Press "Enter" to skip to content

Груевски со реакција по истражувањето на ИРЛ за финансиските зони: Не планиравме перална за пари

Поранешниот премиер на Северна Македонија којшто во моментов престојува во Будимпешта по добиениот азил од унгарските власти, се јави со статус со реакција на социјалната мрежа Фејсбук по повод приказната на ИРЛ за тоа како тој и неговите блиски соработници го ковале планот за финансиска зона во Македонија.

Тајниот план на Груевски за македонски офшор се правел со лондонска фирма која перела пари за Иран

Протечените емаил пораки од лондонската фирма Formation House покажуваат како Груевски планирал офшор зона во Македонија по примерот на Гамбија. Требало да се вика Трејд Парк Македонија. Лажни банки и тајна регистрација на фирми се дел од сценариото дизајнирано од лондонскиот консалтинг чијшто основач беше обвинет дека перел пари за ирански нафтени компании кои биле под санкции на САД и ЕУ, за шведскиот организиран криминал и низа светски измамници. Идејата се рекламирала како одлична за парите на светските криминалци кои сакале да останат надвор од радарот на ЕУ и САД. Ова е сумарумот од истражувањето на ИРЛ и Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција кое е дел од глобалната колаборација меѓу новинари од целиот свет во проектот наречен #29leaks.

“Идејата и визијата беше да се привлечат мултинационалните финасиски компании своите главни седишта да ги префрлат во Македонија и од тоа Македонија да има повеќестрана корист. Идејата беше со цел да добие кредибилитет и доверба, како и атрактивност, во зоната да важат финасиските и регулаторни закони на Англија, имаше и идеи да важат законите на Луксембург или комбинација од двете, иако повеќе преовладуваше Англија. Додадената атрактивност ќе беше што ќе понудевме прилично пониски даноци и севкупни трошоци од Англија, земја чии главен град е еден од најголемите финансиски центри во светот”, напиша Груевски на Фејсбук.

Тој додава и дека работеле и со консултанти од Швајцарија и Германија, но не можел да се сети кои. ИРЛ и Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција го контактираа Груевски пред објавувањето на оваа приказна, но тој не одговори на нашите прашања.

Не можам да знам дали некој од нив имал нечесни намери и планови, но знам дека ние имавме чесни намери. Ако некој од нив навистина имал такви планови како што е наведено во текстот, сигурно ќе бил многу разочаран доколку се реализираше меѓународната финансиска зона во Скопје, каков што работен наслов имаше, вели Груевски за којшто деновиве српските медиуми шпекулираа дека бил уапсен во Унгарија.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »