Press "Enter" to skip to content

Антикорупциската комисија отвори предмет за дивата населба во Трница Маврово

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе истражува како никнала цела дива луксузна населба на државно земјиште на територијата на Националниот парк Маврово до популарниот туристичко-угостителски комплекс Кораб Трница каде што во дубиозни постапки помошник министер за внатрешни работи, роднини на пратеничка и други лица од Скопје и Гостивар изградиле и легализирале вили, а се сечела скапоцена шума и се пробивале патишта за нови лукзусни комплекси за кои што мештани тврдеа дека биле наменети за млади партиски функционери.

Од службата за односи со јавност на Државната комисија за спречување на корупцијата потврдуваат дека е оформен предмет по допрен глас во врска со информациите објавени од страна на ИРЛ за изградени дивоградби во с.Трница Маврово.

„Конкретно на територијата на Националниот парк „Маврово“ е изградена цела дива населба веднаш над комплексот „Кораб Трница“, во која помошник министер, пратеничка и актери биле соседи во дива населба изградена на државно земјиште во таканаречениот комплекс „Трница хилс“. Предметот, согласно со деловникот за работа на ДКСК, е распределен на член на ДКСК и постапувањето по истиот е во тек“, пишува во дописот на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во рамки на истражувањето Зелени тајни ИРЛ откри дека во последната деценија на територијата на Националниот парк „Маврово“ е изградена цела дива населба веднаш над комплексот „Кораб Трница“. Дел од вилите се изградени и се веќе легализирани, додека други се градат во моментов. Сите се наоѓаат на државно земјиште, на заштитена територија. Меѓу оние кои изградиле или купиле вили на државен имот се помошник министерот во МВР Маријан Здравковски, пратеничката од ЛДП Моника Зајкова и актерите Игор Ангелов, како и актерката од Драмски театар Маја Вељковиќ.

Неофицијално, и институциите и околните жители споменуваат имиња на високи функционери од партиските подмладоци на повеќе партии кои биле коавтори на новата визија на Трница замислена на државен имот, а во пресрет на новиот закон за легализација на дивоградби.

Целото истражување за Трница прочитајте го на овој линк, а за пристап до сите стории од проектот Зелени тајни кликнете овде.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »