Викендичката на Попова Шапка на универзитетскиот професор Фатон Мурсели била легализирана со нелегален геодетски елаборат. Агенцијата за катастар утврди дека документот е незаконски со невалиден дигитален потпис, а геодети воопшто не биле на Попова Шапка за да извршат геодетско мерење. Но и покрај ваквите пропусти, легализацијата на викендичката ги поминала сите филтри во Општина Тетово и никој не увидел фалсификат.
Известуваат: Пелагија Стојанчова; Иван Блажевски, Графика: Лука Блажев
Од Агенцијата за катастар ги потврдија наодите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) дека имало неправилности во постапката за легализација на диво изградена викендичка на Попова Шапка. Таа е сега во сопственост на угледниот универзитетски професор на државниот Тетовски универзитет, Фатон Мурсели.
Имено, ИРЛ на почетокот на март објави сторија во која откри дека професорот Мурсели во 2024 година добил на подарок модерна викендичка на Шапка.
Легализацијата на објектот почнала во 2016 година кога лицето Сали Исени од тетовското село Нераште, роднина на Мурсели, поднел барање за легализација. Со нотарска изјава потврдил дека викендичката е изградена пред 2011 година, услов што се бараше со Законот за легализација на дивоградбите.
Но, ИРЛ откри дека на плацот немало куќа сѐ до 2024 година. Информациите за злоупотреби вклучуваат неточен геодетски елаборат, фалисификуван инспекциски надзор, но и известување од МВР дека Фатон Мурсели е можен сторител на кривичното дело самовластие.
Потписот невалиден, се мерело во Тетово, а не на Попова Шапка
Во геодетскиот елаборат кој бил дел од неопходната документација за легализација на дивоградбата, ИРЛ откри дека на дигиталниот потпис на Ајдин Нуредини, управител на геодетската фирма Геополог од Тетово којашто наводно во 2017 година го изготвила елаборатот, нема датум и време кога е употребен.
Од Агенцијата за катастар за ИРЛ информираа дека откако изминативе недели извршиле проверка во нивниот систем утврдиле оти овој електронски потпис на документот е невалиден.
„Од дигиталниот потпис на документот се гледа „Signature is INVALID. Signing Time: 2024-09-11 08:49:48* ООО”, па Секторот за ИКТ не може да констатира валидност на сертификатот, а со тоа не може да констатира и валидност на времето на потпишување“, соопштија од Агенцијата за катастар за ИРЛ.
Дополнително, во геодетскиот елаборат новинарите најдоа и страница што личи на оригинален податок од извршено геодетско теренско мерење. Но, таму не најдовме електронски доказ оти во 2017 година (датум којшто е наведен на документот) геодети од „Геополог“ биле на Попова Шапка и ја измериле куќата за која Сали Исени барал легализација. Но, му изготвиле елаборат во кој е наведено дека во 2017 година на плацот имало куќа од 132 квадрати.
„Трговското друштво за геодетски работи ‘Геополог’ Тетово се има конектирано на МАКПОС системот на ден 22.09.2017 година и има спроведено ГНСС мерења на КП 5552/2 КО Тетово 2“, утврдил Секторот за информатички и комуникациски технологии при Агенцијата за катастар.
Ова значи дека од геодетската фирма тој ден во предметот за легализација на дивоградбата на Сали Исени воопшто не мереле на Шапка. Но, Нуредини во изјава за ИРЛ тврдеше дека во тој ден геодети од фирмата биле во ски-центарот.
Катастарската парцела КП 5552/2, КО Тетово 2 која ни ја посочија од Катастарот е всушност во рамките на самиот град Тетово, а не на Шапка.

ИРЛ се сомнева дека за овој случај во геодетската фирма Геополог било сторено антидатирање. Антидатирање е процес при кој документ или договор се означува со датум кој е претходен на вистинскиот датум на неговото создавање или потпишување.
Тоа би значело дека елаборатот не бил изготвен во 2017 година, затоа што тогаш на локацијата немало куќа, туку дури во 2024 година откако викендичката била незаконски изградена на државна земја. Но, сепак, овој елаборат послужил Општина Тетово да издаде решение за легализација на дивоградбата.
Од Катастарот појаснија за ИРЛ дека согласно член 41 од Законот за прекршоците, прекршочна постапка за овој случај сега не може да се поведе, ниту да се води ако поминат две години од денот кога е сторен прекршокот.
ИРЛ веќе објави и сателитски снимки од глобалниот интернет-пребарувач „Гугл мапс“. На нив може да се види што имало на определено место во определени години. Забележавме дека во 2016, 2017 и 2022 година на плацот немало куќа. Таа се појавува дури во 2024 година. Потврда за тоа добивме и од пет видеа снимени со дрон на Шапка и објавени на Јутјуб во 2016, 2017, 2019, 2020 и во 2023 година.
Новинарите најдоа и дополнителен доказ дека во 2017 година на плацот каде што сега се наоѓа куќата на професорот Мурсели, немало дивоградба. Имено, во конечниот предлог-урбанистички план за период 2017- 2027 година за Попова Шапка и за катастарските општини Лисец и Гајре, сегашната викендичка на Фатон Мурсели е обележана со жолто квадратче со точки. Според легендата, тоа означува бетонска плоча. Дивоградбите се означуваат со два поинакви симболи и со црна боја. За нелегален објект да биде легализиран треба да претставува функционална, односно завршена целина.
Откако Општина Тетово донела решение за легализација на викендичката, барателот на легализацијата, Сали Исени, за неколку недели му ја подарил на професорот Фатон Мурсели. Неговата сопруга Ревиде Рамани Мурсели работи во Секторот за урбанизам во Општината и е претседателка на општинската Комисија за урбанизам во Тетово.
Во Агенцијата за катастар во тек постапка за Нуредини и „Геополог“
Откако ИРЛ ја објави сторијата за оваа спорна легализација на Шапка до нас се обрати адвокат од Тетово кој застапува клиент за сосема друг предмет и за друго населено место. Но, она што ги спојува двата случаја е токму фирмата „Геополог“, односно нејзиниот управител Ајдин Нуредини.
Од документацијата во која имавме увид, видовме дека адвокатот во септември 2024 година побарал од Агенцијата за катастар да изврши вонредна инспекција во „Геополог“ под сомневање дека во геодетски елаборат од фирмата вцртале објект кој не постоел во времето за кога се тврдело.
ИРЛ од Катастарот побара информација и за овој случај. Прашавме дали била донесена некаква одлука за постапувањето на „Геополог“, односно за Ајдин Нуредини? Ни одговорија дека бил констатиран прекршок, фирмата и Нуредини платиле казна, но нагласија оти случајот е сѐ уште отворен.
„Во согласност со одредбите од Законот за катастар на недвижности, поведена е постапка за Друштвото и овластениот геодет кои постапки се во тек и за истите ќе можеме да дадеме информации по завршување на постапката“, нѐ информираа од Катастарот.
Нуредини во минатото веќе бил во суд за случај со наводна незаконска легализација и приватизација на државно земјиште во Тетово. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, делото било сторено во периодот 2011-2012 година, истрагата отворена во 2019 година и поднесено обвинение. Во обвинението се наведува дека двајца од обвинетите со умисла го поттикнале Нуредини да изработи геодетски елаборат во кој бил прикажан непостоечки објект. Со измените на Кривичниот законик од 2023 година кривичната постапка запрела поради застарување на делото.
ИРЛ повторно се обрати во Општина Тетово. Прашавме дали поради неправилностите кои ги утврди Агенцијата за катастар во геодетскиот елаборат се спремни да го поништат Решението за легализација на споменатиот објект? Одговор не добивме.