Министерството за внатрешни работи неколку месеци го расчистува случајот со претепаниот осуденик Стојан Павлески, кој беше еден од осудените за напад на пратеникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Павлевски бил претепан во октомври минатата година кај Зелен пазар и оттогаш се наоѓа на Клиниката за трауматологија.
Од МВР тогаш било објавено кусо соопштение во дневниот билтен. „На 24.09.2018 од граѓани било пријавено дека на влезот од Зелен Пазар, во паркот лежеле две лица. Полициски службеници излегле на местото, а лицата со возило на Итна медицинска помош биле однесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им била укажана лекарска помош. По преземените мерки било утврдено дека станува збор за лицата В.Т. (58) и С. Павлевски (52), двајцата од Скопје, стои во соопштението од МВР.
Верица Митевска, сестрата на Павлески, за ИРЛ опишува како тој и негов пријател биле нападнати кај Зелен пазар во центарот на градот.
„Двајцата биле претепани, случајни минувачи ги нашле како лежат на улица во бесознание. Минувачите случајот го пријавиле во полициската станица Беко. Полицијата дошла и брат ми и неговиот пријател биле пренесени со брза помош на клиника. Пријателот бил со скршена рака, додека на брат ми му била направена операција на носот, а исто така имал повреди и на главата.
Во една од теориите Павлевски е нападнат, а во друга тој се тепал, па така дошло.
Иако ни кажаа дека брат ми и неговиот пријател мирисале на алкохол и тепачката настанала поради тоа. Не знам што да кажам, не знам дали е тоа е вистината. Двајцата се нападнати од зад грб, така што не ми се верува дека она што ни го кажаа е вистина. До денеска не знаеме ништо за напаѓачите. Ниту кои се, ниту пак дали биле фатени од полицијата“, вели Митевска.
Адвокатката на Павлески за ИРЛ вели дека неколку пати се јавувала во полициската станица Беко да го побара инспекторот кој работел на случајот но, вработените не сакале да и кажат која смена бил на работа и како да стапи во контакт со него.
Митевска, вчера на Фејсбук го повика министерот за здравство Венко Филипче да преземе нешто со состојбата на нејзиниот брат. Таа напиша дека Павлевски не добивал соодветна нега на Клиниката за трауматологија каде што веќе неколку месеци лежи во критична состојба. Павлески на клиниката бил хоспитализиран во октомври минатата година до бесознание биле претепани од неколку лица.
„Има отворени рани и отоци кои ретко кога му ги третираат. Оставен е да скапува во болницата“, напиша Митевска.
Денеска од Министерството соопштија дека Павлевски ќе биде преместен во Геронтолошкиот завод каде што ќе добива посоодветна нега за неговата здравствена состојба.
„Констатиравме дека е навистина во тешка здравствена состојба. По консултација со вработените лица, како и со семејството договорено е пациентот да се префрли во Геронтолошкиот завод каде би добивал нега и третман што се соодветни за состојба во која се наоѓа“, велат од Министерството за здравство.
ИРЛ се обиде телефонски да го контактира директорот на трауматологија Илир Хасани за да го прашаме за обвинувањата кои доаѓаат од семејството на Павлевски, но тој не одговори на нашите повици.
Павлевски не е единствениот осуден за нападот на Зијадин Села кој беше нападнат изминативе неколку месеци. Во јули во затворот Шутка беше нападнат и Ќире Ѓорѓиевски. Нападот се случил додека траела посетата во затворот, а бил нападнат од притвореник Албанец.
Инцидентот го потврдија и од Управата за извршување санкции при Министерството за правда и од Затворот „Скопје“. Директорот на затворот, Александар Ѓеорѓиевски, тогаш изјави дека нападнатиот притвореник бил прегледан од лекар, по што бил упатен на дополнителни проверки на скопските клиники.
На нашето прашање дали во овие случаи се работи за случајност или пак некој сака да го одмазди Села, од Алијанса за Албанците ни одговорија.
„Прашањето е така добро поставено, ама треба директно во полиција да се обратите.“
Војминовски се бара со меѓународна потерница
Министерството за внатрешни работи вчера распиша меѓународна потерница за Никола Војминовски, осуден на 13 години затвор за обид за убиство над претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
На Војминовски му беше определена мерка куќен притвор до правосилност на пресудата, но полицијата при рутинска контрола констатирала дека не се наоѓа во својот дом.
Од Алијанса за Албанците за вој случај велат дека Македонија станува земја на чуда и дека тука има сé освен правда и владеење на правна држава. Оваа власт која дозволува бегство на криминалец осуден на 13 години затвор за убиство во обид, не може да ја заштити слободата на никого, бидејќи криминалот и корупцијата длабоко метастазирале во политичкиот менталитет на сите влади, па и на сегашната“, велат од партијата.