Press "Enter" to skip to content

Како Општина Тетово му помогна на професорот Фатон Мурсели незаконски да гради на Шапка на туѓа земја

Во модерна викендичка на Попова Шапка се релаксира Фатон Мурсели, угледен професор од Тетовскиот универзитет, чија сопруга е претседателка на Комисијата за урбанизам во Тетово. Мрежа од геодети, општински службеници и инспектори сториле сѐ за да личи дека викендичката е легализирана дивоградба од пред 2011-та, иако истата била изградена во 2024 година. Злоупотребите вклучуваат неточен геодетски елаборат и фалисификуван инспекциски надзор. Градоначалникот Биљал Касами се оградува од случајот.

Известуваат: Иван Блажевски, Пелагија Стојанчова, Бојан Стојановски; Графика: Лука Блажев

Она што започнало како идиличен сон за планинска куќа, се претворило во разочарување за Муамет Бејтулахи, кој потекнува од тетовското село Челопек, но живее во Србија.

Во 1987 година, кога имал едвај дваесетина години, државата понудила земја за викендички на Попова Шапка.

„Плацовите не беа скапи, чинеа малку, околу 2 000 тогашни германски марки“, ни раскажа Муамет (60) за, како што го опиша, неговиот прв купен имот во животот.

Тетовска фирма му изработила и проект за викендичка. Но, во тие последни години на Југославија, тој се преселил во Србија. Следуваа транзиции, војни, па тој со години не доаѓал на Шапка. Три децении подоцна, кон крајот на август минатото лето, додека бил во земјава, добил информација дека на плацот некој друг си гради викендичка.

Ангажирал адвокат од Скопје, па на 20 август заедно се качиле на Шара и затекнале мајстори. Ги замолиле да го викнат газдата за кого работат, по што тие повикале извесен Мурсел Мурсели.

Муамет го прашал како го добил имотот, ни раскажа адвокатот Горан Илиев, на што Мурсел му одговорил дека го купил од сосед. Муамет побарал телефонски да се слушне со тој сосед. Лицето негирало дека некому му продало имот по што, како што тврди адвокатот, реагирал Мурсел:

„Не, чекај… да ти објаснам како го добив… Да не се расправаме со комшиите… Мене ми дадоа подарок, правам документи за легализација…“, ни го раскажа Илиев разговорот кој наводно следувал потоа меѓу двајцата.

По ова адвокатот заедно со Муамет отишле во полициската станица на Попова Шапка. Повикале полицајци да дојдат со нив кај плацот. Тие дошле, собрале информации и составиле известување кое неколку дена подоцна му го пратиле на адвокатот.

Но, полицајците пријавата ја завеле како кривично дело самовластие, а не како бесправно градење, ни раскажа Илиев. За тоа дело може да се поведе само приватна тужба, а за бесправно градење државата сама поведува постапка по службена должност.

Дополнително, во документот полицајците детално напишале како течел службениот разговор кај објектот:

„Од наша страна е извршен разговор со посоченото лице Мурсел Мурсели, каде што тој се изјасни дека не е инвеститор, односно за посочената викендичка инвеститор е лицето Фатон Мурсели, син на пријавениот“, пишува во полициското известување.

Полицајците навеле дека разговарале и со Фатон Мурсели (понатаму во текстот Професорот). Тој е актуелен професор на државниот Тетовски универзитет, некогашен новинар и портпарол на Општина Тетово. Тој им потврдил дека ангажирал градежни работници за да работат на викендичката. Но, рекол оти таа му припаѓа на негов роднина. Го посочил името Сали Исени од селото Нераште, за кого нагласил дека се наоѓа на привремена работа во Данска.

„Со Сали сме баџанаци. Жените ни се сестри“, ја појасни подоцна Мурсел Мурсели во разговор за ИРЛ роднинската врска со Исени.

Кога побаравме од Мурсел да ни раскаже што се случило тој ден на Шапка, ни рече дека од никого не купил ништо и оти не знае зошто го прашуваме за случајот.

Инаку, Сали Исени (понатаму во текстот Данецот) на Шапка имал и друга куќа на само два плаца од местото каде што летото се одвивале градежните работи. ИРЛ најде доказ дека во тој период Исени ниту за таа куќа сѐ уште немал имотен лист.

Една недела подоцна (на 27 август) адвокатот Илиев побарал надзор кај плацот да изврши и општинскиот градежен инспекторат од Општина Тетово. Сакале да дознаат кој стои зад целата постапка и што точно се случило.

Настаните што ИРЛ откри дека ѝ претходеле на пријавата и кои следувале потоа ниту Бејтулахи ниту неговиот адвокат во тој момент не можеле да ги насетат.

Во годините пред и по независноста, низ Македонија нелегално беа изградени повеќе од 300 000 разни градби. Станува збор за куќи, деловни, индустриски и земјоделски објекти, помошни простории, викендички и разни други градби.

За да се реши ваквата состојба, во 2011 година тогашната власт започна законски процес за нивна легализација. Во истата година беше донесен Закон за постапување со бесправно изградени објекти, а во периодот потоа беа поднесени над 360 000 барања за легализација.

Со Законот се овозможи да се легализираат објектите што биле нелегално изградени пред 3 март 2011 година.

Во 2021 година Законот претрпи измени. Првично тој имаше важност од 10 години, која истече на 3 март 2021 година. Со измените важноста на Законот беше продолжена за дополнителни пет години, овозможувајќи завршување на започнатите управни постапки.

Но, иако Законот овозможи многу објекти да бидат легализирани, тој исто така доведе до нови проблеми. Како што предупредуваа невладини организации, партии, урбанисти и архитекти, ваквото продолжување на Законот може да поттикне нови дивоградби во надеж дека во иднина ќе се легализираат.

Овие предупредувања почнаа да се остваруваат, особено во чувствителни и атрактивни подрачја, како на пример, туристички центри и планински региони. Во 2022 година ИРЛ откри дека на територијата на Националниот парк „Маврово“ била изградена цела дива населба веднаш над комплексот „Кораб Трница“.

Неточна изјава дека куќата е изградена пред 2011 година 

Како што нѐ информираа од Општина Тетово, по стартот на процесот за легализација на дивоградбите во 2011 година, добиле вкупно 14 528 барања за решавање на правниот статус на нелегални објекти.

Новинарите утврдија дека меѓу предметите кои во 2024 година биле позитивно решени, било и барањето на Данецот.

Но, истражувањето на случајот нѐ врати цели осум години назад. Прво откривме дека на 29 март 2016 година Данецот поднел барање за легализација на викендичка на Попова Шапка. Како лице за контакт го навел Мурсел Мурсели и го запишал неговиот мобилен телефонски број.

Фото ОПИС: Фатон Мурсели (Л) и Сали Исени (Д)
Фото ОПИС: Фатон Мурсели (Л) и Сали Исени (Д)

Во поднесеното барање што го видовме пишува дека со него требало да се приложат и докази дека објектот бил приклучен на струја или вода пред 3 март 2011 година или барателот да донесе изјава заверена на нотар дека објектот бил изграден пред тој датум. Данецот избрал да однесе изјава, но тоа го сторил осум години по поднесувањето на барањето за легализација.

Кај нотар во Тетово на 25 април 2024 година заверил таква изјава, а во истиот ден, но кај друг нотар, Данецот му дал полномоштво на Професорот за да го застапува во процесот на легализација.

Фатон и Ревиде Мурсели
Фатон и Ревиде Мурсели

Фатон Мурсели е актуелен универзитетски професор со претходно искуство во медиумите, односите со јавноста и социологијата. Роден и образуван во Тетово, тој денес е доцент доктор на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Тетово, каде што работи на Катедрата за социологија.

Според податоците што ги најдовме на интернет-страницата на Универзитетот во Тетово, своето високо образование го започнал на Штуловиот универзитет. Дипломирал на Факултетот за современи науки и технологии. Магистерските студии ги завршил на истиот универзитет во областа на комуникациите, а докторирал на државниот Универзитет во Тетово.

Покрај академската кариера, Мурсели претходно бил радиодописник од Тетово за Македонската радио-телевизија. Подоцна станал раководител на Канцеларијата за информации и односи со јавност во Општина Тетово, а бил и портпарол на Општината во времето на градоначалникот Сади Беџети (2009-2013).

Од 2019 година е дел од наставниот кадар на државниот Универзитет во Тетово, а од 2023 година е доцент доктор. Покрај академската работа, активен е и како коментатор во медиумите.

Муамет Бејтулахи од Србија, пак, тврди дека на тоа место, за кое вели оти било негово, во годините наназад немало куќа.

„Во 1988 година изградив темели со еден мајстор. Подигнавме три темели, како ѕидови и ги покривме, колку нешто да има. Така ни рекоа тогаш, за да не го загубам местото. Не беше куќа“, ни рече Бејтулахи.

За да го провериме ова тврдење, побаравме сателитски снимки од глобалниот интернет-пребарувач „Гугл мапс“. На нив може да се види што имало на определено место во определени години.

На снимките забележавме дека во 2016, 2017 и 2022 година на плацот нема куќа. На една од снимките може да се забележат некакви ниски ѕидови обраснати со вегетација.

Сателитска фотографија од локацијата на Попова Шапка од 2024 година
Сателитска фотографија од локацијата на Попова Шапка од 2024 година

Куќа на ова место се појавува на сателитска снимка дури во 2024 година. Тоа се дури 13 години подоцна од 2011-тата, за кога Данецот дал изјава дека таму веќе имал викендичка.

Потоа ИРЛ пронајде и четири видеа снимени со дрон на Шапка и објавени на Јутјуб. Првото, поставено во септември 2016, второто во март 2019, третото во септември 2020, а четвртото во февруари 2023 година.

И на нив се забележува дека во годините кога биле објавени на местото немало куќа, туку само некаква ниска градба.

Фотографија извадена од видео-снимка со дрон, а објавена во 2020 година покажува дека на локацијата немало куќа, иако се тврдело дека куќа има уште пред 2011 година
Фотографија извадена од видео-снимка со дрон, а објавена во 2020 година покажува дека на локацијата немало куќа, иако се тврдело дека куќа има уште пред 2011 година

Геодетски елаборат за викендичка дух

Откако Данецот поднел барање за легализација во 2016 година, геодетската фирма „Геополог“ од Тетово составила елаборат за она што измериле на теренот во 2017 година. Имено, тие запишале дека наишле на куќа со подрум, приземје и поткровје. Детално е нацртана со координати на детални точки и навеле вкупна површина од 132 квадратни метри.

ИРЛ побара и доби документи за овој предмети во Управата за катастар во Тетово. Таму го најдовме и геодетскиот елаборат од „Геополог“. На првата страница е запишан датумот 22.9.2017 година, но веднаш забележавме дека ги нема датумот и часот на дигиталниот потпис на управителот на оваа фирма, Ајдин Нуредини.

ИРЛ се обрати во компанијата КИБС (Клириншко меѓубанкарско биро-Скопје), која е еден од овластените издавачи на квалификувани дигитални сертификати за електронски потписи во земјава. Прашавме дали секој електронски потпис треба да содржи датум и час?

За да бидеме сигурни во податоците за времето и датумот во процесот на потпишување, потписот треба да е комбиниран со временски жиг“, ни одговорија од КИБС.

Појдовме во „Геополог“ во Тетово и се сретнавме со Ајдин Нуредини. За отсуството на датумот и часот на дигиталниот печат ни рече дека имале некаков дефект, но оти од КИБС им рекле да продолжат да работат.

„Имавме дефект, го пријавивме во КИБС и – ќе дојдеме, ќе дојдеме – и уште не се дојдени“, ни изјави Нуредини.

Кога го прашавме кога имале проблем со електронскиот потпис, ни рече „пред десет дена“, иако предметот за кој го прашувавме е од пред седум-осум години.

ИРЛ сакаше да најде доказ дека геодетската компанија навистина била да мери на парцелата на Шапка во 2017 година затоа што откриените видеа и податоците од „Гугл мапс“ покажаа дека таму тогаш немало куќа. Се посомневавме во антидатирање.

Во документите што ни ги дадоа од тетовскиот катастар во елаборатот на „Геополог“ најдовме друг документ на една страница со англиски зборови, но на кирилица. На него имаше податоци што нè асоцираа на географски координати.

Документ во геодетскиот елаборат со дадени географски координати од мерењето
Документ во геодетскиот елаборат со дадени географски координати од мерењето

За експертска помош се обративме до тројца геодети во Скопје од различни фирми. Откако го видоа документот, сите ни рекоа дека личи на нешто како оригинален податок од извршено теренско мерење, но според нив не е онакво како што вообичаено изгледа.

Побаравме да ни проверат што всушност покажуваат координатите што ги навела фирмата „Геополог“ во 2017 година при мерењето на Попова Шапка.

Геодетите ни одговорија дека ако наведените координати од единствената точка во овој запис се внесат во апликацијата „Гугл мапс“, тие ќе ве одведат на територијата на соседна Албанија.

Географската точка во Албанија, фото ИРЛ
Географската точка во Албанија, фото ИРЛ

Но, ни требаше уште порелевантно објаснување. Според она што ни го кажа еден од геодетите, доколку прикажаните координати се разгледаат како аголна мерка (степени, минути и секунди), тие ќе нѐ одведат во Тетово, точно на локацијата каде што е поставена станицата на МАКПОС, сопственост на Агенцијата за катастар.

Геодетските точки на МАКПОС во Македонија, фото ИРЛ
Геодетските точки на МАКПОС во Македонија, фото ИРЛ

Како што ни објасни геодетот, кој побара да не го наведуваме неговото име, при работењето со ГПС-приемниците на теренот, во ваквите записи вообичаено се појавува референтната точка од мрежата МАКПОС со чија помош се добива фиксно решение, но запишана со аголна мерка, а не со децимален број.

Геодетската точка на МАКПОС во Тетово, фото ИРЛ
Геодетската точка на МАКПОС во Тетово, фото ИРЛ

„Како и да се толкува, оваа единствена дадена координата не се наоѓа на локацијата која ви е предмет на интерес“, ни изјави тој и нагласи дека во документот не наоѓа ниту една друга точка која го носи на Попова Шапка.

Ова укажува дека во документот кој личи на оригинален податок од извршено теренско мерење не постои електронски доказ оти во 2017 година геодети од „Геополог“ биле на Попова Шапка и ја измериле куќата за која Данецот барал легализација.

ИРЛ побара од Нуредини да ни потврди дали во 2017 година при изработката на овој елаборат за куќата биле на Шапка?

„Сме биле на самото место, да. Ги пратив геометрите“, рече Нуредини во разговор со новинарите на ИРЛ.

По овој разговор, ИРЛ најде уште едно видео снимено со дрон на Шапка. Објавено е на Јутјуб во септември 2017 година, односно истата година за која Нуредини вели дека имало куќа и оти пратил геодети. И на ова видео се гледа дека на плацот нема куќа.

Среќна 2024 година за Професорот

По осум години чекање, постапката за легализација на викендичката на Данецот почнала да се интензивира во февруари 2024 година. Општинска комисија од Тетово подготвила записник од локацијата на Шапка, а потоа до јуни следувале и други чекори.

На 12 јуни Советот на Општина Тетово на седница, која е јавно објавена на интернет, изгласал да бидат легализирани 32 дивоградби. Позитивна оцена за легализација добила и дивоградбата на Данецот.

„Во врска со точка 24 од дневниот ред за легализација, беа предложени вкупно 33 легализации. Комисијата за урбанизам при разгледувањето одлучи за 32 да донесе одобрување, а за една донесе одлука да не одобри“, гласеше објаснувањето што на седницата на Советот го даде претставник од Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.

Претседателка на Комисијата за урбанизам е сопругата на Професорот, Ревиде Рамани Мурсели. Кога се одлучувало за легализацијата на објектот на Шапка, тој веќе бил овластен од Данецот во негово име да презема активности за решавање на статусот на неговата дивоградба.

Но, иако Комисијата за урбанизам донела одлука за легализациите, како што беше кажано на седницата на општинскиот совет, Рамани Мурсели ни рече дека за дивоградбите не одлучувала Комисијата за урбанизам, туку сосема друга комисија – за легализација.

„Јас ги водам постапките за планирање и немам врска со легализацијата“, изјави таа за ИРЛ.

Ревиде Рамани Мурсели кариерата како архитект ја започнува во семејната фирма „Цилебау“. Станува збор за друштво за проектирање, градежништво, транспорт, трговија и услуги. Управител бил нејзиниот татко.

На профилот на Фејсбук на компанијата во 2020 година се објавени фотографии од објектите што ги изградила, а каде што како архитект е потпишана Ревиде Рамани Мурсели.

Во 2021 година таа работи во Општина Брвеница во Секторот за урбанизам. Истата година била шеф на изборниот штаб на градоначалникот Енвер Пајазити, кој на изборите се натпреварува како независен кандидат. Претходно во неколку мандати тој бил градоначалник од ДУИ.

Но, во 2022 година, преку преземање, кариерата ја продолжила во Општина Тетово во Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.

Била вработена како советник за одобренија за градба, но градоначалникот Биљал Касами ѝ дал и други повисоки функции.

На 11 ноември 2023 година видовме дека ја задолжил да биде раководителка на Одделението за урбанистичко планирање при Секторот за урбанизам, а веќе следниот месец повторно добила нова функција. Станала претседателка на новоформираната Комисија за урбанизам, каде што се наведува дека имала и овластување за изработување и донесување урбанистички планови.

Сепак, во тој ден, и покрај позитивната одлука на општинскиот совет, постапката законски сѐ уште не била сосема завршена за Данецот да може да добие имотен лист.

Подоцна во летото следувала реакцијата на Муамет Бејтулахи од Србија и неговиот адвокат, кога на Шапка се обратиле до МВР, а потоа и во општинската градежната инспекција. Во тој момент објектот сѐ уште бил нелегален.

Но, веќе следниот месец, односно на 16 септември 2024 година, Општина Тетово ја завршила постапката. Донела решение за легализација на викендичката, а градоначалникот Биљал Касами го потпишал. По три дена, таа била запишана во катастарот и станала имот на Данецот (Сали Исени).

Но, она што следуваше потоа нѐ изненади…

Откако Исени по неколку години поминати во разни постапки пред државата конечно станал сопственик на легална модерна куќа во туристичката населба на Шапка, ИРЛ откри дека тој одлучил да ја подари.

Видовме дека на 18 октомври 2024 година тој потпишал договор за дар токму со професорот на Тетовскиот универзитет, Фатон Мурсели.

Четири дена подоцна нотарка во Тетово изработила и солемнизација. Но, во нотарскиот документ што го видовме стои дека Данецот бил застапуван преку полномошник, а тоа бил таткото на Професорот, односно Мурсел Мурсели.

На 24 октомври објектот веќе бил запишан во катастарот и Професорот станал сопственик на убава подарена викендичка на Попова Шапка.

Но, и покрај тоа што неговото име го пишува како „полномошник“ во договорот за солемнизација, Мурсел Мурсели демантираше.

„Не сум јас. Имате погрешни податоци. Полномошник е Фатон Мурсели“, рече тој за ИРЛ, иако видовме информација дека на 21 октомври тој добил полномоштво од Данецот.

На крајот од разговорот Мурсел ни рече дека ако има потреба ќе си земе адвокат.

„Ако се запре оваа постапка во ред, ако не ќе си тераме до крај“, ни најави тој.

Освен викендичка на Попова Шапка, професорот Фатон Мурсели во 2024 година добил уште еден вреден подарок. На 14 февруари лани со договор за дар станал сопственик на една четвртина од парцела во урбаниот блок 74 во Тетово.

Се наоѓа меѓу две постари згради, а во близина има подземен паркинг и засолниште.

Општина Тетово на 22 октомври 2024 донела конечен предлог-план за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план (ДУП) за дел од урбаниот блок 74, а бил опфатен и плацот каде што како еден од сопствениците е Професорот.

Било дозволено да се градат нови згради. И семејството Мурсели, како што за ИРЛ потврди чичкото на професорот, Шефат, планира на нивниот плац да се изгради зграда.

Сопругата на професорот, Ревиде Рамани Мурсели, е претседателка на Комисијата за урбанизам, тело задолжено да ги врши стручните работи во постапката за изработување и донесување урбанистички планови.

Уште во 2017 година тогашната градоначалничка Теута Арифи од ДУИ започнала со процедурата за измена и дополнување на ДУП за урбаниот блок 74. Но, Општина Тетово дури во октомври 2024 година го донела конечниот предлог-план за периодот 2017-2027 година.

„Тој предмет јас го најдов во финална фаза… Јас сум потпишана во финална фаза, значи, после сите филтри што ги поминал планот“, ни изјави Рамани Мурсели за плацот каде што еден од сопствениците е нејзиниот сопруг.

Шефат Мурсели тврди дека имотот го купиле од извесен Селман Билали. На прашањето зошто е заведено дека наследниците на Мурсели имотот минатата година го добиле на дар, тој ни одговори: „Така оди тоа, да не се плаќа данок.“

Истиот ден, на 24 октомври, со имотниот лист в рака Професорот отишол во општинската градежна инспекција во Тетово и им го покажал. Ги уверил дека објектот за кој го повикале да дојде е негов.

Но, кај инспекцијата тој требало да се појави месец и половина порано.

ИРЛ детално утврди што се случувало и со инспекцискиот надзор откако адвокатот Илиев пријавил бесправно градење. Записникот од направената инспекција помина низ неколку корекции.

Додека траеше новинарското истражување, многупати на различни начини пробавме да разговараме со Данецот за да му поставиме повеќе прашања. Контакт од него побаравме и од Фатон Мурсели, но тој ни рече: „Јас контактирав со Сали, тој не сака да контактира, сака да контактира само со надлежните органи“.

Тетовската градежна инспекција со пишман-документи

Откако адвокатот на Муамет Бејтулахи побарал на Шапка да појде инспекција, општинскиот градежен инспектор во Тетово по половина година изработил записник од надзорот.

ИРЛ по имејл праша во Општината што утврдила инспекцијата? Откако неколку дена не добивавме одговор, отидовме во Тетово каде што се сретнавме со градежниот инспектор и претставници на одделот за комуникација со јавност. Ни дадоа копија од записникот, а новинарите инсистираа да пополнат формулар за пристап до информации од јавен карактер бидејќи усно бараме таква информација. Но, службите оценија дека нема потреба од таква формалност.

Веќе следниот ден од Општина Тетово побараа да им го вратиме документот што самите ни го дадоа или во спротивно ќе поведат постапка. Наведоа дека сме го добиле на неформален начин.

Барање од Општина Тетово да им го вратиме извештајот од инспекцијата
Барање од Општина Тетово да им го вратиме извештајот од инспекцијата

Неколку дена подоцна записникот му го вративме лично на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, и добивме нов. Но, тој беше различен од првиот.

Во првиот документ што ни го побараа назад инспекцискиот надзор беше заведен како „редовен“, а во новиот стоеше зборот „вонреден“.

Различно беа заокружени и точките дали имало или немало утврдени неправилности. Во првата верзија беше заокружено: „утврдени се следните неправилности“. Но, во новата верзија беше наведено: „не се утврдени неправилности“.

Времетраењето на инспекцискиот надзор не се совпаѓа меѓу верзијата на македонски и на албански јазик и има дури три варијанти.

Инаку, инспекторот констатирал дека инвеститорот Фатон Мурсели изградил викенд-куќа и оти градежните работи се во фаза на завршување на надворешна фасада.

Професорот добил покана да се појави во општинската градежна инспекција на 10 септември 2024 година и да достави техничка документција за викендичката. Но, тој ден Професорот не се појавил во градежната инспекција. Тогаш куќата сѐ уште била дивоградба.

Корекции во записникот од инспекцијата на Попова Шапка
Корекции во записникот од инспекцијата на Попова Шапка
Корекции во записникот од инспекцијата на Попова Шапка
Корекции во записникот од инспекцијата на Попова Шапка

ИРЛ се сретна со градоначалникот на Тетово, Биљал Касами. Беше запознаен со случајот за кој се интересираме. Побаравме да го искоментира и доцнењето на Мурсели во градежната инспекција и како е можно да дојде кога сака, а не кога службите му закажале термин?

„Тој не може, ако бил во процедура, значи во тоа време тој чекал да ги заврши процедурите, да добие имотен лист и да дојде во инспекцијата да пријави дека тоа е веќе негова сопственост“, ни рече Касами.

Записникот за инспекцискиот надзор, пак, е со датум 5 февруари 2025 година, речиси шест месеци откако адвокатот и Муамет Бејтулахи побарале да се изврши инспекција.

Записникот му бил пратен по пошта на адвокатот Илиев, но од Општината и нему му рекле да го врати затоа што имало грешки.

Илиев за ИРЛ изјави дека кога бил во Тетово на 12 февруари годинава на увид добил верзија со сосема други датуми од првите два што ги добија новинарите. Официјално по пошта сѐ уште не го добил новиот документ кој од инспекцијата му ветиле дека ќе му го пратат.

За изменетата содржина на документите, Илиев објаснува дека има строго утврдена законска постапка која мора да се почитува. Членот 97 од Законот за општа управна постапка предвидува дека кога се исправаат грешки во управен акт, во случајов тоа е записник од инспекциски надзор, органот што го издава документот треба да издаде посебен управен акт за исправката.

„Забелешката ја потпишува службеното лице кое го издало управниот акт за исправката“, пишува во Законот.

Во вториот инспекциски извештај што ИРЛ го доби од Општина Тетово не беше наведено дека има исправки, иако содржината беше различна во двата документи издадени од Општина Тетово.

МВР: Фатон Мурсели можен сторител на делото самовластие

Откако во август лани полицајците од Попова Шапка го завршиле разговорот со Мурсел и Фатон Мурсели за плацот каде што се вршеле градежните работи, во известувањето до адвокатот додале уште еден ред.

„Ве информираме дека како можен сторител на делото е лицето Фатон Мурсели и дека делото се гони по приватна тужба“, напишале припадниците на МВР.

„Вила 378“ – пишува денес на дрвена ознака закачена како добре дојде покрај влезната порта на модерно изградената викендичка на Професорот. Објектот е и под видеонадзор. Пред влезот видовме палета со бехатон-плочки, веројатно за уредување на тротоарите околу куќата. Новинарите заѕвонија за да се сретнат со домаќините. Никој не отвори.

Последно, пред Нова година, видовме дека Професорот поднел барање за отуѓување на државното земјиште под куќата. До крајот на февруари во имотниот лист не пишуваше дека земјиштето станало негово.

Кога пред неколку дена повторно зборувавме со Муамет Бејтулахи од Србија, ни рече дека е свесен оти можеби води веќе загубена битка.

 „Можеби некогаш ќе се реши, можеби нема да се реши. Но, тоа е емотивно место за мене“, ни рече тој.

Како што додава адвокатот Илиев, новите газди на местото се покажале како гостопримливи на крајот од разговорот со неговиот штитеник.

„Имаше понуди ‘ако сакаш да ми простиш, слободно дојди, вратата ти е отворена. Кога сакаш можеш да преспиеш, исто како да си дома’“, вели тој.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, коментирајќи го случајот со легализацијата на оваа куќа, ни нагласи дека тој ги гледа документите на крајот од постапката. Тука не видел ништо спорно, а одлучувал врз основа на информациите што ги добивал од соработниците.

„Јас не можам да утврдам дали некои документи се вистинити или не. Тоа е друга процедура и друг орган може да го утврди тоа“, изјави Касами.

Во Општина Тетово нѐ информираа дека кај нив решение чекаат уште околу 2 000 барања за легализација на дивоградби.

ИРЛ имаше на увид едно одобрение за градба што Ревиде Мурсели Рамани административно го изработила, а во кое основниот проект го подготвила фирмата „Цилебау“ каде што управител е нејзиниот татко.

Станува збор за барање за одобрение за реконструкција и надградба на објект, кое го поднело лицето Ељмедин Р. Тој претходно за истиот предмет ѝ дал полномоштво на фирмата „Цилебау“ да презема правни дејствија во негово име.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, за ИРЛ нагласи дека во ситуации кога има можност за конфликт на интереси, вработените во Општината се изземаат од постапката.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.