Министерот за финансии Фатмир Бесими за кредитот од 100 милиони евра рече дека бил за поддршка на компанијата и за зелени инвестиции. Но, пропушти да образложи каква е оваа поддршка. Не за зелени инвестиции, туку буквално за опстанок на компанијата која што е речиси неликвидна и едвај и да произведува енергија за населението, па мора да увезува скапа струја.
Според соопштението на ЕБОР, „Северна Македонија е значително зависна од увоз на енергија и имала проблем поради високите цени, а парите ќе помогнат компанијата да ја одржи ликвидноста бидејќи поради високите цени државата имала проблем со увозот на струја“. Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, на денешниот прес тврдеше дека овој кредит е своевиден успех којшто ќе ја поддржи зелената транзиција. И тој и директорот на ЕСМ Васко Стефанов ниту еднаш не споменаа дека парите им требаат за ЕСМ да може опстане.
Според директорот на ЕСМ, Васко Стефанов, АД ЕСМ продолжува да се движи кон „зеленото сценарио“.
„Планирани се повеќе проекти кои сериозно ќе влијаат земјава да биде енергетски независна. Поддршката и соработката со институции како ЕБОР се од клучно значење и ќе придонесат за побрза и полесна транзиција кон ‘зелената’ агенда, со заложба за транзиција кон чиста енергија која има цел намалување на стакленичките гасови за 61 процент“, наведе Стефанов на прес-конференцијата по повод потпишувањето на договорот.
Според Бесими, државата е на вистинскиот пат: „Договорот уште еднаш покажува дека владата има сериозен пристап во справувањето со енергетската криза“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
ЕБОР во соопштението до јавноста пишува дека „ЕСМ се соочува со голем јаз во ликвидноста на работењето на компанијата. Кредитот на ЕБОР ќе помогне во справување со потребите на ликвидноста на ЕСМ, намалување на отпорноста кон дополнителната поддршка на Владата, и овозможува компанијата за има финансиски обрт за поддршка на инвестицискиот план на капиталот“.
ИРЛ му постави прашања на директорот Стефанов зошто заемот кој е потребен за ЕСМ да може да работи е претставен како заем за нови инвестиции, на што тој ни одговори со точниот пресек на средствата по ставки по кои ќе се трошат парите.
ЕСМ има 4,600 вработени, а од овие 100 милиони евра 20 милиони евра ќе се потрошат за плати и покривање на основни трошоци кои не се поврзани со производство на електрична енергија од фосилни горива а кои се настанати од тековното работење на компанијата. Со дел од парите или 55 милиони евра ќе се увезува струја, а 24 милиони евра ќе се потрошат за ЕСМ да враќа стари кредити.
ИРЛ минатата година работеше на повеќе истражувања за да ги лоцира вистинските причини зошто државата нема доволно производство на храна и струја.
Истражувањата и анализите може да ги погледнете на следните линкови.