Судењето за случајот „Слимлајн“ и продажбата на суплементи за слабеење со опасниот „сибутрамин“ конечно заврши. По четири години поминати по судници, десетина одложувања и променет обвинител, процесот конечно завршува. Завршните зборови на обвинителството откриваат дека компанијата продавала и суплементи со поминат рок во Косово откако биле вратени од македонските аптеки.
Обвинителството ги гонеше фирмата „СЛЦ Груп“ и управителката Андријана Павловиќ за измама на потрошувачи затоа што иако знаеле дека нивни производ имал штетна состојка сибутрамин тие тоа не го навеле на декларацијата и ги довеле во заблуда сите оние граѓани кои го купиле производот за слабеење на „Слимлајн“. Одбараната побара ослободителна пресуда. Судот одлуката ќе ја соопшти во вторник на 27 декември.
Прочитај го истражувањето на ИРЛ кое откри како овие суплементи се дистрибуираат на интернет од инфлуенсери со голема база на следбеници. По широките реакции во јавноста, обвинителот од овој случај беше сменет поради непостапување и беше назначена нова обвинителка.
Доколку судот ги прогласи за виновни, „СЛЦ Груп“ ќе се соочи со парична казна и времена забрана за вршење на дејност. Управителката на фирмата Андријана Павловиќ може да добие парична казна но и затвор до три години. Во завршен збор, обвинителката Наташа Крстева – Целева рече дека кај обвинетите не постои чувство на вина и на каење и побара судот да ги прогласи виновни за дело измама на потрошувачи. Крстева – Цалва истакна дека релевантни институции потврдиле дека додатоците за храна кои ги продавала „СЛЦ Груп“ содржеле недозволива и небезбедна супстанца – сибутрамин. Обвинетите иако го знаеле тоа сепак на декларациите на производот не навеле дека суплементот кој агресвно го рекламираа има недозволена супстанаца ризична по здравјето на оние кои ќе одлучат да го купат.
Додека сте овде ве молиме гласајте за вашиот омилен антагонист од серијалот Редакција на овој линк.
Според обвинителката две лаборатории, Центарот за јавно здравје и лабораторијата „ЦХ-ИХТМ“ во Белград акредитирана за испитување на сибутрамин, потврдиле дека во производот кој го продавале „СЛЦ Груп“ била пронајдена оваа штетна состојка. Ракометарот Горан Кузмановски кој е жртва во овој случај не знаејќи што точно содржат таблетите за слабеење „Слим лајн адванс“ ги консумирал летото во 2018 година. По 25 дена користење, тој паднал на допинг тест. Во неговиот организам била пронајдена забранетата супстанца сибутрамин која ја имало во таблетите, а не била наведена во декларацијата. Според Крстева Целева, во доказите кои ги приложила одбраната од лабораторијата „Глобал тест“ од Бугарија не било познато кој стандард бил запазен. Во оваа анализа нарачана од обвинетите, не била пронајдена супстанцата сибутрамин. Обвинителката исто така се осврна на исказот во суд од сопственичката на компанијата Марија Костова во однос на постапката за увоз и пуштање во употреба на овој додаток на исхрана – постапката била нејасна и контрадикторна, а на сертификатот кој го доставувал производителот за увоз на овие суплементи не пишувало јасно, кој стои зад тој сертификат.
„Доказите кои ги понуди одбраната се некредибилни, а токму врз основа на нив било направено и барањето за увоз и пуштање во употреба на овие додатоци. Исто така, обвинетата Андријана Павловиќ наместо да стави крај на тоа што се случувало претходно со овие додатоци за исхрана, тие ги повлекле производите од аптеките низ државите со образложение за поминат рок, но наместо да ги уништат не им било проблем истите тие производи да ги продаваат во Косово. Обвинетата потврди дека нивните производи биле пакувани во државава, со што се поставува прашањето какви декларации биле ставани на нивните производи, каде се произведувале и кој воопшто можел да го контролира нисоставот на овие суплементи после сите нерагуларности кои се нотирани во нивните производи “, истакна обвинителката Крстева Целева.
Во завршните зборови адвокатите на обвинетите кажаа дека обвинителството и ракометарот Кузмановски се оние кои што се обидуваат да манипулираат со судот и дека обвинението против „СЛЦ Груп“ и управителката Павловиќ обвинителството не успеало да ги докаже. Според нив, компанијата „СЛЦ Груп“ ги запазила сите законски процедури за увоз и пуштање во промет на таблетите за слабеење „Слим лајн адвнс“, додека пак обвинетата управителка Павловиќ воопшто не била назначена за управител во 2017 година, кога овие капсули биле увезени во државата. Управител на фирмата таа станала дури една година подоцна. Адвокатите дополнително испратиле примерок од таблетите на тестирање во Бугарија и тамошна лабараторија утврдила дека тие не содржат сибутрамин.
„Производителот, овие производи не ги произведува екслузивно за Слимлајн интернационал, туку истите се произведувале и за други дистрибутери. Во нашата држава во Централниот регистар на лекови сибутраминот не фигурира како лек, но и нема донесено решение дека оваа состојка се смета за забранета. Иако ние и покрај ова велиме дека во овие производи нема сибутрамин и доставивме доказ за тоа“, кажаа адвокатите на обвинетите во завршен збор.
Адвокатите на „СЛЦ Груп“ и на обвинетата управителка Андријана Павловиќ исказите на вработените во Агенцијата за храна и ветеринарство ги оценија како паушални. За изманипулираниот ракометар Горан Кузмановски корисник на нивните производи за слабеење со штетниот сибутамнин, одбраната со контра аргументи – тој лажел и манипулирал. Според нив, кога тој одлучил да ги пие таблетите на Слимлајн не бил во врвна форма ниту пак го достигнал зенитот во кариерата – напротив затоа земал сублементи за слабеење а освен таблети од „СЛЦ Груп“ се сомневаат дека земал и некои други препарати за да ја одржи формата.
Завршни зборови кажа и оштетениот Кузмановски кој посочи дека целиот живот му се променил, а кариерата му завршила благодарение на тоа што ги земал овие капсули. Обвинетата Андријана Павловиќ рече дека не чувствува вина. Немала умисла и цел да измами никого.
Во архивата на скопскиот Кривичен суд во 2018 година заведена е правосилна пресуда против Марија и Ѓоре Костовски, тогашни сопственици на фирмата „Слим Лајн Интернационал“, сегашна „СЛЦ Груп. Тие се осудени на казна затвор од три години или условна казна од една година за производство и тргување со штетни прехрамбени продукти. Пријавата во обвинителството стасала од две вработени во „Слимлајн“ и уште едно лице кои ги конзумирале производите и почувствувале последици по нивното здравје.
„Обвинетите свесно пуштале во промет производи за кои знаеле дека содржат состојка сибутрамин која е штетна по здравјето на луѓето, иако претходно имале добиено одобрение за пуштање во промет, кое било добиено на база на декларација која стоела на производот, врз основа на која биле вршени анализите на Ветеринарниот факултет, пред добивање на дозвола за увоз, но по извршените инспекциски контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и анализите од страна на Институтот за јавно здравје, напротив се докажало дека истите содржат сибутрамин“, пишува во пресудата од Апелациониот суд во 2018 година во која ИРЛ изврши увид.
Во меѓувреме, Марија и Ѓоре Костовски го менуваат називот на фирмата „Слим Лајн Интернационал“ и во 2019 година година почнуваат да работат како „СЛЦ Груп“. Продолжаат да увезуваат производи од Кина и ги продаваат под истиот бренд.