Антикорупциската комисија денеска на седница отвори повеќе постапки за судир на интереси, незаконски набавки на возила и вработувања во државни институции. Дел од предметите за кои се отвара истрага, Антикорупциска комисија ги отвора по сопствена иницијатиа, додека дел се по пријава од граѓани или пак политички партии.
На денешната седница, антикорупционерите едногласно одлучија да отворат постапка за продажбата на земјиштето кај „Холидеј ин“ на кое е предвидено да се изградат висококатници. Постапката е отворена по иницијатива на антикорупционерите, но и по она што изминативе месеци се пишуваше во медиумите.
Антикорупција ќе истражува дали незаконско е окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација, по што е извршена продажбата. Ќе се испитува и дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници.
Две фирми, пред повеќе од половина година, ја купија атрактивната парцела од 9.000 м2 за сума од 312 евра по квадрат, на која е предвидено да се изградат 60-катници. Парите, во државниот буџет, беа уплатени еден месец пред да дознае јавноста, а се работи за 2,9 милиони евра. Земјиштето е во сопственост на фирмата инвеститор „МГ Фешн“ заедно со Македонската православна црква, кои пак се спречени да почнат со градба поради мораториумот за градба што е на сила во Општина Центар.
Постапка ќе се отвори и за набавката на возилата на градоначаланикот на Струга, Рамиз Мерко и на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Членовите на комисијата се повикаа на написи во медиумите каде Мерко вели дека не му личи да вози „шкода“ и дека требало да купи уште поубава кола од „ауди-то“ кое чини 67 илјади евра. На седницата беше потенцирано и дека набавката на возилата се прави во време кога Владата донела одлука финасиски да им се помогне на општините кои имаат долгови меѓу кои е и Струга со долг од 4 милиони евра.
За двата случаја, и за Мерко и за набавката на возилото на Вангловски кое чини 40 илјади, членот на ДКСК Нури Бајрами потенцираше дека лице што врши јавна функција од јавен интерес не смее тоа да го користи за лични интереси.
На денешната седница, постапка беше отворена и за в.д. директорката на Универзитетската клиника за хематологија, Ирина Пановска Ставридис. Комисијата ќе истражува дали таа ги прекршила денешната законите при тeндерската постапка за набавка на лекови. Станува збор за тендер кој го добила фирмата „Д-р Пановски“, во сопственост на нејзиниот татко Златко Пановски.
Овој предмет е отворен по допрен глас, но имало претставка и од доктори кои во пријавата навеле дека Пановска унапредува свои луѓе на раководни позиции и дека ја имала поддршката од министерот Венко Филипче и од министерката Радмила Шеќеринска.
Пановска Ставридис во изјава за порталот Плусинфо ја охрабруваат антикорупциската комисија во рамки на своите надлежности во најкус можен рок да ги испита сите околности и правни процедури во врска со јавните набавки.
„Добро е конечно да се затворат сите шпекулации за Клиниката за хематологија да престане да биде дел од дневно-политичките препукувања на партиите. За враќањето на довербата во јавното здравство неопходно е да не се доведуваат пациентите и понатаму во заблуда“, рече Пановска Ставридис.
Отворени шест случаи по пријави од ВМРО-ДПМНЕ
Антикорупциската комисија на денешната седница донесе одлука да отвори шест случаи кои ги пријавила опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска истакна дека отворини се постапки за одделни пет предмети за случаи поврзани со власта, и најави уште еден за судир на интереси.
Четири од случаите се поврзани со премиерот Зоран Заев : „Глобал“- за изградната на трговскиот центар во Струмица , таканаречениот случај „Едно евро за црквата, едно за Вицето“,за “Земјиште во касарна” поради сомневање дека Сашо Брндевски купил 18.462 метри квадратни по повластени ниска цена од тогашниот градоначалник на Струмица Зоран Заев и за „бугарските фирми“.
За вицепремерот Кочо Анѓушев е отворена постапка за давање под закуп на градежно земјиште за изградба на хидроцентрала.
„За фирмата „Тополки“ каде што еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата „Фероинвест“, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител има добиено градежно земјиште од 7.105 метри квадратни по пат на непосредна спогодба во Дреново за изградба на хидроцентралата Тополки“, рече Ивановска.
Предмет на ДКСК ќе бидат и наводите за за грчките фирми на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, откако неодамна беше објавен еден од прислушуваните разговори.