Press "Enter" to skip to content

„Златна касичка“: Наградата што никој не сака да ја добие

Помогнете му на вашиот омилен антагонист да ја добие наградата „Златна касичка“

Тимот на ИРЛ го создаде проектот „Редакција“, а за наша среќа, на граѓаните им се допадна она што го правевме. Токму вашата поддршка и доверба помогна овие важни откритија да допрат до мнозинството и да ги притиснат институциите да реагираат. Нѐ чекаат уште многу заеднички битки за вистината, а за крајот на годинава смисливме еден поинаков начин тој притисок да може да живее и во празнична атмосфера. 

Оваа година ИРЛ ќе додели награда за омилен антагонист од истражувачкиот документарен серијал „Редакција“ и од Вас бараме да ни помогнете да го избереме. Конечниот победник ќе биде базиран на онлајн гласање на граѓаните, а на овие избори ќе примениме прост мнозински модел. Во селекцијата влегуваат сите бизнисмени, политичари, лукративни ликови кои биле дел од истражувањата на тимот на ИРЛ во епизодите на документарниот серијал „Редакција“. 

Помогнете му на вашиот омилен антагонист од Редакција да ја понесе победата и да ја добие оваа стилска касичка за штедење во форма на златно прасе. Прочитајте кои се номинираите и на крајот на овој текст дадете го својот глас за оној негативец кој оставил најмногу импресии врз вас. 

Наградата ќе ја доделиме на последниот поткаст „Разговор во Редакција“ за оваа година кој ќе се емитува на 29ти декември во 20:15 часот на МРТ1 и YouTube и Spotify каналите на ИРЛ.

НОМИНИРАНИ КАНДИДАТИ

1. Ванчо Чифлиганец, сопственик на градежната компанија „Адора“


Номиниран за „Изгубени во премерот“

Бизнисмен, политичар, банкар и филантроп. Човек кој безусловно сака да им помага и да им прави добро на луѓето. Во зборовите на академик Владо Камбовски, „Ванчо е творец, Ванчо е бог“.

Номинацијата за оваа награда е за улогата во документарниот филм „Изгубени во премерот“. Истражувањето покажа како градежната компанија „Адора“ на граѓаните им продавала станови со помала квадратура од онаа запишана во имотните листови.

2. Жан Митрев, кардиохирург и сопственик на клиничката болница „Жан Митрев“


Номиниран за „Нечиста крв“

Кардиохирург, претприемач и успешен корисник на државни фондови. Себеси се претставува како лош бизнисмен, а добар доктор. „Медицината не може да биде бизнис”, вели доктор Митрев. Во јавноста предизвика револт со цените за приватно ковид лекување кои доведоа до рекордни профити на неговата болница.

Номинацијата за оваа награда ја добива за документарниот филм „Нечиста крв“. Истражувањето покажа дека со помош на купени титули, државни пари и длабоки конекции со политичкиот естаблишмент, докторот профитирал за време на пандемијата лажејќи дека го има магичниот третман за КОВИД 19 - третман кој се покажал опасен по живот.


во соработка со Кочо Анѓушев, поранешен вице-премиер за економски прашања и Изудин Ахметлич, сопственик на босанската компанија „Хифа оил“

Номиниран за „Заговор против воздухот“

Ова трио го чинат компанија на босански олигарх, кој продава опасен загадувачки мазут, македонски локален претприемач кој го купува и македонски вицепремиер за економија којшто преку својата позиција и контакти овозможувал да се реализираат ваквите зделки.

Номинацијата за оваа награда ја добиваат за улогата во документарниот филм „Заговор против воздухот“ којшто откри дека преку ваквата зделка се дистрибуирале стотици илјади тони опасно отпадно масло чии крајни корисници биле македонски државни институции меѓу кои и болници за деца и бебиња.


во соработка со Висар Ганиу и Изет Меџити, градоначалници на општина Чаир

Номиниран за „Титаник од Серава“

Градител и инвеститор на најголемата дивоградба во Скопје зградата која чаирчани ја нарекуваат „Титаник“. Сабедин Буши пријавил дека ќе гради еден објект од четири ката, но случајно изградил два соседни објекти од дванаесет ката. Во ова му помогнала чаирската општинска администрација преку двајцата свои видни членови на владејачката партија ДУИ.

Номинацијата за оваа награда ја добиваат за улогата во документарниот филм „Титаник од Серава“. Новинарите открија шокантна измама која резултирала со стотици измамени семејства принудени да живеат во супстандардни и ризични по живот услови во овој објект.

5. Минчо Јорданов, бизнисмен и политичар


Номиниран за „Швајцарски тајни“

Го нарекуваат тајкун, олигарх, транзициски бизнисмен. Тој е поранешен комунистички државен службеник, бизнисмен и поранешен заменик-премиер. Сопственик е на градежната компанија АД „Бетон“, фабриката за метални конструкции „Факом“, а има удели и во фабриката „Макстил“. Активен е и во хотелиерската, болничката и медиумската индустрија.

Номинацијата за оваа награда ја добива за улогата во документарниот филм „Швајцарски тајни“. Истражување кое произлезе од протечените банкарски сметки од швајцарската банка „Кредит свис“, каде Јорданов сокрил повеќе од 10 милиони швајцарски франци.


во соработка со инвестицискиот фонд „Мајлстоун“ од Ислан

Номиниран за „Швајцарски тајни“

Хуманист и сопственик на првиот приватен и најпрофитабилен ланец аптеки во оваа држава „Зегин“. Самиот се претставува како човек од народот и за неговото име и брендот Зегин во медиумите ќе слушнете најчесто само добри работи. Дел од парите за приватизацијата на „Градски аптеки“ доаѓаат од партнерите на Механџиски - озлогласени исландски банкари од групацијата „Мајлстоун“.

Номинацијата за оваа награда ја добива за улогата во документарниот филм „Швајцарски тајни“. Истражувањето покажа како парите од измамените исландски граѓани биле користени и со години незаконски се криеле на банкарските сметки на Благој Механџиски во швајцарската банка „Кредит свис“.

7. Ларс Клинг, сопственик на казиното „Аполонија“


Номиниран за „Швајцарски тајни“

Еден од најголемите бизнисмени во светската казино индустрија, ко-сопственик на групацијата „Чери“. Тој е првиот странски инвеститор во независна Македонија во 1991, основач на казиното „Аполонија“ во Гевгелија.

Номинацијата за оваа награда ја добива за улогата во документарниот филм „Швајцарски тајни“. Истражување кое откри дека сметки во швајцарската банка „Кредит свис“ биле користени за со години успешно да се скрие данок од македонските институции.

[ays_poll id=4]
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »