и Наумов ги нудат за овие проблеми и што ќе биде нивниот приоритет ако бидат избрани да го водат еснафското здружение.

Што ќе биде ваш приоритет во првите шест месеци од мандатот?

Чадиковски: Ќе ги вратиме на маса медиумските реформи. Ветените промени не беа остварени и тоа е една од првите работи со кои мора да се започне. Не се доволни објаснувањата дека опозицијата или кој било друг ги блокирал законите, тоа е само алиби. Ќе извршиме сериозен притисок за рекомпонирање на медиумската сцена во насока на професионализација на медиумите.

-Ќе направиме нов стратешки план за работа на ЗНМ, кој ќе резултира со сеопфатна стратегија за тоа каде ќе се движи медиумскиот сектор и новинарството во следните 4 години. Сите членови на ЗНМ ќе бидат вклучени во создавањето на оваа стратегија.

-Ќе осигуриме механизми да се спречи неказнивоста кога се нападнати новинари.

-Во првите три месеци ќе формираме неколку различни секции.

Една за младите новинари, каде ќе може преку вмрежување да споделуваат сопствени искуства, да имаат пристап до повеќе информации и да научат повеќе алатки кои ќе им помогнат во анализите и истражувањата.

Ќе има секција за истражувачко новинарство, потоа за дописниците и за спортските новинари.

Наумов: Вообичаено увид и преглед на целосното работење посебно од финансиски аспект. Не знам зошто толку се инсистира на континуитет и некакво си династичко однесување…И по Тито Тито…

Приоритетите се нацртани на општествената мапа, одамна. Инсистирање на коренити медиумски реформи. НОБ новинарски обучен центар, солидарен фонд, иницирање на формирање фонд за финансирање на истражувачко новинарство, информативна, документарна продукција…

Какви чекори ќе преземете за да го откочите носењето на Законот за Аудио и аудиовизуелни медиумскиуслуги?

Чадиковски: Нема веќе време за чекање. Овој закон требаше да биде донесен уште летото. Ќе побараме итни средби со надлежните министерства и со претставниците од Парламентот, во надеж дека работата ќе се откочи веќе следната недела, а најдоцна до крајот на годината. Ако треба ќе побараме и вклучување на меѓународниот фактор.

Наумов: Овој закон е веќе демоде и дежа ву. Толку доцни што и не мора да се носи. Треба сеопфатна стратегија, редефинирање и ново позиционирање на медиумската сфера. Почнувајќи од имплементација на новата аудиовизуелна директива до коренити промени на концептот на медиумска сопственост и медиумска концентрација, регистрација на интернетот кој на глобално ниво веќе почна да се само регулира и регулира преку платформите…Ако во наредните месеци не се донесе законот за АВМУ нека го вратат и нека се вклучат во него и втората и третата реформа кои досега требаше барем да започнат, а уште првата фаза е заглавена во собранието…

Дали сметате дека пропагандистите треба да се одвојат од новинарите и зошто?

Чадиковски: Баба ми велеше, будалите немаат рогови за да се познаваат. Така е и во новинарската фела. Секогаш имало залутани во професијата, проблемот е што се сега повеќе на број. Мораме да поработиме на професионализација на се она што вреди во новинарскиот сектор, за пропагандистите да бидат исфрлени, како диво месо. Читателите и гледачите се доволно паметни за да ги препознаат, а ние ќе им помогнеме преку разни форми за промоција на медиумската писменост да препознаат што е лажна, а што веродостојна информација.

Наумов: Секако, а во соработка со Советот за етика во медиумите и Советот на честа ќе се прави  критериумизирање на членството и по овој основ. За новинари кои не го почитуваат кодексот и професионалните стандарди нема место во здружението. Устите на владата, опозицијата или на нечии моќници јасно треба да се знае дека се партиски органи или корпоративни гласила.

Како ќе ги адресирате проблемите со пропагандата кои го рушат интегритетот на новинарите и новинарската професија?

Чадиковски: Сме подзаборавиле на етичкиот кодекс на ЗНМ. Ќе се залагаме за почитување на правилата од кодексот, не само во мејнстрим медиумите, туку многу повеќе ќе поработиме на тоа и во Онлајн медиумите. Ако сме свесни дека голем дел од пропагандата се шири преку ботови и онлајн платформи јасно е дека мора да воспоставиме механизми за регулација во оваа сфера.

Наумов: Одвоеност на сопственоста, управувањето од уредувачката политика, внатрешни кодекси и статути во редакциите, јакнење на саморегулаторните и регулаторните тела, соработка со маркетинг секторот и огласувачите, иницирање на кодекси и правила на однесување кај огласувачите на пазарот на реклами. Медиумска писменост и гласно јавно зборување и посочување на пропагандистите…

Во оваа страшно динамична дигитална ера немаме друга алтернатива. Или ќе се прочистиме и исчистиме самите себе или ќе не снема. Сите да си отвориме профили и порталчиња и во пижами од дома ќе фалиме и плукаме, зависи кој како ќе ни фрли некоја пара…

Како планирате да ја подобрите состојбата на дописниците и дописничката мрежа/конкретни примери за чекори кои ќе ги преземете?

Чадиковски: Ова е нешто за што ќе се зафатиме од самиот почеток. Ќе ги стимулираме медиумите кои зрачат или се продаваат на национално ниво, без разлика дали се телевизии или весници да формираат што повеќе дописнички мрежи, особено МРТВ и Македонското Радио.

Ќе ги поттикнеме и самите дописници, а ќе им помогнеме во барањето средства од достапни фондови од меѓународни фондации за најразлични аспекти од новинарската работа во средините од внатрешноста. Истражувачи стории, анализи, па и дебати–ова ќе ја децентрализира информацијата од Скопје кон градовите во внатрешноста што е насушно потребно за да не мислат локалните моќници дека се недопирливи.

Наумов: Дописниците не заслужуваат такво гетоизирање, и посебен термин на нарекување. Они се новинари како и сите други дури и потешко е да бидеш новинар на локално ниво каде што секој за кого пишуваш го среќаваш непосредно на улица…

Мотивирање на големите медиуми за продуцирање на локални информации и поврзување, вмрежување соработка со локални и регионални медиуми….Фондови и проекти  за збогатување на локалното информирање, транспарентност и контрола на локалните власти за поддршка на локални медиуми. Мрежи на локални и регионални медиуми. Локални новинарски центри и регионални канцеларии. Обуки за локални и регионални новинари за самоодржливост  поврзување и помош од европски фондови и организации за развој на локалната самоуправа и децентрализација…Кај јавниот сервис  МРТВ враќање на скопските и општинските хроники…на регионалните и локалните центри со мултимедијален пристап и посебни информативни локални и регионални прозорци …

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »