Press "Enter" to skip to content

Заврши судењето за градежниот работник кој загина во Дебар Маало, пресуда на 14 јуни

Заврши судењето за случајот во кој градежниот работник Мијалчо Тодоровски загина при пад на потпорен ѕид на зграда во изградба во Дебар Маало. Несреќата се случи во 2017 година, а случајот четири години го истражуваше обвинителката Гордана Ѓешковска која во своите завршни зборови потврди дека загинатиот непријавено работел за градежната фирмата „Колбико Инженеринг“. Сопственичката на градежната компанија Оливера Коловска Стаменова и раководителот на зградата Александар Дугалиќ кои се обвинети за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“ не се чувствуваат виновни, а нивниот бранител Дарко Трајковски во своите завршни зборови побара тие да бидат ослободени од вина.

Во звршните зборови, обвинителството тврдеше дека загинатиот бил вработен во компанијата која ги градела становите, одбраната пак, вели дека обвинителството не успеало да го докаже тоа.

Обвинителката Гордана Ѓешковска рече дека во целост останува на обвинението и дека се докажало дека раководителот на зградата Александар Дугалиќ и сопственичката Оливера Колова Стаменковска сториле тешки дела против општата сигурност.

„И покрај тоа што не бил вработен, бил во јамата облечен во работничко одело. Сива маица со крагња која била потопена во крв и сиви работнички панталони“ – констатираше обвинителката Гордана Ѓешковска која додаде дека од падот на потпорниот ѕид на Тодоровски му биле искршени коските на черепот, му се раскинало срцето и десното белодробие.

Ѓешковска рече и дека се потврдило дека Мијалчо Тодоровски 15 години работел непријавено и не само на овој објект, туку според фотографиите на кои што се гледа како тој позира заедно со останатите вработени од „Колбико Инженеринг“, работел и на други објекти.

Мијалчо Тодоровски заедно со мајстори од фирмата „Колбико Инженеринг“. Тодоровски е петти од десно. Сопственичката на фирмата, Оливера Коловска Стаменова е петта од лево.
Мијалчо Тодоровски заедно со мајстори од фирмата „Колбико Инженеринг“. Тодоровски е петти од десно. Сопственичката на фирмата, Оливера Коловска Стаменова е петта од лево.

Бранителот на обвинетите, Дарко Трајковски во неговите завршни зборови кажа дека обвинителството со ништо не успеало да докаже вина. Тој изјави дека голем дел од доказите на обвинителството не треба да се земат во предвид затоа што немаат доказна вредност и не се  оригинал.

„Обвинителството на некои докази ја измислуваше содржината, на некои беше толкувач, на некои се стави во улога на очевидец“ – рече бранителот Дарко Трајковски кој побара ослободителна пресуда за обвинетите.

Несреќата се случи на 6 септември 2017 година. Медиумите пишуваа дека во Дебар Маало загинал случаен минувач кој бил во близина на градилиште. Во МВР случајот беше заведен како несреќа на случаен минувач кој пешачел и застанал во близина на објектот каде што се градела зградата.

Семејството на починатиот пензионер Мијалчо Тодоровски тврдеше дека Тодоровски не бил случаен минувач, туку работник на зградата од кои сопствениците и останатите вработени решиле да се оградат.

„Газдарицата и вработените се оградуваа од него дека е случаен минувач кој го затрупал потпоред ѕид. Газдарицата за да се одбрани, вработените за да не ја загубат работата. Ни понудија пари за да потврдиме дека не бил работно ангажиран од нивна страна, пари во замена за човечки живот. Се надевам дека на крајот од овој процес секој ќе го добие она што го заслужува“ – изјави пред една година за ИРЛ синот на загинатиот работник, Зоран Тодоровски.

Дента на несреќата, екипите на Телевизија 24 излегоа на терен и снимија сведоштва на очевидци кои дадоа поинаква слика за смртта на Тодоровски која во институциите и истражните органи беше заведена како несреќа на случаен минувач.

„Можеби 15 минути копаа неговите колеги за да го извадат телото, бидејќи беше пропаднат во дупка, на крај го извадија со багер. Брза помош не беше стигната 20 минути, па веројатно тој што му е надзор го качи во кола и го однесе во болница“ – раскажа пред шест години очевидец за Телевизија 24.

Судијката Оља Ристова на 14 јуни ќе ја соопшти пресудата за смртта на 68 годишниот Мијалчо Тодоровски.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »