Press "Enter" to skip to content

„Готвачот на Путин“ ќе подготвува храна за пациентите заболени од коронавирус во Москва

Автор: OCCRP; адаптираше за ИРЛ: Ива Јовановска

Без вообичаениот процес на наддавање, руските власти доделија договор вреден 190.000 илјади американски долари на Евгениј Пригожин, сопственик на ресторани и кетеринг служби за храна, близу Кремљ, за да обезбеди храна на пациентите во болниците заболени од Ковид-19, објави „Москва Тајмс“.

Според веб-страницата за набавки на руската влада, угостителската компанија „АВК“ на Пригожин требало да започне со снабдување на градската болница „Комунарка“, која служи како каранти за заразени со корона вирусот и сомнителни пациенти, од 5-ти март и да продолжи да ги доставува оброците до 5-ти јуни.

Според весникот Опен Медиа, „АВК“ го добила договорот без процес на аукција.

Угостителската компанија е избрана благодарение на правилата за итни случаи, применети во момент на „несреќа или други природни или човечки вонредни состојби“, кога „други методи за избор кои одземаат време се непрактични“, објаснуваат од руската влада.

Пригожин е познат и како „готвачот на Путин“, бидејќи тој честопати бил одговорен за организирање на вечерите на претседателот Владимир Путин со странски гости.

Познат е и по тоа што стои зад озлогласената „Агенција за истражување на Интернет“ со седиште во Санкт Петерсбург и зад други про-Путински медиумски операции. Еден од неговите оперативци излезе јавно пред новинарите, споделувајќи дел од наводните валкани работи што тој и неговиот тим ги имаат направено за олигархот – вклучително и убиство.

Соединетите Американски Држави го санкционираа и обвинија Пригожин на почетокот на 2018 година, за неговата финансиска поддршка на интернет тролови во Санкт Петерсбург кои се обвинети за мешање во претседателските избори во 2016 година, а потоа пак го санкционираа во септември 2019 година за обид да влијае на среднорочните избори во САД во 2018 година.

Руските медиуми во објавата на текстот за „богатиот готвач“ потсетуваат на пресуда од московскиот суд, кој пресуди компанијата на Пригожин и уште една друга угостителска компанија кои ги снабдуваат со храна училиштата во главниот град, финансиски да им надоместат на семејствата на учениците кои добиле труење од храната по конзумирање на оброците.

 

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »