Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески денеска се приведени по налог на Обвинителството за организиран криминал и се изведени пред судија на претходна постапка за насилните протести на 27 април 2017 година во Собранието. Од извори од обвинителството ИРЛ дознава дека се трага по поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во егзил во Унгарија и по поранешниот разузнавач Никола Бошковски кој бара азил во Грција.
Никола Груевски за време на судскиот процес беше посочен како организатор на протестите. Тоа во завршните зборови го кажа и обвинителката Вилма Рускоска, повикувајќи се на изјава на заштитен сведок.
Груевски на 27 април беше надвор од земјава, на службено патување во Виена. Но, во текот на судењето беше споделена СМС порака која Груевски му ја испратил на тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков.
„Добро утро директоре. Да ве известам, во моментов добив инфо од лојален колега Албанец дека денес околу 13 часот се планира нешто од другата страна, дали инцидент, дали со сила изгласување на претседател. Во моментов немам повеќе информации“, пишува во пораката од Груевски до Чавков.
Во текот на судењето беа презентирани и други смс и пораки од Вајбер во кои Трајко Вељаноски како тогашен претседател на Собранието, дава насоки како да се одвиваат и организираат протестите за Заедничка Македонија. Во една порака, Вељаноски вели дека ако треба со жив ѕид ќе бранат, но претседател на Собранието нема да се изгласа.
Во други пораки кои беа презентирани во текот на судењето, извесен Деки му пишува на Вељаноски дека МВР имало куршуми само за четири часа.
Никола Бошковски беше споменат од сведокот Стефан Младеновски како човекот кој во близина на Собранието чекал со паркирано возило во кое имало автоматско оружје.
Александар Василевски – Нинџа, кој исто така е обвинет во случајот во своето сведочење го спомена и името на Спиро Ристовски.
Обвинетиот Нинџа сведочеше дека инструкциите се давале од палатата „Христо Татарчев“, односно на осмиот кат партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, а таму „штабот за наредби“ бил составен од Билјана Бришковска, заменик-министер за правда, Спиро Ристовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Митко Чавков.