Press "Enter" to skip to content

Високата цена на неказнивоста

Ова не е статија за деталите од свирепото убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, туку брутален потсетник посветен на жртвите кои не мораше да ги има aко имаше систем и правда.

Кога Љупчо Палевски беше физички нападнат пред неговиот дом во 2020 година, најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ јавно бараа заштита за Палевски од институциите. Во нивните апели имаше дури и заложби дека правда ќе има и дека доаѓа крај на неказнивоста. Истите политички партии кога во раце ја имаа власта пропуштија да гарантираат ефикасни истраги за Палевски. Во изминатите најмалку 23 години тој беше сомничен за низа кривични дела: oд даночно затајување, нелегално градење, па се до загрозување на безбедноста на државата. Голем дел oд овие истраги ги следеа  сомнежи за намерно саботирање со цел спас на едно сомнително лице кое долги години ужива заштита од прогон.

Убиствата на малолетничката Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, како во ниту еден случај досега, брутално ги демонстрираа далекусежните последици од системот кој промовира неказнивост – појава која е во центарот на критиките на Европската комисија во сите извештаи кои го евалуираат напредокот на владеењето на правото во  државата.

Љупчо Палевски Палчо е „автор“ на првата дивоградба во земјата која и денес стои како потсетник дека на некои им се може се’, дури и кога злоупотребите се очигледни. Сомнежите дека таа заштита ја овозможуваат високи структури во политиката и во правосудниот систем, се зацврстија кога тој се извлече од одговорност за дистрибуција на прислушувани разговори и изнуда и рекет на економски и политички моќни лица во истраги кои никогаш немаа судски завршници.

Љупчо Палевски Палчо бил обработуван и следен и од безбедносните служби, дотаму што полицијата во 2017 година му дојавила на тогашното СЈО дека тој ги поседува прислушуваните разговори и со нив рекетира високопрофилни лица. Предистрагата била саботирана и пред претресот тој подготвено ги чекал обвинителите и полицијата. По две години кога дури и јавно на плоштадот во Прилеп ги пуштал снимките на разглас, успеал да  се извлече со условна казна. Истрагата на обвинителството воопшто и не го вклучила прашањето како ова лице ги добило овие снимки кои биле сопственост на Специјалното јавно обвинителство.

Палевски бил осомничен во многу предмети поврзани со даночно затајување, нелегално поседување на приватни разговори, објавување доверливи документи, лажно пријавување, фалсификување, нелегално носење на оружје. Имал неколку пресуди, но сите биле условни казни. Никогаш не бил во затвор. И за последното двојно убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во кој е првоосомничен, Палевски успеа да побегне од земјава.

Фото: Фејсбук Љупчо Палевски
Фото: Фејсбук Љупчо Палевски

Неговата официјална биографија го портретира како бизнисмен, претседател на градската организација на СДСМ Скопје, сопственик на неделникот „Старт“ и на првата спортска телевизија „Канал 4“, автор на поткаст и основач на политичката партија Десна. Истовремено во досиејата на истражните органи, МВР и Јавното обвинителство, бил предмет на истраги за десетици кривични дела. Најголем дел од случаите завршиле без обвинение, а оние во кои е осуден добил само условна казна.

Министерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција на новинарско прашање рече дека Палевски во полициската евиденција немал потешки кривични дела.

„Против него имаше неколку постапки и тоа се прекршочни постапки, за една постапка која беше на територијата на ОВР Прилеп има покренато кривична пријава“, изјави министерот Спасовски на денешната прес-конференција.

Министерството за внатрешни работи подоцна ја коригираше изјавата на Спасовски и испрати соопштение во кое беа наведени повеќе кривични дела за кои има пријави против Палевски.

Историја на неказнивоста

Палевски за првпат е регистриран во МВР во 2000 – та година за даночно затајување. Во 2002 година полицијата му поднесува кривична пријава за лажно пријавување на кражба од неговата фирма „Упа Ентерпрајс“.

Во 2005 година МВР му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување на документи. Според судските архиви, пресудата е изречена во 2007 година. Палевски заедно со уште едно лице се осудени на казна затвор од по 8 месеци, или условна казна од две години ако не сторат ново кривично дело.

Во 2017 година Палевски бил предмет на истрага на тајните служби. Тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање до Специјалното јавно обвинителство доставува допис за активностите на Палевски и информација дека нелегално поседува прислушувани разговори. Според изворите на ИРЛ, акцијата на СЈО наречена „Тесла“ била саботирана и при извршените претреси во неколку објекти поврзани со Палевски не биле најдени доволно докази.

„На првиот закажан претрес обвинителот и полицијата бевме вратени назад од паркингот на СЈО со образложение од шефицата Катица Јанева дека сега не било правото време за претрес. Сомневањата дека постои притисок веднаш се отворија, но немавме што да направиме. Кога по неколку дена ни беше дозволено да одиме на претрес, тој не чекаше подготовено со исчистени хард дискови. Беше фрустрирачки“, вели извор во полицијата којшто поради заштита од одмазда ќе остане анонимен.

Овој случај во Специјалното јавно обвинителство беше во предистрага и по згаснувањето на СЈО беше предадено во Државното јавно обвинителство. Понатаму овој случај е распореден кај обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но ИРЛ не доби официјална информација дали понатаму е постапувано по предметот. „Не знаеме, ќе провериме што биднало“, кусо одговори лице од секторот за односи со јавност во Основното јавно обвинителство.

Обвинителството не ги обезбеди прислушуваните разговори, а Палевски продолжи јавно да ги објавува. Во 2019 за време на изборната кампања за претседателски избори во Прилеп заедно со уште неколку лица Палевски организираше собир на кој на разглас пушташе нелегално прислушувани разговори. Во разговорите се појавија гласови на актуелни и поранешни функционери. Полицијата во Прилеп му поднесе кривична пријава. Од Јавното обвинителство за ИРЛ одговорија дека за овој случај има условна осуда за Палевски. Вложена е жалба од обвинетиот и ново рочиште е закажано за февруари следната година. Ова обвинителство не навлегло во расветлувавање на фактот како овие снимки дошле кај него, ако се има предвид дека нелегално прислушувани материјали законски се сопственост единствено на јавното обвинителство.

Претседателката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, вели дека за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски виновни се државните органи кои до сега не сториле ништо за Палевски да биде казнет за кривичните дела. Љупчо Палевски – Палчо одамна требаше да лежи во затвор, вели Пировска.

„Поради неговите конекции со сите важни структури, до денес успеа да стигне и до тоа да изврши убиство на малолетно девојче. Сега сите го плаќаме данокот на сите власти до сега кои не можеа да се справат со било каков криминал, а особено не со тие кои им служеа за криминални дејствија. Еве тие луѓе што прават денеска и ова е пример како резултира системот на неказнивост“, изјави за ИРЛ Уранија Пировска.

Партиски молк за неправдите во општеството, но кога Палевски бил нападнат барале правда

Кога во 2020 година Палевски беше нападнат со метален предмет кај неговиот дом во близина на трговскиот центар Буњаковец во Скопје, нападот јавно го осудија и власта и опозицијата. Во тој период Палевски беше претседател на движењето „Трета“, а СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со огласија со соопштенија во кои го осудија насилството и бараа сторителите да бидат санкционирани.

„Времето на неказнивост на насилството одамна заврши, сега е време на одговорност и секој што сторил насилство ќе се соочи со законите и правдата“, соопштија од СДСМ.

Осуда за нападот упати и лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„И да не се залажуваме, власта многу добро ги знае сторителите и нарачателите на ваквиот крвав напад. Ако владата не го расветли инцидентот во најбрз можен рок, тогаш народот треба да знае како да се самозаштити во иднина“, изјави Мицкоски.

Истата година во јули на прес-конференција Палевски презентираше доверливи документи од Управата за контраразузнавање и службени белешки. Делови од класифицирани документи продолжи да објавува и на Фејсбук, меѓу кои и транскрипти од разговори со цели на тогашната УБК.

Во март 2021 Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен предлог против Љупчо Палевски за продолжено кривично дело оддавање службена тајна. Но, и овој случај нема никаква разрешница.

„Ја признавате содржината на службената тајна, а содржината е прислушување на сите активисти на ’Бојкотирам‘. Од што сте во паника и сте раскрадени по цел ден не можете никого веќе да исплашите, а мене воопшто“, изјави Палевски.

Последен пат Палевски во полицискиот билтен е заведен во мај годинава кога во непосредна близина на тунелот Демир Капија – Јаворица, полициски службеници од него одзеле пиштол кој го носел без дозвола. Во јавноста немаше пристап до многу медиуми, но неговите радикални ставови, промовирањето на национализмот и говори на омраза слободно ги споделуваше на социјалните мрежи, на повеќе Јутјуб канали и беше чест гостин на интернет порталот Инфомакс. Според главниот уредник на неделникот „Фокус“, Влатко Стојановски, Палевски е уште една од низата „грешки“ на системот, кој по којзнае кој пат се покажува како премногу толерантен кон докажани насилници и криминалци.

„Долгогодишната политика на неказнивост овозможува дел од нив да хибернираат во општеството како примерни граѓани, а други дури и да еволуираат од „обични“ измамници до сурови убијци. Токму таков е случајот со Палчо, кој иако повеќе пати бил во судир со законот, а денес разбравме дека и моментално е под активна кривична пријава, без никаква пречка и проблем партиципираше во политичкиот живот и на бизнис сцената, па дури и креираше јавно мислење, добивајќи пристап до повеќе медиумски платформи, каде ширеше пропаганда и говор на омраза“ , вели Стојановски.

Новинарот Сеад Ризвановиќ предупредува дека Палески не е единстен кому системот му допуштил да постојано да се извлекува и дека демнат и други опасности од други лица кои ужуваат заштита.

„Палевски во меѓувреме води политичка партија, води поткасти, цело време шири говор на омраза на секоја основа. На религиска, на етничка, отворено го поддржува Путин во поглед на Украина и тој е од институциите и државата да прави што сака и еве што се случи. Сето ова се случи поради непостапување на државата. Палевски е само еден пример, а има многу други такви кои и сега активно истото го прават“, вели Ризвановиќ за ИРЛ.

Радикален и штетен, но медиумски експониран

Во последните две недели односно од 20 ноември 2023 до 1 декември 2023 година, Љупчо Палевски – Палчо е вообичаено активен на неговите социјални мрежи, а неговите објави содржински не отстапуваат од она што тој и секојдневно споделува на тема национализам, „патриотизам“, ловење на „предавниците“ на Македонците и слична радикална реторика.

Тој има два лични профила на социјалната мрежа Фејсбук со неговото име и презиме. Едниот профил не е отворен за јавноста и таму последната објава е од јуни месец годинава и се однесува на собирање на петиција за зачувување на името на МПЦ – ОА. Но, на другиот профил каде најчесто ги промовира неговите политички и патриотски ставови тој имал дури 45 објави во последните 15 дена. Ова го опфаќа и период пред исчезнувањето на велешанецот Панче Жежовски и 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје,  за кои Палевски е осомничен дека ги ликвидирал. И во деновите откако јавноста е алармирана за исчезнувањето на двете жртви, Палевски речиси со иста динамика е присутен на социјалните мрежи. Не е забележана негова активност на „Фејсбук“ само еден ден во периодот од 20 ноември до 1 декември, а тоа е токму 27 ноември, денот кога исчезна и е убиена деветтодделенката Вања Ѓорчевска. Меѓутоа, наредниот ден, Палевски продолжува со својот редовен поткаст и овојпат тема му се банки, перење пари.

Во најавата на поткастот тој вели дека ќе дискутира за „банкстери“, кованица која означува банки и гангстери и најавува битка на повеќе фронтови.

„Речиси на секој поткаст тоа се бара од мене, да се прецизира непријателот, да се дефинира, да го утврдиме начинот на кој владее и подоцна да изградиме стратегија за наша македонска борба“, вели Палевски во воведот на емисијата.

Тој во изминативе години поретко се појавуваше во меинстрим медиумите, но гостуваше на телевизијата Алфа во емисијата „Што не е јасно“, на Слободен свет во Контрааргумент, како и на платоформите на Миленко Неделковски, Васко Ефтов, едно гостување на порталот Лидер, а чест гостин беше на емисиите на „Инфомакс.мк“.

Љупчо Палевски гостин во емисија на телевизија Алфа
Љупчо Палевски гостин во емисија на телевизија Алфа

Неговата радикална реторика, говорот на омраза и зборовите како џукела, глупача, идиоти, будала се негов препознатлив печат, дополнети со сценографија која изобилува со „македонштина“, заштитен знак му е вергината, а пред секоја емисија се интонира државната химна.

Пред еден месец, на јутјуб каналот „Трета политика“ кој го води Љупчо Палевски – Палчо, вонредно беше најавен поткастот „КРШмуабети“. Гостин во поткастот му беше Марјан Стаменковски – Доказ, кој во тој период поради здравствени проблеми му беше дозволено да користи еден месец отсуство од издржувањето на затворската казна. Стаменковски кој беше сопственик на порталот „Доказ М“ доби три години и еден месец затвор и 5 000 евра парична казна, а истовремено против него се водеше процес за рекетирање и изнуда, но и за таа предистрага нема сознанија за напредокот Основниот кривичен суд Скопје му ја одреди ваквата казна за пет кривични дела за кои го прогласи за виновен.

Марјан Стаменковски - Доказ гостин на поткастот на Љупчо Палевски
Марјан Стаменковски – Доказ гостин на поткастот на Љупчо Палевски

Домаќинот-водител на „КРШмуабети“, Љупчо Палевски го најави Марјан Стаменковски како негов пријател со кој ќе разговараат за системот, а функционирањето на системот ќе го објаснува токму Стаменковски од позиција на „паталец“. Во најавата, Палевски вели дека колегите новинари на Марјан доказ се одвратни, безобразни и платени и дека никој не се обидел заради себе и заради медиумот каде што работи да објасни што се случувало со обвинението на Стаменковски.

„Јас не сум светец, но системот на државата е тој што го создаде Доказ М“, констастираше гостинот, Марјан Стаменковски – Доказ.

Во разговорите со сите соговорници на ИРЛ се наметна еден ист заклучок: Системот напати го детектирал Палевски како опасност, но секојпат пропуштил да го казни. Сето тоа довело до ескалирање на состојбите и затоа убиствата на Вања од Скопје и Панче од Велес денеска не се само вести од билтенот, туку национална трагедија. Трагедија која заедницата ја чувствува како колективна траума и со нескриен гнев ги критикува политичиките елити кои три децении не испорачаа безбедност и заштита за своите граѓани.

Исправка: : Овој текст беше променет во 7.58 часот на 5.12.2023 година. Реченицата „Тој во изминативе години поретко се појавуваше во меинстрим медиумите, но гостуваше, на телевизијата Алфа во емисијата „Што не е јасно“ и во Радио Лидер, на Слободен свет во Контрааргумент, како и на платоформите на Миленко Неделковски, Васко Ефтов, но и чест гостин на емисиите на „Инфомакс.мк“ е променета во: Тој во изминативе години поретко се појавуваше во меинстрим медиумите, но гостуваше на телевизијата Алфа во емисијата „Што не е јасно“, на Слободен свет во Контрааргумент, како и на платоформите на Миленко Неделковски, Васко Ефтов, едно гостување на порталот Лидер, а чест гостин беше на емисиите на „Инфомакс.мк““. Исправката е со цел да се појасни дека едното гостување на Палевски на порталот Лидер е реализирано во период кога медиумот се уште не е радиодифузер.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.