Press "Enter" to skip to content

Финансиска полицијa: Ќе оформиме предмет за швајцарските сметки на Јорданов, Механџиски и Клинг

Управата за финансиска полиција ги анализира податоците кои Истражувачката репортерска лабараторија ги обелодени, во меѓународниот проект „Швајцарски тајни“, каде македонски транзициски бизнисмени чувале пари во „Кредит Свис“. По објавата која беше меѓународна и опфати илјадници банкарски сметки на политичари, бизнисмени, воени профитери, македонските финансиски институции ќе проверуват дали Минчо Јорданов, Благој Механџиски и шведскиот бизнисмен Ларс Клинг, парите од швајцарските сметки потоа ги вратиле во земјва во форма на инвестиции преку фирмите кои ги поседуваат во Македонија. 

Неколку дена откако ИРЛ го објави документарниот филм „Швајцарски тајни“, Управата за финансиска полиција во одговор на прашањата поставени од ИРЛ, вели дека ќе отвори предмет за сметките на Благој Механџиски, Минчо Јорданов и Ларс Клинг во швајцарската банка „Кредит Свис“. 

„Од страна на Управата за финансиска полиција активно се анализираат сите информации пласирани во јавноста, а со цел да се утврди дали во истите постојат индиции за можно сторени кривични дела во надлежност на Управата. Во оние случаи каде што од наша страна ќе биде оценето дека постојат индиции за можно сторени кривични дела, Управата за финансиска полиција започнува со преземање на соодветни активности соглсно одредбите од Законот за кривична постапка и во соработка со надлежното јавно обвинителство. Ве информираме дека во однос на посочените информации наведени во вашиот емаил ќе биде оформен предмет во Управата за финансиска полиција“, ни одговорија од Финансиска полиција.

Во средата, од Обвинителството за организиран криминал и корупција кажаа дека отвориле предистражна постапка по допрен глас за сметките на Механџиски, Јорданов и Клинг. Ќе се проверуваат повеќе транскациите и ќе се анализираат податоците кои ИРЛ ги објави во истражувањето за документарецот „швајцарски тајни“. 

 Истражувачката репортерска лабараторија обелодени дека помеѓу стотиците лица од интерес во протечените банкарски податоци од контраверзната швајцарска банка „Кредит Свис“ се најдоа и македонскиот бизнисмен и поранешен вицепремиер Минчо Јорданов, бизнисменот Благој Механџиски и шведскиот инвеститор Ларс Клинг.

Станува збор за едни од најбогатите македонски граѓани чиј подем од службеници од јавен интерес до бизнисмени го следеа обвинувања за проневери на државните ресурси, политички мотивирани зделки, лобирање и висока корупција.

„Швајцарските тајни“ е меѓународна истрага за една од најбогатите и најважните банки во светот. Повеќе од 163 новинари од 48 медиуми во 39 земји ширум светот со месеци ги анализираа информациите за банкарските сметки протечени од „Кредит Свис“ вториот по големина кредитор во Швајцарија.

Протекувањето опфати повеќе 18 000 сметки на кои се чуваат преку 100 милјарди американски долари. Тоа за новинарите е единственото познато истекување податоци за клиенти на една голема швајцарска банка. Швајцарија е светски најпозната дестинација за чување пари поради нејзините закони за банкарска тајна.

Сите стории од проектот „Швајцарски тајни“ прочитајте ги тука.

ШВАЈЦАРСКИ ТАЈНИ

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »