Press "Enter" to skip to content

Зошто твојата мала донација е помоќна од скапа корпоративна реклама

Во истражување на Комитетот за заштита на новинарите од 2020 година, истражувачките новинари кои работат на финансиски криминал и висока корупција во 41 држава, за првпат одговориле дека број еден закана за нивната работа се корпорациите, а дури потоа владите и организираниот криминал. Нивното влијание врз нашите животи станува се поголемо, а највидливо е преку контролата на медиумите. Но, дали граѓаните можат да ја преземат контролата назад и како да го направиме тоа, беше еден од предизвиците на кои ИРЛ се посвети од своето основање. Во 2023 година заедно ги направивме првите чекори. 

Кога пред 6 години ја основавме Истражувачката репортерска лабораторија одлучивме тоа да биде во форма на непрофитно граѓанско здружение, во кое новинарите и креативните професионалци ќе можат да се изразат слободно и да известуваат за важните општествени проблеми без притисокот кој го носат политичките и корпоративни влијанија. 

Профитните медиуми како телевизиите и најголем дел од онлајн порталите егзистираат со помош на средствата кои ги добиваат за платено рекламирање. Компаниите плаќаат огромни суми на пари за огласување на рекламни видеоспотови, рекламни банери на различни продукти или услуги, и ПР – соопштенија и објави. Рекламирањето во медиуми не е нешто ново или невообичаено, но во последните петнаесет години рекламите станаа средство кое моќните и влијателни поединци го користат за да се заштитат себеси од прогон и да ги скријат своите коруптивни афери. Така, тие даваат значителни суми на пари за рекламирање во медиуми, дури и кога не продаваат производи за широка потрошувачка. Целта, секако, не е огласување на нивните производи и услуги, туку „купување“ на благонаклонето или речиси никакво известување за нив и нивните компании. 

Зошто е важно да знаеме за штетите од корпоративните војни против критичните гласови преку медиумите

ИРЛ во 2021 работеше на големо меѓународно истражување за протечените документи од една од најголемите швајцарски банки „Кредит Свис“. Во документите се појавија и имињата на македонски транзициски бизнисмени, меѓу кои и Благој Механџиски, сопственикот на Зегин. Истрагата покажа дека Механџиски ги скрил сметките од надлежните домашни институции и заобиколил повеќе закони. Во периодот додека траеше истражувањето, нашата редакција, за првпат, беше контактирана од маркетинг тимот на Зегин кој побара состанок со раководството на ИРЛ. Бевме известени дека во моментот работат на годишната маркетинг стратегија на компанијата и би сакале да поразговараат околу потенцијален закуп на рекламен простор.

Навидум е наивно – една обична понуда за реклама. Но, понудата е лукративна и начинот покажува колку едноставно големите корпорации си го купуваат мирот и тишината.

Дека влијанието на приватниот сектор врз медиумите е на критично ниво и на штета на јавниот интерес говори и последниот медиумски координиран напад врз активистите од гевгелиско кои се борат против изградбата на рудници во нивниот претежно земјоделски регион. Иако, населението не само во регионот, туку и во државата е доминантно против рудници, а нивните стравови ги артикулирала и научна и експертска јавност, во најмалку десетина влијателни или читани медиуми, меѓу кои и национални телевизии, се води битка против граѓаните, се лиферуваат соопштенија да ги оцрнат оние кои се борат против рудниците и се прикажуваат само ставовите на менаџментот, во веројатно скапо платен медиумски простор. 

Работите ескалираа дотаму, што неодамна активистите од иницијативата „Спас за Гевгелија“ јавно реагираа за написите на порталот „Плусинфо“ и неговиот раководител Бранко Геровски откако порталот влезе во судир со оние кои се борат против изградбата на рудниците на Кожуф, Двориште и Иловица. Додека експертите предупредуваат дека изградбата на рудниците ќе има девастирачки последици за природата и локалното население, порталот објави неколку соопштенија во кои рударството го претстави како спас за Македонија. Активистите изнесоа сериозни обвинувања дека порталот е платен да ја брани корпоративната агенда на штета на граѓаните.

ИРЛ неброени пати оваа година беше жртва на дискредитирачки и насилнички тактики на компаниите „Брако“ и клиниката „Жан Митрев“ кои вклучуваа злоупотреба на комерцијалните соработки со овие медиуми со цел малтретирање и заплашување на новинарите и рушење на нивниот углед во јавноста.  

Како заедно да ги заштитиме содржините од корпоративни влијанија

Оваа пракса ја имаат прифатено и медиумите и компаниите, бидејќи двете страни имаат корист од ваквата трансакција. Кога една компанија плаќа за да го добие вниманието на читателите на одреден медиум, тогаш тие читатели повеќе не се клиентот кој треба да добие точна и вистинита информација, туку се продукт чие што внимание е огласено на продажба. 

За да ја заштитиме организацијата од клиентелистичкиот притисок, кога ја формиравме ИРЛ одлучивме дека таа ќе биде непрофитна и нема да се финансира од реклами. Поради ова, неодамна бевме наречени „група“ која се претставува како медиум и нема право да ги објавува своите истражувања пред јавноста, туку да ги прикажува само пред членовите на организацијата. 

Нашиот одговор на ваквите обиди да бидеме замолчени е дека ИРЛ e медиум кој постои исклучиво за да им служи на граѓаните. Поради тоа, во февруари 2023 година започнавме кампања за собирање на мали донации од граѓани, бидејќи веруваме дека медиумите треба да се финансирани од оние за кои постојат, односно граѓаните треба да ги вратат медиумите во свои раце. 

Во овие девет месеци, 207 граѓани преку мали донации во вкупен износ од 382 илјади денари, ни помогнаа да разоткриеме домашна и меѓународна корупција и организиран криминал. 43 граѓани се претплатија и одбраа да нѐ поддржуваат секој месец. Секоја една мала донација од некој како тебе, вреди повеќе од парите кои политичарите и бизнисмените ги даваат во медиумите за да се заштитат од прогон и одговорност. Луѓето кои ги истражуваме честопати имаат неограничен број на ресурси со кои можат да ја водат својата битка, но ние ја имаме вашата поддршка, што е најмоќното оружје во борбата против корупцијата.

Изразуваме бескрајна благодарност што си наш верен сојузник.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »