Press "Enter" to skip to content

БРАКО ја злоупотребува комерцијалната соработка со медиумите за да шири клевети и говор на омраза кон новинарите на ИРЛ

Компанијата „БРАКО“ денеска преку медиумите дистрибуираше соопштение кое содржи напади, навреди, клевети и говор на омраза кон новинарите на ИРЛ. Новинарите на ИРЛ ги категоризира како „канцер на општеството“ коишто работат на штета на македонската економија. Соопштението е реакција на компанијата по повод документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“.

Ова е прво официјално обраќање до јавноста на компанијата „БРАКО“ по објавувањето на документарниот филм „Убиство во Тетово“, но и покрај тоа што шест дена не се огласуваа во јавноста да дадат одговори и аргументи, тоа не го направија ниту во денешното соопштение.

ИРЛ на 30 јуни испрати допис до господинот Кочо Анѓушев со кој го информиравме дека работиме на документарен филм за пожарот во модуларната болница во Тетово. Во дописот ИРЛ му понуди на професор Анѓушев да му обезбеди брифинг и увид во материјата која е предмет на интервјуто за да се подготви. ИРЛ побара одговори и од вработените инволвирани во оваа приказна, како Вања Андонова, но одбија сите.

Анѓушев одби интервју и најави дека ќе ги тужи новинарите за вознемирување и демнење. Одговорот на Анѓушев не беше дистрибуиран само до ИРЛ, туку „Феро Инвест“ испрати допис до медиумите дека е под медиумско – бизнис напад.

Како што самата компанија наведува во денешното соопштение дека „комуникација со вакви групи е многу под корпоративното ниво и деловното работење на БРАКО“.

Соопштението е пренесувано во целост од повеќе медиуми, без никаков критички осврт и запазување на стандардите. Дел од овие медиуми имаат комерцијален интерес со посочената компанија која има огромна економска моќ, а со тоа и влијание во медиумите.

Нападите кон ИРЛ доаѓаат и во форма на платена дистрибуција од страна на „БРАКО“ и на авторски текстови објавени на медиуми во коишто се рекламира компанијата.

На пример, вчерашната статија на сопственикот и уредник на информативниот портал „Плусинфо“, Бранко Героски, насловена како „Да не изгори вистината за пожарот во тетовската болница: Убиство или лошо менаџирање на модуларната – кој е во погрешен филм?“ беше реобјавена во неколку интернет портали. Посочената статија го дискредитира истражувањето на ИРЛ и ги омаловажува колегите, а авторот притоа не ја побарал втората страна. Во продолжение ви прикажуваме е-маил порака пратена до медиумите од лице од компанијата „БРАКО“ во којшто на истите им се укажува во име на комерцијалната соработка да ја реобјават анализа на Бранко Героски.

Е-маил порака од вработена во „БРАКО“ испратена до медиуми со кои компанијата има комерцијална соработка.

Ги потсетуваме главните уредници на медиумите дека иако имаат слободна уредувачка политика, имаат законска обврска во своите објави да назначат дали одредена објава е комерцијална објава. Поголемиот дел од медиумите не известуваа за наодите на документарниот филм што упатува на тоа дека овие теми не се од нивен интерес. Да потсетиме, секој медиум има слободна уредувачка политика и самите медиуми одлучуваат што е, а што не е од јавен интерес и врз основа на тоа го креираат известувањето за нивната публика, што е нивно право.

Но, непрофесионално и неетички е да известуваат само за едната страна. Одредени медиуми единствено ги објавуваат реакциите на јавниот обвинител Љубомир Јовески и на компанијата „БРАКО“. Ова не е професионално и укажува на организирана хајка кон новинарите на ИРЛ со помош на одредени медиуми. Вознемирувачки е што значаен дел од овие медиуми ова го прават од комерцијални побуди.

Соопштението на „БРАКО“ има за цел да ги омаловажи, заплаши и да ги дискредитира новинарите и самото истражување. ИРЛ ќе поднесе пријава до релевантните домашни и меѓународни организации кои делуваат во сферата на заштита на слободата на говор и на заштита на безбедноста на новинарите. ИРЛ и пред објавата на филмот алармираше дека има притисоци кон новинарите и обиди да се спречи оваа публикација за што беа известени и новинарските здруженија.

Целиот документарец може да го погледнете тука: