Press "Enter" to skip to content

Документите ги демантираат демантите на Кочо Анѓушев и бугарскиот инвеститор Соларпро

Документите на ИРЛ обезбедени од бугарскиот централен регистар и од бугарскиот депозитар на хартии од вредност го демантираат демантот на бизнисменот и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев дека тој на никаков можен начин не е поврзан со бугарскиот инвеститор Соларпро од Софија. Соларпро е партнер во државната ТЕЦ Осломеј. Демант испрати и софиската Соларпро, а уредничкиот одговор ги адресира и нивните забелешки кои се речиси идентични со оние на господинот Анѓушев.

Линк до сторијата Кај ми е сонцето на ИРЛ којашто е оспорен овде.

Демантите кои што пристигнаа во ИРЛ сугерираат дека текстовите на ИРЛ содржат невистини во однос на поврзаноста на поранешниот висок функционер и новите бугарски партнери на држаата, конкретно лицето Јури Богомилов Катанов. Оваа, како и сите други стории објавени на ИРЛ се изработени врз база на документи добиени од државни институции во Македонија и Бугарија.

Демант од Кочо Анѓушев Демант од Соларпро

Професор д – р Кочо Анѓушев во демантот до ИРЛ ќе напише: „Ниту една компанија во која јас или моето семејство сме дел од сопственичката структура нема никаква поврзаност со фотоволтаичнта централа Осломеј“. Тоа не е вистина.

ИРЛ во својот текст посочува дека Јури Богомилов Катанов е дел од сопственичката, односно акционерска структира на бугарскиот инвеститор, како и дека истиот е директор во фирмата во сопственост на господинот Кочо Анѓушев и членови на неговото потесно семејство. Истовремено, Катанов е и претставник на бугарскиот инвеститор и член на бордот директори и ко-управител во компанијата со идентично име (подоцна променето) на семејството Анѓушеви.

Фирмата Соларпро Холдинг АД Софија, која ќе инвестира во 50 MW фотоволтаична централа во ТЕЦ Осломеј по пат на Јавно приватно партнерство со државата (ЈПП) е акционерско друштво регистрирано во Бугарија. Мнозински сопственик е компанијата Алфа финанс холдинг преку Иво Георгиев Прокопиев. Документите кои ги обезбеди ИРЛ од Централниот регистар во Бугарија и од Централниот депозитар на хартии од вредност, откриваат кои други лица и компании се дел од акционерскиот пакет на Соларпро Холдинг Софија. Меѓу нив е господинот Јуриј Богомилов Катанов, кој освен што е малцински акционер во софиската Соларпро, тој е член на бордот на директори во именуваната компанија, како и управител во скопска фирма на господинот Кочо Анѓушев.

Кликни на мапата за целосен преглед. За да ги видите врските помеѓу физичките и правни ентитети само допрете ги жолтите икони и конкретните улоги на лицата ќе бидат видливи.

Освен господинот Кочо Анѓушев, речиси синхронизирано демант испрати и Соларпро Ходлинг Софија. Соларпро од Бугарија, исто како и Анѓушев, преку демант тврди дека ИРЛ е во заблуда и дека нема поврзаност помеѓу бугарската Соларпро и македонската Соларпро која се преименува во (Рењувбл Енерџи Суплај), официјалните документи не ги поддржуваат овие тврдења. (погледни графикон горе)

Во клучниот пасус од речиси двете страни експликација тие тврдат дека поранешниот вицепремиер професор д – р Кочо Анѓушев нема никаква поврзаност со бугарската групација која инвестира во фотоволтаици и дека единствено Соларпро Софија е фирма која го реализира проектот.

„Цитираното во објавениот материјал друштвото РЕС (со претходно наиемнование Соларпро Холдинг ДООЕЛ) не е и никогаш не било дел од групата на Солрпро Холдинг АД Софија, и нема никаква поврзаност со проектот Осломеј“.

ИРЛ за оваа, како и за сите други стории прави детална проверка на фактите врз база на пишани докази. За потребите на овој одговор, репортерот и претставниците на уреднички колегигиум извршена повторна проверка со повторно апдејтирање на клучните докази со што ги потврдивме нашите првични наоди. На барање на Анѓушев, одговорот е објавен на насловната страница на истото место каде што беше објавена и сторијата на ИРЛ.

Одговорот го уредија: Сашка Цветковска (уредник), Горан Теменугов (уредник), Бојан Стојановски (водечки репортер)

Поврзани стории

Како корупцијата и аматерите ја делегираа, а партиите ја спроведоа енергетската катастрофа

Како европската престолнина на сонцето стана зависна за леб и струја

Економските реформатори во потера по сонцето

Текстуална верзија на двата деманта (ИРЛ искусува технички проблеми со мобилната верзија на којашто не можат да се отворат фото верзиите до демантите погоре за разлика од десктоп верзиите. Истите ги прикажуваме и во продолжение на овој одговор)

1. Демант од професор доктор Кочо Анѓушев

Писмен демант на текст со наслов „Кај ми е сонцето“ објавен на 18.05.2022

Без да навлегувам во мотивите континуирано да сум тема во вашите т.н. истражувачки стории, но земајќи предвид дека спротивно на професионалните новинарски стандарди, од ваша страна ми е ускратено правото пред да го објавите текстот да се произнесам со свој став за тешките обвинувања кон мене, моето семејство и компаниите со кои раководам, го упатувам следниот демант:

Ниту една компанија во која јас или моето семејство сме дел од сопственичката структура, нема никаква поврзаност со фотоволтаичната централа „Осломеј“. Оттаму во вашиот текст погрешно се пренесени информации кој свесно и со умисла ја ставаат јавноста во заблуда, се манипулира со неточни и крајно тенденциозни тврдења со единствена цел да го нарушат мојот, угледот на моето семејство и реномето на компаниите со кои раководам.  Согласно овие неспорни факти, како Заменик претседател на Влада во периодот 2017-2019 година, не сум можел да преземам било какви дејствија кои можат да бидат протолкувани како евентуален конфликт на интереси. Бев дел од политичка Влада како предлог на Стопанската Комора и за време на мојот мандат како Заменик претседател на Влада се’ што правев беше исклучиво насочено кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и развој на домашната економија. На „Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040“ сум особено горд и сметам дека е одличен документ кој треба да служи како патоказ и на оваа и на следните Влади. Целото мое професионално и општествено делување е насочено кон домашниот економски развој, постојано инвестираме во воведување на најсовремени и еколошки технологии, а јас лично го вложувам сето мое знаење и капацитет во напорите за вкупна транформација на енергетскиот сектор во систем кој ќе биде стабилен и одржлив. Компаниите со кои раководам вработуваат над 1000 луѓе, го полнат државниот Буџет и се мотор на економскиот развој. Нашите производи се извезуваат во 42 земји ширум светот, учествуваме на пазари како САД, Велика Британија, Франција, Германија, Данска, Белгија, Португалија, Австралија и многу други. За овие успеси никогаш не сме барале, ниту ќе бараме привилегии или специјален третман од никого, но најмалку што очекуваме фер, коректен пристап и да не бидеме злоупотребувани во ничија медиумска, бизнис или политичка агенда.

Доколку овој писмен демант не биде објавен на ИРЛ на истото место, во истиот формат и со иста истакнатост како и текстот кој го демантирам, а согласно позитивните законски прописи, го задржувам правото да ги преземам сите неопходни правни дејствија за заштита на мојот, угледот на моето семејство и реномето на компаниите со кои раководам.

проф. д-р. Кочо Анѓушев

2. Демант од компанијата Соларпро од застапникот

Најостро демантираме и тврдиме дека е лага написот на ИРЛ дека било која друга фирма
или лице се градители на фотонапонската централа од 50MW во Осломеј освен Соларпро
Холдинг АД Софија. Партнер на АД ЕСМ во проектот за Јавно-приватно партнерство е
фирмата-ќерка која ја формиравме во Скопје, а тоа е Друштво за производство на
електрична енергија ОСМ Солар ДООЕЛ Скопје. Во наведената фирма не се случила
никаква промена ниту на сопственичката структура ниту во управувањето, односно
никој не ја купил или влегол со удел во неа по потпишување на договорот со АД ЕСМ за
фотонапонската централа во Осломеј.

Бугарската компанија Соларпро Холдинг АД Софија е реномирана компанија која влезе
во партнерство со ЕСМ давајќи најдобра понуда на меѓународен тендер по највисоки
строги стандарди. Како странски инвеститор во Р. Северна Македонија, написот на ИРЛ
го доживуваме како удар врз бизнис заедницата од странство и особено од блиска земја
од соседството, посебно што никој не се обрати до нас со прашање и не ни беше дадена
можност да пружиме точна информација.

Со оглед на тоа што авторот, уредникот и редакцијата неправилно ги прочитале и
протолкувале јавните податоци до кои дошле, го даваме следното објаснување со цел да
им биде појасно и ним и на читателите.

Тендерот за изградба на соларната централа на територијата на РЕК Осломеј во
Република Северна Македонија е добиен од бугарското друштво Соларпро Холдинг АД
Софија. За изградбата на централата и согласно тендерската документација е
регистрирано ново друштво во Република Северна Македонија – ОСМ Солар ДООЕЛ.
Како единствен сопственик на друштвото се јавува Соларпро Холдинг АД Софија.
Дејностите на Соларпро Холдинг АД Софија во Република Северна Македонија се
извршуваат од регистрираната придружница Соларпро Холдинг АД – придружница во
РМ и поврзаното друштво (ќерка) Соларпро Пауер ДООЕЛ. Соларпро Холдинг АД е во
сопственост на инвестиционата група Реналфа Софија и г-дин Анѓушев нема никакво
директно или индиректно учество во неа.

Цитираното во објавениот материјал друштвото РЕС (со предходно наименование
Соларпро Холдинг ДООЕЛ) не е и никогаш не било дел од групата на Соларпро Холдинг
АД, Софија, и нема никаква поврзаност со проектот во Осломеј. Како дополнување,
можеме да посочиме дека, цитираната компанија е лиценциран трговец со електрична
енергија и не извршува дејност поврзана со проектирање, изградба и оперирање на
фотонапонски електроцентрали и ниту има сопствени централи.
Одново би сакале да потенцираме, дека г-дин Кочо Анѓушев нема никакво директно или
индиректно учество во Соларпро Холдинг АД Софија, ниту пак неговите поврзани
друштва. Од тука и се заклучува дека не постој никаква поврзаност со проектот во
Осломеј.

Со оглед на горенаведеното, јасно е дека со текстот кој некритички и без проверка го
пренесовте, Вие гопрекршивте основното новинарско правило да ја побарате и втората
страна пред објавувањето на написот и нанесовте штета на угледот и работењето на
Соларпро Холдинг АД Софија и на целата групација. Затоа бараме демантирање
нанеточните тврдења во текстот и извинување од страна на РЕПУБЛИКА / ВЕЧЕР /
ВЕСНИК.МК / ОФФ.НЕТ.

Бараме овој демант да биде објавен на Вашиот медиум наистото место, во истиот формат
и во истото временскозадржување на насловната страна како и текстот на кој сеоднесува
демантот, согласно чл.16 од Уставот на Р. Северна Македонија, Законот за медиуми,
Законот за граѓанскаодговорност и клевета и Кодексот за етика на новинарите.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.