Press "Enter" to skip to content

Бранко Азески: Зошто треба државата да регулира нешто кога таа е лош регулатор, ние треба подобро да се организираме

Стопанска комора на Македонија денеска одржа панел дискусија посветена на прашањата за недостигот од стручен кадар, причините за оваа појава, како и предлог-решенијата кои би можеле да помогнат за подобрување на состојбите во оваа област. Главните фактори кои влијаат на неусогласеноста на понудата и побарувачката се тромавото образование кое е нефлексибилно кон потребите на бизнисот, неправилна уписна политика во средните училишта и факултетите, недостиг на практиканство и обуки, но и слаб интерес на работодавачите да влијаат учествувајќи во креирање на наставните програми за да се продуцира соодветен кадар.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески им порача на претставниците на компаниите присутни на панелот дека не може да очекуваат од државата да биде единствен регулатор, туку дека самите треба да се активираат за да добијат адекватен кадар, посочувајќи ја Словенија каде што тоа функционира зашто е на товар на работодавачите.

„Фокусот ние треба да го свртиме кон нас самите. Зашто не гледам политика на државата кон ова прашање. Ако ние живееме во пазарна економија, така треба да ги гледаме и работите. Зошто треба државата да регулира нешто кога таа е лош регулатор. Таму каде што се замешала, направила хаос. Ние треба подобро да се организираме, да ја отфрлиме регулативата на државата која видовме што направи од образованието – 195 факултети, 135 средни училишта и никаква реакција за укинување на ниту едно,“  рече Азески.