Откако сите институции се прогласија ненадлежни да се справат со дивите платформи кои се поставени на Матка, Антикорупциската комисија реши да го испита случајот.
Антикорупциската комисија отвора предмет за случајот со дивоградбите на Матка. Црвеното светло кај антикорипционерите се запалило откако слушнале дека институциите се прогласиле за ненадлежни.
На денешната седница на Комисијата, претседателката Билјана Ивановска рече дека црвеното светло се запалило кога сите институции се прогласиле за ненадлежни.
„Таму има елементи на корупција, општината не донесува одлуки, имаме надлежност да испитаме“, рече Ивановска.
Платформата од железна конструкција се гради во езерото, покрај патот на кањонот. Распослана е од бетонскиот ѕид до патот, низ карпите на кањонот и неколку метри во езерото.
Покрај платформата стојат и цевки и дрвени греди, а на едниот крај изведена е дрвена куќарка, која личи на шанк.
Сите институции кои имаат ингеренции да ја сопрат градбата се прогласија за ненадлежни, и си ја префрлаа одговорноста.
Министерството за транспорт и врски побара од Државниот градежен инспекторат да направи увид во состојбата на Матка, да ги урне дивите платформи и да поднесе извештај кој пак требаше да им биде основа за одземање на ингеренциите од областа на урбанизмот на Општина Сарај.
Целосниот извештај се уште се чека, а Државниот градежен инспекторат информирал дека во Сарај имало барања за легализирање на платформите.
Антикорупциската комисија денеска најави и дека отворила предмет за две вработувања во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои се случиле во ек на изборен процес.
Од Комисијата денеска информираа дека два случаи на непотизам кои беа предмет на истрага од антикорупционерите се затворени. Станува збор за случајот за ќерката на пратеничката Емилија Александрова за која имаше сомневања дека е вработена во Фондот за иновации. Во овој случај, антикоупционерите заклучиле дека, ќерката на пратеничката ниту поднела документи, ниту пак била вработена во Фондот.
Вториот затворен случај е за сопругата на градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски за која се утврдило дека работела на истото работно место и пред нејзиниот сопруг да стане градоначалник.