Поради адиминистративен пропуст на МАЛМЕД, Жан Митрев нема да одговара прекршочно за непријавено клиничко испитување. Во меѓувреме, кризниот пиар на клиниката води агресивна стратешка кампања да ја збуни јавноста и да лаже дека Кривичниот суд го ослободил од вина и пресудил дека работел чесно за време на пандемијата. ИРЛ открива дека ваквите тврдења се креираат во маркетинг служби и се дистрибуираат преку мрежа на медиумите каде што клиниката е клиент.
Одделот за прекршоци при Кривичниот суд пресуди дека поради технички пропуст на Агенцијата за лекови (МАЛМЕД), Жан Митрев нема да се гони за непријавено клиничко испитување. Пи-ар тимот на Клиниката „Жан Митрев“ преку мрежата на клиенти во медиумите дистрибуираше неточна вест дека Кривичниот суд пресудил дека е невин и дека не правел клинички испитувања, со што јавноста се доведе во заблуда дека тој е ослободен во судскиот процес којшто се води против него за измама на пациенти. Во новинарскиот текст напишан во маркетинг службата на клиниката лажно се тврди дека судот утврдил дека не правел клинички испитувања и дека клиниката била чиста, а тој невин по обвиненијата.
Процесната грешка на МАЛМЕД којашто ја наведува судот, а поради која што падна овој предмет покажува сериозен пропуст и отвара прашања за интегритетот на постапката. ИРЛ открива дека готовите текстови спакувани како медиумска вест се подготвувани во маркетинг агенции и служби и преку платени реклами се дистрибуираат со точен план. Денешната објава доаѓа на шест дена пред закажаното ново рочиште во Кривичниот суд каде што докторот и клиниката кривично се гонат за измама.
Денешната акција на одбраната и на кризниот пиар на Клиниката на „Жан Митрев“ е една од се почестите илустрации за тоа како луѓето со ресурси и моќ можат да ја манипулираат јавноста со цел да се заштитат од одговорност,. Медиумските организации бележат ерупција на пријави од новинарите за стратешки напади и стратешки тужби, а се повеќе клиенти со политичка и економска моќ се служат со услуги на мрежа од адвокати, пи-ар агенции и медиуми со цел да се заштитат од прогон преку креирање стратешки притисок врз медиумите и институциите. Дел од тактиките имаат за цел преку платена пропаганда и тужби да ја збунат јавноста ширејќи пропаганда којашто треба да креира конспирација дека клиентот е таргет на некаков заговор, да ја збуни јавноста и да го дефокусира вниманието од вистинскиот проблем и кривичното дело.

Мрежа од медиуми објавуваат лаги и манипулации поради клиентелистички односи со Клиниката „Жан Митрев“
Денеска попладне повеќе од 20 портали пренесоа идентична вест: дека докторот Митрев е ослободен од сите обвиненија и дека Кривичниот суд пресудил дека клиниката нема пропусти во работењето. Но, надвор од новинските агенции малкумина ги имаат вештинте да го воочат проблемот со оваа содржина: вестa не е автентична и истата не била создадена во редакциите, туку во пиар агенциите.
Информациите се пренесени бомбастично и идентично во повеќе текстови со издвоени главни пораки: „Пресуда на Основен кривичен суд – Клника Жан Митрев нема пропусти во работењето “, „Се огласија од Жан Митpев клиника – еве каква одлука донел cудот“, „Ослободителна пресуда за Жан Митрев по обвинението од Агенцијата за лекови“ што во суштина е груба невистина. За некој што ги следи настаните, впечатокот е дека процесот за измама којшто тече во Кривичниот суд воден од Јавното обвинителство паднал и докторот и клиниката не само што биле ослободени од вина, туку Судот дополнотелно ценел дека тие работеле чесно за време на пандемијата, нешто што и воопшто не е работа на Кривичен суд.
Прашањето беше зошто сите медиуми направиле ист текст од едно соопштение, ИРЛ контактираше со три медиуми. Сите потврдија дека не добиле соопштение од Судот, туку готов и напишан новинарски текст подготвен за објава. Емаил пораката со текстот пристигнала од маркетинг службата на болицата до медиумите, а паралелно на ова маркетинг агенција која што е дополнитепно ангажирана ги комуницирала медиумите каде што докторот и клиниката се рекламираат за да го објават соопштението. Еден од првите медиуми коишто објавија, порталот Фактор, под овој текст обележал дека станува збор за платена односно комерцијална објава. На друг медиум, како порталот Локално, може да се види и реклама на клиниката, но самата содржина е објавена без назнака за конфликт на интереси.

ПР-објавата што Клиниката ја пласираше до медиумите ја проследи и таканаречената пресудата за ослободување на која се повикуваат, а којашто доколку внимателно се прочита ќе се разбере дека не станува збор за ослободителна пресуда по кривично обвинение, туку за технички пропуст од страна на МАЛМЕД.
За појаснување, постојат две паралелни постапки против клиниката Жан Митрев: Едната е кривична постапка во која што обвинителстото го гони докторот за измама, а другата беше прекршочна постапка од страна на МАЛМЕД поради непријавен клиничко испитување. Тоа што и прекршочните пријави се водат пред Кривичниот суд е затоа што во рамки на овој суд работи и посебно одделение за прекршоци.
Во овие објави, соопштението на Клиниката Жан Митрев е пренесено интегрално, без дополнителна новинарска проверка, без да се побара втората страна и без да се утврдат фактите по кои цениме дали оваа информација е од јавен или приватен интерес. Работите дополнително ги влошува фактот дека ова информација во форма на готов новинарски текст заедно со наслов и поднаслов ја испратила маркетинг служба.
Соопштението е манипулативно и во делот каде што стои дека „Со оваа ослободителна пресуда се потврдува дека Клиничката болница Жан Митрев и во најтешките периоди работеше според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лечење“. Со оваа реченица, јавноста се доведува во заблуда дека Жан Митрев е ослободен од обвиниението за измама кое го сомничи дека во неговата приватна болница две години ги доведувал во заблуда пациентите лекувани од ковид-19 со методот на хемофилтрација.

Што навистина се судело во Одделот за прекршоци при Кривичниот суд
Кривичниот суд во образложението, зошто Клиниката „Жан Митрев“ ја ослободува од прекршочна одговорност за непријавените клинички испитувања или хемофилтрација на пациенти болни од КОВИД 19 е незапазена процедура од страна на Агенцијата за лекови (МАЛМЕД). Фармацевтски инспектори биле во клиниката на 27 јули лани, или десет дена од публикацијата на документарниот филм „Нечиста крв“. Но клиниката по посетата на инспекторите од (МАЛМЕД) се жалела до Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор. На 29 септември 2022 година комисијата, донела решение во полза на Жан Митрев – го поништила решението од инспекцијата и предметот го вратила на повторна постапка пред Агенцијата за лекови.
„На рочиштето се утврди дека подносителот на барањето, бидејќи ова решение беше поништено не донел ново решение, кое нешто го потврди и претставникот на подносителот на барањето – адвокатот“, стои во пресудата од Кривичниот суд каде се потенцира дека по поништената инспекција, (МАЛМЕД) не направил нова вонредна инспекција во клиниката за да ги докаже наводите од првата инспекција.
Судот водејќи се од фактот дека Агенцијата за лекови не испратила повторно инспектори во болницата, отпаѓаат сите основи дека кај Клиниката „Жан Митрев“ се утврдени пропусти во работењето.
„Со оглед на тоа што поднесеното барање се темели на врз основа на наводите на решение на ИП 1 бр. 19-201 од 27.7.2022 донесено од Агенцијата за лекови и медицински средства а ново решение не е донесено т.е. не е вршен нов вонреден инспекциски надзор отпаѓаат основите дека кај правното и одговорното лице се утврдени пропусти во работењето т.е. нема докази дека тие со своите дејствија сториле прекршок“, се вели во пресудата.
Поради тоа што Агенцијата за лекови не направила нов вонреден инспекциски надзор, откако првиот им го поништи Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор, судот немал на располагање докази за да утврди дека во Жан Митрев се правеле непријавени клинички испитувања.
„Судот воопшто не ги разгледуваше приложените докази на одбраната доставени до судот со поднесоци од 27.10.2022 и 10.02.2023 година бидејќи не се битни за утврдување на фактичката состојба по овој предмет“, напишал судот во пресудата.
Нејасно зошто МАЛМЕД не направил нова инспекција
МАЛМЕД никогаш не поднел ново барање со цел да истражи дали Жан Митрев незаконски врши клинички испитувања. Тие пред судот се обидувале само да докажат дека првото решение за инспекциски надзор е законско, но судот пресуди во корист на Митрев. И тој нема да плати казна која е предвидена за овој тип на прекршик во висина од 25.000 до 50.000 евра.
Важно е да се напомене дека, Агенцијата за лекови МАЛМЕД по службена должност поднесе прекршочна пријава до Клиниката Жан Митрев дека тој објавувал клинички студии без притоа да побара согласност од стручна комисија во МАЛМЕД, што е законска обврска.
Нејасна е стратегијата на МАЛМЕД со којашто одлучиле да не направат вонреден инспекциски надзор. Сега на Агенцијата за лекови и останува уште еден правен лек – жалба до Апелациониот суд. Од МАЛМЕД за Истражувачката репортерска лабораторија посочија дека документот со пресуда од одделот за прекршоци при Кривичниот суд, до нив не е пристигната. ИРЛ се обрати до директорот на МАЛМЕД Лирим Шабани.
„Да ја добијам пресудата и потоа ќе коментирам. Од страна на Агенцијата се направени сите прпцедурални обврски“, рече Шабани за ИРЛ.
Во меѓувреме, за докторот Жан во тек е судскиот процес за измама на пациенти. Тој е обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти болни од КОВИД 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот, а целта била да заработи пари. Митрев ја искористил здравствената криза за време на пандемијата, хаосот во јавното здравство и агонијата на граѓаните кои се бореа со смртоносниот вирус и во јавноста методот хемофилтрација го промовирал како одобрен и ефикасен за лекување од КОВИД 19.
Освен Јавното обвинителство во јули минатата година истрага отвори и министерството за здравство. Претходниот министер Беким Сали формираше пет стручни комисии кои треба да ги испитаат сите аспекти во работењето на приватната болница „Жан Митрев“. Извештајот се уште не е објавен. Следното рочиште за измамата на пациенти е закажано на 13 јуни.