Press "Enter" to skip to content

„Уривањетo на дивоградбите во Охрид ќе почне во септември, а уривање ќе има и на Матка откако ќе истечат законските рокови за жалби по поднесените барања за легализација на дивите платформи“, Горан Сугарески – министер за транспорт и врски

28.8.2019 година

Уривањето на дивоградбите во Охрид ќе почне во текот на септември, а уривање ќе има и на Матка, но откако ќе истечат законските рокови за жалби по поднесените барања за легализација на дивите платформи, најави во интервју за „Макфакс“ министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Тој вели дека Охрид врши сериозни подготовки на акцијата за уривање.

„Освен тоа што прогласи мораториум за градење Охрид веќе избра фирма која што ќе урива, предвиде средства за уривањето во висина од 1,5 милион денари и прави динамичен план за уривањето. Приоритет ќе имаат дивоградбите во заштитеното јадро и во националниот парк ’Галичица’“, рече министерот Сугарески.

Во Охрид има вкупно 1.076 дивоградби од кои 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот.

Владата на 23 јули донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорача на општините од регионот, Охрид и Струга, да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.

Владата тогаш им препорача на општините Охрид и Струга да изготват и акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Поврзани стории

(ВИДЕО) Локален шериф: Нефи Усеини

(ВИДЕО) Локален шериф: Рамис Мерко

 

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »