Press "Enter" to skip to content

Агенцијата за заштита на лични податоци ќе проверува дали ДИК безбедно ги чува податоците по сајбер нападот на изборниот ден

По сајбер нападот врз Државната изборна комисија на изборниот ден, Агенцијата за заштита на лични податоци започна постапка на спроведување на супервизија над заштитата на личните податоци во ДИК. Ова за ИРЛ го потврдија од Агенцијата за заштита на лични податоци.

Тие проверуваат дали и како се заштитени личните податоци кои се дел од Избирачкиот список. Иако целта на нападот не беше директен упад во серверите на ДИК, сајбер нападот отвори прашања за тоа колку инстуциите се подготвени да ги штитат личните податоци на граѓаните.

По сајбер нападот врз ДИК, следуваа директни напади на серверите на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука. Резултатот од ова беше преземање на податоци од маил серверот на Министерството за Здравство. Во случајот со МОН, институциите се уште не знаат каква штета е предизвикана.

Овие два сајбер напади се поразлични од оној кој се случи на денот на изборите кога веб-страницата на Државната изборна комисја се соочи со ДДоС напад. Во серверите на ДИК, покрај останатите работи, е сместен и Избирачкиот список кој ги содржи имињата, адресите на живеење и матичните броеви поткрепени со фотографија од секој регистриран гласач во државата. Со развојот на ситуацијата по изборите, се наметна прашањето дали личните податоци сместени во серверот на ДИК се безбедни.

ИРЛ за ова прашање се обрати во Агенцијата за заштита на лични податоци. Од таму велат дека во тек е утврдување на технички и организациски мерки кои се применети, односно се применуваат со цел да се обезбеди безбедност на личните податоци во Државната изборна комисија. И дали и што било, односно дали и кои лични податоци биле афектирани со нападот.

„Во насока на целосно утврдување на фактичката состојба и постапување согласно закон, започната е постапка на обезбедување информации за конкретниот случај. Во е тек е фаза на постапка на спроведување на супервизија над заштитата на личните податоци во Државната изборна комисија“, велат од Агенцијата за заштитна на лични податоци за ИРЛ

Од таму додаваат дека по целосно утврдување на фактичката состојба Агенцијата ќе изрече соодветни мерки
согласно Законот за заштита на личните податоци.

ИРЛ за овој проблем испрати и прашања до Државната изборна комисја за тоа кои мерки се преземаат да се заштитат личните податоци на граѓаните. По повеќе од една недела, до денот на објавување на овој текст, ДИК не одговори на нашите прашања.

Поврзани стории:

Човек на човека му е снимка

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »